Фармацевти
Контакт

<< Назад

И ним им е ладно

февруари 1, 2020

|



Миленичињата се почувствителни на студеното време од луѓето. Содавањето топло опкружување за вашето милениче, внимавањето на идеалната домашна температура и редовното внесување витамини се неколкуте клучни заштитни мерки за време на овие студени месеци.

Избегнувајте ги прошетките кога времето е премногу студено. Доколку секојдневните прошетки се ритуал од кој не сакате да се откажете, не задржувајте се надвор премногу долго. Кога ќе се вратите дома,  натопете мека крпа во млака вода и избришете му ги шепите, ушите и носето на вашето милениче за да може да се затопли.

Не менувајте ја собната температура многу често, бидејќи честите промени на температурата ќе имаат негативно влијание врз нив. Исто како и луѓето, и милениците може да настинат од студеното време, да имаат болки во грлото, да се чувствуваат изнемоштени, дури може и да се разболат од честите сезонски заболувања, како што е грипот. Доколку имате определено посебна просторија во која вашето куче или маче ги врши секојдневните потреби и доколку таа просторија е постудена од останатите, водете сметка да не се задржува таму подолго време.

Идеалната температура за вашето милениче е најмалку 22 степена, истата којашто е идеална за чување на нивната храна и вода. Важно е да знаете дека премногу студената вода за пиење на вашето милениче може да предизвика инфекции на грлото.

Не изоставувајте ја калоричната храна доколку вашето куче живее надвор во куќичка. Таа ќе му помогне да ја зачува телесната температура и да ја задржи неговата енергија. Покрај храната, секогаш внимавајте на опкружувањето во кое живее вашето милениче. Оставете му некаква прекривка, мало ќебе и ставете му му топла подлога, која ќе го одвои од студениот под.

Ако за време на летото го потстрижавте вашето милениче, сега веќе пораснатиот слој влакна ќе му помогне во задржување на телесната температура. Редовното чешлање на влакната исто така е важно, бидејќи на тој начин ќе има густ и цврст заштитен слој. Може да го облечете со соодветно парче облека за миленици или пак доколку го намокри крзното, треба веднаш да го исушите.



Внимавајте на знаците

Доколку ги забележите следните промени кај вашето милениче за време на зимската прошетка, веднаш консултирајте се со вашиот ветеринар. Ако миленичето почнува да се тресе, да го забавува своето движење, да се загледува наоколу и изгледа изнемоштено, веднаш однесете го во топла просторија.

-------------------------------------------------------------

Не заборавајте редовно да ја одржувате влажноста во просториите каде што се движи вашето куче или, пак, маче. Редовното капење нека биде што е можно поретко, бидејќи масниот слој на нивната кожа е она коешто ги заштитува од студот.

Без оглед на сезоната, ако времето е студено за вас, студено е и за вашето домашно милениче и вие треба да ги преземете сите мерки на претпазливост со цел да го заштитите.

За крај, не заборавајте ги уличните миленичиња што живеат надвор во овие студени денови. Најчесто мачињата знаат да се скријат и се затоплуваат во близина на моторите на автомобилите, затоа бидете претпазливи и обрнете особено внимание пред да го стартувате автомобилот. Она што можете да го направите за милениците на улица е да оставите малку храна и вода во близина на парковите, или пак да оставите старо ќебе доколку забележите дека во вашето опкружување има мачиња или кучиња кои постојано се движат на истото место.



За детално читање на овој текст, погледнете на 32 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>