Покрај секојдневните интензивни тренинзи дали практикуваш некоја друга спортска дисциплина која ти помага при фокусирањето и пронаоѓање на балансот помеѓу улогата како татко, сопруг, репрезентативец?
Поради големиот број на обврски и строгите правила кои што се дел од мојот професионален договор кој го имам со Бенфика, можам да кажам дека немам многу слободно време. Правилата велат дека изложувањето на дополнителен напор или пак бавење со друга дисциплина е исто така забрането, но за мене постои еден исклучок наречен јога и тоа е строга тајна. Покрај практикување на јога вежби, понекогаш посетувам сауна, каде имам можност целосно да се изолирам од сите секојдневни обрвски. На кратко, спортот е мојот живот и се е подредено на успех во истиот.
Кога и како јогата стана дел од твојата секојдневна рутина? Дали сметаш дека како нација правиме доволно за да расте колективната свест за личниот и духовниот развој?
Со јогата се запознав пред неколку години и мора да кажам дека го дава мирот кој ми е потребен. Покрај духовното исполнување, јогата е дисциплина која нуди и физички предности, како и подобрено функционирање во спортот. Сметам дека јогата кај нас се повеќе го зазема своето место и се надевам дека луѓето ќе се ослободат од стегите на секојдневието и ќе се обидат со јогата.
Како татко на мало бебе, колку сметаш дека родителите имаат влијание врз здравите навики на децата? Дали синот Душан би сакал да го насочиш кон спортот и колку сметаш дека тоа е клучно за физичкото и менталното здравје на една индивидуа?
Секако дека родителите се основата за создавањето на здрави навики кај децата. Без разлика на временските услови, дали е есен или пак зима, ние се трудиме во секоја прилика Душан да го изнесеме на чист воздух. Веќе почнуваме полека да го навикнуваме како е да се живее и да се бави со спорт. Сеуште е мал, меѓутоа откако ќе наполни две години, сакаме да го пратиме на часови по пливање, бидејки тука во Португалија постојат и училишта за пливање специјално за бебиња. Ние ќе сториме се за да го насочиме на здрав и спортски живот. Времето ќе покаже колку ќе успееме во тоа.
‘Проклетството’ на професионалните спортисти е потребата за постојано и добро организирање на своето време. Во моментов си дел од португалскиот тим Бенфика. Покрај честите тренинзи и професионалните обврски, дали таму имаш можност да одвоиш време за слободни активности со семејството во природа?
Искрено, сопругата Николина на почетокот беше збунета поради честите патувања, кусите одмори, долгите тренинзи и краткото слободно време. Во пракса, тоа значеше дека нашиот живот поминува во авиони, аеродроми и хотели. Веќе почнува да се навикнува и мора да ја пофалам дека сега и треба прилично малку време за да се спакува во куферот кога патуваме некаде. Покрај сите обврски ние сме свесни дека Душан е нашиот живот и неговиот развој е наш приоритет. Во моментов сите наши лични потреби се ставени на пауза за да можеме да му посветиме повеќе внимание и да го прошетаме на планина, плажа...
Како реагира сопругата Николина на честите патувања и густата агенда?
На почетокот имаше тешкотии при привикнувањето на густата агенда. Сега веќе знае дека ракометот и спортот се неизбежен дел од нашиот живот и едноставно се приспособи на целата ситуација.
Постои ли нешто кое те релаксира? Што е она кое те исполнува емотивно и духовно?
Добрата книга секогаш делува релаксирачки. Покрај тоа, секој миг поминат со семејството значи релаксација. Бидејки таквите мигови се најчесто ограничени, се трудам да ги искористам максимално.
Дали повеќе преферираш да ги полниш своите батерии на планина или покрај море?
Искрено, поради обврските што најчесто ги имам во овие месеци од годината, скоро петнаесет години не сум бил на планина каде што можам да уживам во снегот. Сепак ја сакам и планината, но го сакам и морето.
Како познат перфекционист, дали постои нешто за кое сметаш дека ти недостасува во животот? Можеби некоја здрава навика која би сакал да биде дел од твоето секојдневие?
Ако почнам да ги набројувам, ќе ми треба многу време...Се шегувам. Се сметам за скромен човек кој го исполнуваат мали нешта. Пред се, за мене најважно е здравјето на моето семејство. Имам една теза во животот по која се трудам да се раководам, и истата вели дека; се што може да се купи со пари, не вреди. Затоа, се што ми преостанува како навика која би сакал да ја заменам е, да јадам помалку чоколадо.
Дали и како се поддржувате и мотивирате со сопругата Николина за негување на здравјето и одржување на добрата и здрава форма на телото? Дали и таа ја дели твојата љубов кон спортските активности?
Николина е дијаметрално спротивен карактер од мене. Таа е студент на правниот факултет во Белград и нејзиниот фокус е насочен на Душан и студиите, што значи дека јас останувам на третото место. Нормално дека ме поддржува во она што го правам и кога времето и го дозволува тоа, знае да отиде до теретана или пак да истрча некој километар низ Лисабон.
Која е твоја омилена кујна? Колку македонските спортисти внимаваат на исхраната и какви се праксите во останатите држави кадешто имаше можност да живееш?
Шпанската и португалската кујна според мене немаат конкуренција и ми се омилени кујни. Во превод тоа би значело дека сум љубител на медитеранската кујна и храна во која се вклучени многу гамбори, октоподи, лигни, риба...Што се однесува до македонските спортисти, мора да признаам дека се повеќе млади спортисти се одлучуваат да инвестираат во својата кариера со тоа што при секојдневната исхрана се консултираат со нутриционисти. Сепак станува збор за мал процент на спортисти кој се надевам дека ќе биде растечки.
Македонскиот народ на списокот „новогодишни желби“ несомнено го додаде и успехот на ракометната репрезентација која во месец јануари ќе пулсира во ритамот на Европското првенство. Дали ‘министерството за одбрана’ и подмладениот состав на репрезентацијата е подготвена за првите предизвици на 2020 година?
Сигурен сум дека желбата на цела Македонија е да постигнеме голем успех и тоа ни дава дополнителен мотив. Од друга страна, сепак треба да сме реални. Точно е дека поседуваме висок квалитет, но европското првенство не е мала работа. Од наша страна можам да ветам огромна борба до последен атом за успехот на нашата Македонија, но би сакал да одиме чекор по чекор и заедно да ги славиме успесите место да избрзуваме со очекувањата.
Велиш дека и најлошиот натпревар е подобар од најдобриот тренинг. Сметаш ли дека тимот имаше доволно подготовка за да ја стекне потребната рутина во играта?
Точно така. Сметам дека она што може да ти го донесе натпреварот, не може да го постигне ниту еден тренинг. Во тој поглед, нашиот последен собир може да го оценам како успешен каде сите ја добија потребната минутажа и шанса. Сега, како селекторот, така и сите ние знаеме каде и што сакаме.
Покрај огромното искуство како дел од големи клубови со врвни организациски постави во земји како Португалија, Германија, Франција и Шпанија, сигурно националниот дух буди посебни чувства. Што најмногу те мотивираше при подготовките за ова Европско првенство?
Не може да се спореди настап на репрезентација и настап со клуб, бидејки кога сте дел од клубот играте професионално, додека кога сте дел од една репрезентација, се игра со сето срце. Верувајте дека ние и да не добиеме финансиска поддршка за тоа, мотивацијата е секогаш иста. Сите сакаме да ја израдуваме нашата Македонија.
Имаше можност да живееш во повеќе држави. Која држава ти остави најубав впечаток и доколку треба да одбереш крајна дестинација на која би го поминал останатиот дел од животот, тоа би било...? Дали на крајот од денот локацијата е клучниот фактор или сепак тоа се луѓето коишто те опкружуваат?
Ја имав таа можност и привилегија да живеам во скоро сите поубави држави во светот но мора да признаам дека некако се чувствувам врзан за Шпанија. Секако дека за ништо не би ја заменил својата земја и по завршувањето на кариерата планирам да се вратам во мојата Македонија!
За детално читање на овој текст, погледнете на 10-12 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2020).
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци