Фармацевти
Контакт

<< Назад

Зимскиот распуст е одлична можност за дружење со вашето дете

јануари 1, 2020



|

Зимскиот распуст  е одлична можност за дружење со вашето дете

Препораките за активности на отворено и прошетките во природа како за останатите годишни времиња се однесуваат и на зимскиот период. Сепак, повеќето родители поради одредени причини како што се загаден воздух и страв од настинки, ја избегнуваат оваа навика. Доколку и вие сте еден од нив, сигурно се прашувате како може да го анимирате вашето дете за време на зимскиот распуст оддалечувајќи го од дигиталните играчки како таблет или пак мобилен уред.

Квалитетното поминато време со вашето дете означува формирање на заеднички спомени и споделување среќа, која ќе придонесе за неговиот здрав развој. Покрај тоа што ќе му дадете чувство на слобода при меѓусебната комуникација, постојат одлични начини на заедничка забава во домашна атмосфера. Еве неколку идеи со кои што ќе ја зацврстите врската дете - родител и ќе ги развиете неговите комуникациски вештини.



Гответе заедно

Една од најубавите заеднички активности коишто може да ги направите со вашето дете е готвењето. Додека надвор владее ладното време, топлата атмосфера во вашиот дом збогатете ја приготвувајќи некои од неговите омилени јадења или пак направете колачи во форма на зимските декорации, ѕвончиња, снегулки... Забавувањето додека меси или пак украсува јадење е загарантирано. Пофалете го за неговите вештини и објаснете му колку е важно да се работи тимски. Валканите алишта или растурената кујна никогаш не вредат повеќе од среќата на неговото лице. Секако дека може да го вклучите и во чистењето на нередот, со што ќе му помогнете при осознавање на своите одговорности.

Запознајте го со игрите од вашето детство

Се сеќавате на игрите што ги игравте додека бевте мали и поради непостоењето на дигиталните играчки, измислувавте нови форми и начини за забава? На пример, може да играте игри со зборови како што е ‘топло-ладно’ или пак да ги предизвикате неговите знаења за општа култура со поставување прашања за градови, држави или пак некое животно.

Охрабрете го да танцува како што сака

Во мигови кога вашето дете нема начин за да ја искаже неуморната енергија, едноставно пуштете му музика и охрабрете го да танцува онака како што сака. Придружете му се и танцувајте заедно. Прашувајте го како се чувствува и која песна повеќе му се допаѓа. Покрај тоа што ќе придонесете за неговата физичка активност, ќе ја засилите неговата самодоверба.

Помогнете му да ја развие својата фантазија со домашно тесто

Нема потреба да купувате пластелин за да правите форми заедно. Пригответе домашно тесто кое потоа може да го обоите. Покрај тоа што ќе бидете сигурни за тоа дека се забавувате со безбедни состојки, ќе ја развиете ситната моторика на вашето дете. Може да правите различни форми и да зборувате за истите. Доколку правите сонце, објаснете му за промените како ‘ден’ и ‘ноќ’ или пак запознајте го со планетите...Веруваме дека во секое време во домот ќе најдете малку брашно, сол и масло, затоа, не чекајте. Разбудете ја неговата бујна фантазија и дружете се.



Организирајте зимски ноќи на филмот

Уште една одлична зимска активност во домашни услови е гледањето новогодишни или пак божиќни филмови. Додека гледате, поставувајте му прашања кои ќе го поттикнат да го искоментира тоа што го гледа. Сигурно ќе најдете содржини корисни за развојот на вашето дете и ќе го научи да ги вреднува семејните вредности. Разменувајте идеи и проширете ги неговите хоризонти. Зборувајте му за различните култури и навики.

За детално читање на овој текст, погледнете на 26-27 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>