Фармацевти
Контакт

<< Назад

Неинванзивно пренатално тестирање

февруари 1, 2020

|

биолог, Дона Коцевски
ГЕНОМИКС, СКОПЈЕ



Неинвазивото пренатално тестирање - НИПТ (NIPT, noninvasive prenatal testing), понекогаш нареченo „неинвазивен пренатален скрининг − НИПС“ (NIPS, noninvasive prenatal screening) претставува метод за одредување на ризикот од присуство одредени генетски абнормалности кај фетусот. Со овој тест се испитуваат мали фрагменти на вонклеточна ДНК (cfDNA, cell-free DNA) кои циркулираат во крвта на бремената жена. Овие мали фрагменти можатда бидат составени и од помалку од 200 базни парови (bp) и потекнуваат од клетки кои умираат и се распаѓаат, при што нивната содржина, вклучелно и ДНК, се ослободува во крвотокот на бремената жена. За време на бременоста, во крвта на мајката се наоѓа мешавина на вонклеточна ДНК која потекнува од нејзините сопствени клетки и од клетките од плацентата, која е идентична со ДНК на фетусот. Според тоа, анализата на вонклеточната ДНК од плацентата во мајчината крв дава можност за рано неиванзивно откривање на генетските абнормалности, односно без ризик да му наштети на фетусот. Бидејќи со НИПТ се анализира вонклеточната ДНК и од фетусот и од мајката, тестот исто така може да ги открие и генетските нарушувања кај мајката.

НИПТ најчесто се користи за откривање хромозомски нарушувања - анеплоидии: Даунов синдром (трисомија 21), Едвардов синдром (трисомија 18), Патау синдром (трисомија 13), анаплоидии на Х и Y хромозомите(како што се: Тарнеров синдром (моносомија Х), трисомија Х (ХХХ), Клинефелтеров синдром (XXY), Јакобсов синдром(XYY)) и Триплоидија. Освен на цели хромозоми, со НИПТ може да се направи и скрининг на дополнителни хромозомски нарушувања кои се предизвикани од делеции или дупликации на делови на хромозоми, како што се: Ди Џорџов синдром (микроделеција 22q11.2), синдромот „кри ду ша“ (5q делеција), синдромот Прадер-Вили (15q делеција), Ангелманов синдром (15q делеција)и др. Покрај ова, со НИПТ-тестот може да се изврши и за рано откривање на полот на детето, што може да биде важно при генетско советување за наследни моногенетски болести поврзани со хромозомот Х. Во поново време, НИПТ почнува да се користи и за тестирање на генетските нарушувања коишто се предизвикани од промени (варијанти) во единечните гени. Со подобрување на технологијата и намалување на трошоците за генетско тестирање, се смета дека НИПТ ќе овозможи откривање на многу различни генетски состојби.

НИПТ се препорачува во определени случаи, како на пример:



НИПТ е скрининг-тест, што значи дека нема да даде дефинитивен одговор за тоа дали фетусот има генетско-нарушување или не. Тестот може само да покаже дали ризикот за одредени нарушувања е зголемен или намален. Точноста на тестот е висока, но не изнесува 100%. Исто така точноста на тестот варира и во зависност од типот на нарушување и од методот што се користи за откривање на генетските абнормалности. При советувањето на мајките што го направиле овој тест, важно е да се напомене дека негативниот резултат не ја исклучува можноста од постоење други генетски заболувања. Имено, со НИПТ се анализираат само одредени хромозоми и региони од хромозоми, па според тоа не се исклучуваат можни нарушувања на хромозомите што не се анализирани, други наследни генетски состојби или здравствени проблеми. Дел од овие здравствени проблеми, како на пример нарушувања кај внатрешните органи, срцето, дефекти на неуралната туба и сл., можат да се детектираат со ултразвук, па според тоа тестирањето со НИПТ не треба да го исклучува скринингот со ултразвук.

За да може да се изведе НИПТ потребно е да има доволно фетална вонклеточна ДНК во крвотокот на мајката. Пропорцијата на фетална вонклеточна ДНК која доаѓа од плацентата во крвта на мајката се нарекува „фетална фракција“. Општо земено, за успешно изведување на тестот, феталната фракција мора да биде над 2,8%, што обично се случува околу десеттата недела од бременоста. Ниската фетална фракција (под 2,8%) освен тоа што може да доведе до неможност да се изврши тестот, исто така може да биде причина за лажен негативен резултат. Постојат повеќе причини кои можат да доведат до ниска фетална фракција: тестирање пред деветтата недела од бременост, грешки во земањето на примерокот, висок БМИ на мајката и во ретки случаи, присуство на фетална абнормалност.

Постојат повеќе техники на НИПТ. Основниот метод за одредување хромозомски анеуплоидии е масовно паралелно секвенционирање на регионите од интерес – МЕТОД НА БРОЕЊЕ  (COUNTING METOD), нивно подредување според референтен геном и броење на сите фрагменти на вонклеточната ДНК без нивно раздвојување (и фетални и мајчини). Ако процентот на фрагменти на вонклеточната ДНК од секој хромозом е во рамки на очекувањата, тогаш фетусот има намален ризик да има хромозомско нарушување (негативен резултат од тестот). Ако процентот на фрагменти на вонклеточната ДНК од одреден хромозом е поголем од очекуваното, тогаш фетусот има зголемена веројатност да има состојба со трисомија (позитивен резултат од тестот).

Во поново време, развиени се методи кои овозможуваат точно утврдување на потеклото на вонклеточната ДНК преку одредување на еднонуклеотидни полиморфизми (SNPs) – ЦЕЛНО СЕКВЕНЦИОНИРАЊЕ (TARGETED SEQUENCING). Со овие тестови многу поточно се одредува ризикот од анеплоидии, особено при бременост со близнаци и триплоидија која не може да се открие со стандардните НИПТ-тестови.

Точноста на тестот зависи од неговата сензитивност и специфичност. Сензитивноста укажува на тоа со колкава точност  може тестот да ги открие вистинските случаи со зголемен ризик како позитивен резултат, додека специфичноста укажува на тоа со колкава точност може тестот да ги открие вистинските случаи со низок ризик како негативен резултат. Генерално, сите комерцијално достапни тестови се одликуваат со висока специфичност (99.9 - 100%), додека сензитивноста се разликува во зависност од методот на обработка на примерокот. Тестовите кои се засноваат врз откривање на еднонуклеотидните полиморфизми – ЦЕЛНО СЕКВЕНЦИОНИРАЊЕ генерално се одликуваат со повисока сензитивност.

Позитивната предиктивна вредност (PPV) укажува на веројатноста плодот да има хромозомска абнормалност доколку тестот е позитивен, односно процени висок ризик, додека негативната предиктивна вредност (NPV) укажува на веројатноста плодот да нема хромозомска абнормалност доколку тестот биде негативен, односно процени низок ризик. Овие две вредности зависат од сензитивноста и специфичноста на тестот, но исто така зависат и од други варијабли, како што е возраста на мајката односно преваленцата на испитуваното хромозомско нарушување во популација на жени со таа возраст.

НИПТ се смета за скрининг-тест, односно позитивен резултат во кој било случај не значи дефинитивна потврда дека плодот има хромозомско нарушување, туку укажува на потребата од понатамошно тестирање (наречено дијагностичко тестирање) за да се потврди резултатот. Дијагностичкото тестирање вклучува инвазивни пренатални тестови како што се амниоцентеза или биопсија на хорионски вили (CVS, chorionic villus sampling). Овие тестови, иако се инвазивни, даваат дефинитивна потврда за хромозомското нарушување.


Генетското советување е многу важен дел од процесот на донесување одлука на пациентот за кој тест да се одлучи и која е разликата во тестовите достапни на пазарот.


За детално читање на овој текст, погледнете на 6-7 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>