Фармацевти
Контакт

<< Назад

Пролетен замор

март 1, 2020

|

дипломиран фармацевт Душица Серафимовска
АПТЕКА ДУШИЦА ФАРМ, ТЕТОВО



По долгата зима следува несомнено најубавиот период од годината – пролетта. Период  во кој почнува сè да се буди во вистинска смисла на зборот. Период во кој се случуваат промени, како во природата, така и во човековиот организам.

Пролетта по некое непишано правило е годишно време кога сите сме добро расположени, се чувствуваме поисполнето, поживо и со насмевки на лицето. Но, за жал, секојдневието во аптека ни покажува дека не секогаш е така и не кај секој од нас. Понекогаш долгата зима, придружена со чести настинки, грипови и вируси, знае целосно да го исцрпи човековиот организам.

Знаеме и свесни сме дека во зима се внесува помалку свеж зеленчук и овошје, кои се клучен фактор во одржувањето на благосостојбата и имунитетот на човековиот организам. Загадениот воздух кој сè повеќе нè гуши и опседнува, исто така, е ризик-фактор кој и тоа како влијае на сите нас. И кој е крајниот исход? Зимата заминува, а ние чувствуваме пролетен замор. Еве неколку симптоми: исцрпеност, вртоглавица, мачнини во пределот на желудникот. Потешко се будиме и наутро сме пораздразливи, апатични, без доволно концентрација, желба и енергија да ги извршиме секојдневните обврски. Сето тоа доведува до проблеми кај нас самите, но и во околината во која работиме и функционираме.

Сигурно се прашувате што го предизвикува сето ова? Се разбира, нашите хормони. Студеното време создава во нашиот организам една состојба каде што телесната температура се намалува, крвните садови се стегаат, се зголемува крвниот притисок. Секако се зголемува и нивото на хормонот мелатонин, кој го поддржува сонот ипридонесува за неговото подолго траење. Во пролет се случува спротивното. Температурата расте, крвните садови се шират, крвниот притисок опаѓа. Телото го намалува производството на хормонот мелатонин, а се зголемува создавањето на сератонинот – хормон на добро расположение и среќа. Како резултат на овие промени се случуваат симптомите на пролетен замор кои траат две до три недели, додека не се воспостави хормоналната рамнотежа.

Како да го олесниме овој период? Како да си помогнеме себеси?

Првиот чекор што треба да го направиме е да го промениме начинот на исхрана. Да внесуваме повеќе свежо овошје, зеленчук, топли пилешки и зеленчукови супи. Повеќе свежо подготвена храна богата со железо и витамин Ц. Доколку немаме доволно време за секојдневна подготовка на здраво мени, може слободно да користиме додатоци во исхрана кои навистина се мултикомплексни и содржат витамини и минерали во точно одредени концентрации приспособени на нашиот организам. Да вежбаме, да одвоиме време за себе барем 10-12 минути наутро. Да поминуваме повеќе време со своите најмили на сонце, во природа, покрај езеро, планина, на чист воздух. Сето ова ќе придонесе да си го зајакнеме имунитетот, кардиоваскуларниот систем, полесно да се приспособиме и да го победиме пролетниот замор.

И за крај, бидете позитивни! Радувајте се на секој сончев ден. Мавнете ѝ на зимата со љубов и препуштете ѝ се на пролетта!

За детално читање на овој текст, погледнете на 8 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАРТ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>