|
Виното − лек или отров?
Повеќе од само алкохолен пијалак - вино
Виното е алкохолен пијалак добиен со ферментација на грозје - плод на лоза, кој е многу здрав за организмот. Грозјето расте во кластери од 15 до 300, може да биде црвено, црно, темносино, жолто, зелено, портокалово и розево. „Белото“ грозје всушност има зелена боја и потекнува од пурпурното грозје. Мутација во двата регулаторни гени на белото грозје исклучуваат создавање антоцијанин, кој е одговорен за бојата на пурпурното грозје.
За производство на вино најчесто се користи бело или црно грозје, исклучиво со целосна или делумна алкохолна ферментација на свежо грозје, изгмечено или не, или на шира од грозје. Виното најчесто се прави од еден или повеќе европски видови на винова лоза како „пино ноар“, „шардоне“, „каберне совињон“, „бургундец“ и „мерло“. Во некои други делови на светот, зборот „вино“ може да се однесува и на алкохолен пијалак добиен од друг тип овошје. Овие вина со едно име се нарекуваат „овошни вина“, или пак носат име според плодот кој се користел за нивно добивање (пример, јаболково вино или вино од малини).
Во споредба со другото овошје, грозјето, а со тоа и виното, е неколкупати побогато со полифеноли како и флавоноиди, антоциани и проантоцианиди, чиешто антиоксидантно делување е потврдено во многу медицински студии. Најзначајни се: резверотролот (го смалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања), кварцетин (има антиканцерогено дејство), епикатехин (ги лови слободните радикали) и катехин (спречува згрутчување на крвта.), а некои како рутинот ги зајакнува ѕидовите на крвните садови. Нивното позитивно дејство се потенцира само во благ раствор од алкохол и умерена консумација.
„Виното е најкорисно од сите пијалаци, највкусно од сите лекови и најздраво од сите храни“ истакнал филозофот Плутарх (45 – 125г. п.н.е.)
Благодарение на овие состојки, виното бргу влегува во крвотокот и делува низ целото тело. Доколку виното се консумира во умерена количина може да влијае и позитивно, односно да влијае на дигестивниот систем, да го забрза лачењето на ензимите, да помогне при варењето на храната, но исто така ги шири и крвните садови, подобрувајќи го така крвотокот, а со тоа и дишењето. Според некои научници, висококвалиотетно вино консумирано во умерена количина ѝ влијае дури и позитивно на кожата, затоа што ја подобрува периферната циркулација.
Во виното се содржани и микро и макроелементи, како што се незаменливите аминокиселини, витамините А, Б1, Б6, Б12 кои се значајни за метаболизмот на човекот, фолната киселина (која учествува во создавање на крвните станици), како и витаминот Ц, особено во младите вина. Од минералите присутни се: калиум, натриум, калциум, магнезиум, железо, манган, цинк, бакар, јод, фосфор и хлор. Од концентриран сок од грозје се произведува густо вино, или во народот познато како „маџун”, коешто е доста корисно за организмот како прехранбен производ.
Сите овие позитивни феномени многу лесно може да станат штетни доколку се зголеми дозата на консумирање. Најчесто, кај лицата кои консумираат прекумерна количина на вино, настанува оштетување на мозочните клетни, висок крвен притисок, постои ризик од заболување, цироза, на црниот дроб, покачено нивото на шеќер во крвта, мозочен инфаркт, ризик од полиневропатија. Континуираното пиење алкохол, но и на вино како пијалак, може да предизвика зависност. Зависноста од алкохол е ризична во однос на сите социјални, персонални и соматски последици.
Според Светската здравствена организација, препорачана дневна доза вино за консумација е 2 чаши (0,3 л) за машкиот пол и една или една и пол (0,2 л) чаши за женскиот пол. Препорачливата количина алкохол во вината е околу 10 до 11%.
Во продолжение се дадени неколку интересни факти поврзани со виното:
- Дали сте знаеле дека белото вино ја вади дамката настаната од цвено вино? Да, доколку некогаш ви се истури црвено вино, веднаш местото убаво натопето го со бело вино и ќе видите како дамката „магично“ ќе исчезне.
- Во шише од 750 мл има 4,5 чаши вино
- Во светот постојат повеќе од 000 видови винови лози
- Вкусот и мирисот на виното зависат од температурата на која се служи
- Отворено шише вино ставено во ладилник може да се користи од два до четири дена
- Една чаша вино содржи од 80 до 100 калории
- Во урнатините на Титаник се наоѓа најстарата винарска визба на светот
- Просечната старост на дабовите дрва од кои се изработуваат бурињата за скалдиање вино во Франција изнесува повеќе од 170 години.
- Италија и Франција се лидери во производството на црвено вино, додека, пак, Шпанија е најголемиот производител на бело вино.
- Наздравувањето/здравицата како обичај потекнува од стариот Рим. Овој метод се користел за да се осигураат кралевите дека никој не се обидува да ги отруе. Оваа традиција започнала претходно уште во античка Грција – кога домаќинот ја пиел првата чаша вино за да им покаже на гостите дека нема намера да ги отруе.
- Во антички Рим, пак, на жените им било забрането да пијат вино. Ако сопругот ја начека својата жена да пие вино, имал право, според законот, да ја убие.
- Египет била античка цивилизација каде што не се пиело вино. Античките Египќани биле против пиењето на овој пијалак, бидејќи сметале дека црвената боја на виното е крвта од човекот кој пробал да се бори со божествата и не успеал.
- Секогаш чувајте ги шишињата со вино наопаку, освен ако не користите тапа од вештачки материјали. Доколку ги чувате исправени, ќе дојде до сушење на тапата и нејзино собирање, поради што во шишето може да влезе воздух
- Фрижидерот не е идеално место за чување вино. Најдобро е виното да се чува на мирно, темно и студено место, со доволен процент на влажност (70 - 75%).
- Светскиот шампион кој може да препознава вино по мирис бил прогласен во 2003 година. Ричард Јахлин од Шведска препознал 43 вина од 50. За споредба, освојувачот на второ место препознал само 4.
- Доколку сте тип на личност кој сака екстремен живот и вино и доколку некогаш го посетите Виетнам, задолжително пробајте кобра вино. Овој екстремен пијалак се состои од оризово вино, со додаток крв од кобра убиена на лице место. По желба, во пијалакот може да се додаде и срцето на кобрата.
- Во САД, во период од речиси 14 години (1920 - 1933) имало забрана за производство на алкохол, но производителите на концентрат од гроздов сок ја искористиле големата страст за пиење кај Американците и на своите производи лепеле големи налепници со предупредување на кои пишувало „Откако ќе го измешате концентратот со вода, ве молиме да не го чувате 20 дена во дрвени буриња – бидејќи ќе се претвори во вино.“
- Постои и фобија од вино, која се нарекува оенофобија и навистина има луѓе кои страдаат од неа. Тоа е фобија која предизвикува страв, особено при одење во ресторани, барови и слично.
За детално читање на овој текст, погледнете на 14-15 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2020).