Бојана Стојменовиќ - психолог
СОВЕТУВАЛИШТЕ - МОЈ ПСИХОЛОГ, СКОПЈЕ
|
Крајот на годината е период во кој се соочуваме со нашите успеси и неуспеси, моментите кои не насмевнале и моментите кои не расплакале, шансите кои сме ги пропуштиле, луѓето со кои сме ги споделиле сите тие искуства.
Често пати се прашуваме колку една цела година може да не измени, а само навидум дванаесетте месеци многу бргу изминуваат. Додека едните со насмевка ја дочекуваат новата година подготвени за новите предизвици, другите се обидуваат да ги завршат сите останати работи од предходната во последните неколку денови. За некого предновогодишните празници се волшебна и магична еуфорија, а за некого момент кога искрено мисловно се соголуваме и правиме рефлексија за изминатите месеци.
Кога размислуваме за новата година што следи мисловно впишуваме и еден цел список на желби и цели кои што сакаме да ги реализираме. Некои од нас сето тоа го впишуваат и во личен дневник за да им биде пишан потсетник во текот на целата година. Кога ги поставуваме личните цели од значајна важност е да бидеме сурово реални и искрени спрема себе од аспект на нивната остварливост. Кога поставуваме лични цели не треба да ги заборавиме и клучните ресурси како што се мотивацијата, времето и останати фактори кои не можеме да ги предвидиме. Да земеме на пример дека од наредната година сакаме да воведеме здрави животни навики, голема е веројатноста дека доколку немаме дефинирано на што конкретно мислиме, кога тоа ќе го воведеме и што ќе биде нашето мерило- нашата цел нема да биде исполнета.
Моја препорака е секогаш кон важните работи кои сакаме нашиот живот да го понесат во позитивна насока да пристапуваме внимателно. Првиот чекор е да направиме рефлексија на изминатите неколку години и доколку има, да ја одвоиме целта којашто постојано ја препишуваме во наредната. Тука најверојатно станува збор дека можеби сме ги прецениле нашите можности но можеме и да се запрашаме - дали е ова навистина важно за мене ? Затоа што навистина, нашето его некогаш се лепи за цели кои навистина не ни се важни, а притоа кон нивното неисполнување носиме товар исполнет со обвинување и вина. Мој совет- ако забележите таква, слободно пречкртнете ја. Вториот чекор е да ги поставиме нашите краткорочни цели, поточно оние кои можеме однапред да ги испланираме и веднаш знаеме дека се остварливи, како што се на пример патувањата, семејните прослави, важните животни моменти (дипломирање, ново работно место, принова во семејството и сл.). Кога поставуваме краткорочни цели, се претпоставува дека времето е полесно да го пресметаме и дека оние останати фактори кои би можеле да влијаат можеме во најмала рака да ги предвидиме или минимизираме. Краткорочните цели можеме да ги водиме на дневно, неделно и месечно ниво. Прочитав во една книга дека краткорочните цели се волшебниот пат кон долгорочните цели и јас апсолутно се согласувам со тоа. Доколку нашите долгорочни цели мудро ги сегментираме и ги поставиме како краткорочни, голема е веројатноста дека нашите големи планови ќе се исполнат и нема наредната година да ги пречкртаме.
Од клучна важност во целиот овој процес е нашата мотивација. Луѓето често пати ја губат мотивацијата, а потоа се откажуваат и не се ни обидуваат повторно. Денес многу се зборува за мотивацијата, постојат многу книги, видеа и семинари кои би требало преку ноќ да ни ја кренат мотивацијата и ние да станеме непобедливи. Целиот тој бизнис лежи на билионска заработка, а реалноста е дека сето тоа влијае на нас само во краток временски период. Клучно нешто за нашата мотивација е дека таа е тесно поврзана со смислата којашто ја препишуваме на тоа што го посакуваме. Едноставно е, доколку има смисла нашата цел, нашата мотивација ќе перзистира. И секако, ние сме само луѓе, не сме роботи и не можеме да се програмираме и процесот да тече континуирано без никакви поголеми осцилации. Многу е веројатно дека мотивацијата ќе расте и ќе се намалува, некогаш ќе се запрашате дали сето тоа навистина вреди, а некогаш пак, веќе ќе го вкусувате и вкусот на долгорочната цел. Сето тоа е дел од процесот и не треба да ве плаши. Затоа еве мој предлог кон вас, започнете да водите ваш личен дневник, каде што ќе ги запишувате вашите планови, цели, желби, потоа стравови, дилеми, успеси. Секогаш кога ќе наидете на одредена пречка, пребарајте по страниците на вашиот дневник и потсетете се како сте ја надминале сличната ситуација во минатото. Исто така ќе имате визуелен преглед на сето тоа што некогаш во некој декември сте си го посакале за себе за наредната година.
Важно е да знаеме дека една година може да биде многу богата со искуства, а ние треба паметно да ги искористиме тие 12 месеци. Излегување од комфорната зона, флертување со предизвиците, намигнување на неуспесите, игра со стресот - сето тоа нека биде присутно, но не заборавајте и на себе и на вашето ментално здравје. Во вашите краткорочни и долгорочни цели запишете и дека грижата за себе е важна. Трката кон желбите знае да биде брза и енергична, а само ние сме лично одговорни за моторот кој нас не придвижува.
За детално читање на овој текст, погледнете на 14-15 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2020).