|
проф. д-р Ацо Димов
ПРИВАТНА ОПШТА БОЛНИЦА РЕМЕДИКА, СКОПЈЕ
Најчести кили на предниот стомачен ѕид во новороденечка и детска возраст се препонската (ингвинална) кила и папочната кила.
Ингвинална (препонска) кила
Ингвиналната кила претставува најчеста причина за консултација со детски хирург, а корекцијата е една од најчесто изведуваните операции во детската хирургија. Кога зборуваме за ингвинална хернија кај дете станува збор за вродена или индиректна хернија, додека директните хернии се исклучително ретки.
Причина и механизам на настанување на ингвиналната кила.
За време на интраутериниот живот, во третиот лунарен месец, се формира дипла од стомачната марамица во форма на канал (на латински јазик processus vaginalis peritonei) и заедно со неа тестисите се спуштаат кон скроталните кеси. Тсстисот се симнува на своето место во скроталното кесе на крај на 7. лунарен месец. Ако каналот од стомачната марамица не се затвори, може да се формира хидроцела - “водена кила“, фуникулоцела или хернија (Сл. 1). Хидроцелата може да биде: а) комуникантна ходроцела кога калибарот на каналот е тесен и низ него може да минува само течност од стомачната празнина, но не и цревни витки и б) скротална или некомуникантна хидроцела, кога горниот дел од каналот се затвора, а само околу тестисот има течност. Фуникулоцелата е состојба кога каналот е затворен во горниот и долниот дел, а опстојува само една изолирана топчеста формација исполнета со течност. Вродената препонска кила (ингвинална кила) настанува кога дел од стомачната содржина ќе влезе преку незатворениот канал. Ако килната ќеса има поголем отвор (врат на килната кеса) можно е да се протури дел од стомачната содржина: тенко црево, дебело црево, јајник и др.
Аналогно на перитонеалниот процесус кај девојчињата, препонските кили настануваат кога стомачна марамица т.н. канал на Nuck останува прооден и се полни со течност или дозволува да се спушти јајникот во ингвиналната регија.
Килата се сосотои од: врат (место каде килата минува низ препонскиот канал), килна кеса и содржина на килната кеса.
Колку често е застапена препонската кила ?
Ингвинална кила е најчест тип на кила во детската возраст. Перотонеалната кесичка која е проодна веднаш по раѓањето може да се затвори, но шансите се намалуваат со возраста на детето.Факторите кои го диригираат затворањето на перитонеалната кесичка се недоволно јасни. Постојат одредени состојби кои се асоцирани со зголемено појавувањена ингвиналната кила како што се: предвреме породени деца, крипторхизам (скриен естис), сврзноткивни нарушувања, цисична фиброза, дефекти на предниот стомачен ѕид и др. Инциденцата, или честотата кај децата родени во термин се движи од 3 до 5 отсто, додека кај предвреме родените се движи од 10 до 30 отсто. Позитивна семејна анамнеза има кај 11,5 проценти од случаите. Односот машки спрема женски изнесува пет до десет спрема еден. Десностраните кили се среќаваат почесто отколку левостраните бидејќи десниот тестис се спушта подоцна од левиот, така што десната перитонеалната кеса исчезнува подоцна. Односот деснострана спрема левострана спрема обострана изнесува 3 спрема 2 спрема 1.
Како се препознава препонска кила ?
Препонската кила се манифестира со “оток“ (подуетина) во едната или двете препонски регии, кој може да се спушта во скроталната кеса (Сл. 2). Обично не предизвикува субјективни потешкотии кај детето, а се потенцира кога детето плаче, кашла или кога игра. Обично први го забележуваат родителите или педијатарот при рутински преглед. Отокот се враќа спонтано или со манипулација под притисок.
Најчеста компликација на ингвиналните кили во детската возраст е вкклештување (инкарцерација) на килата. Инциденцата на вклештувањето е варијабилнаи според повеќето студии се движи од 12 до 18 %. Кај деца помали од два месеци и кај прематурусите, инциденцата е поголема и изнесува околу30%. Инкарцерацијата се помалку се сретнува над двегодишна возраст.
Кога се препорачува хируршко лекување ?
Земајќи ја предвид етиологијата на конгениталната ингвинална кила и скромната можност да се повлече спонтано, а со оглед на високиот ризик за инкарцерација (вклештување), јасно е дека единствен прифатлив модалитет на третман е хируршката интервенција. За здравите доносени доенчиња, како и за поголемите деца, елективната хируршка интервенција се изведува непосредно по поставувањето на дијагнозата. Кај предвреме родените деца (кај кои ризикот од вклештување е трипати поголем), повеќето центри имаат став дека децата во добра општа состојба со асимптоматска хернија треба да се оперираат елективно штом достигнат телесна маса од 2 килограми. Временскиот опсег за репарација на инкарцерираната кила е друга важна точка и зависи од полот на пациентот и содржината во хернијата. Кај девојчињата најчеста инкарцерирана структура која неретко не може да се репонира е јајникот од соодветната страна. Вака вклештениот јајник е изложен на голема опасност од увртување и престанок на циркулација на крв во него. Оваа ингвинална кила треба да се оперира релативно брзо. Кај машките деца со вклештена кила ако не успее обидот за репозиција веднаш се поставува индикација за хируршка интервенција.
Папочна кила
Папочната или умбиликална хернија претставува минимален дефект којшто се јавува во умбиликалната регија. Настанува поради грешка во доближувањето и спојувањето на структурите на предниот стомачен ѕид.
Колку ччесто се јавува папочната кила?
Папочната кила е втора по зачестеност тип на хернија по ингвиналните кили во детската возраст. Според британската статистика (The British Hernia Centre), секое петто дете има папочна кила. Обата пола се подеднакво засегнати. Папочните хернии се почести кај прематурусите (предвреме породени), деца со Даунов синдром, а постои и семејна компонента.
Кога се препорачува хируршко лекување?
За разлика од ингвиналната хернија, умбиликалната хернија е ретко асоцирана со големи компликации. Поради тоа хируршкото лекување со одлага по навршување на втората година од животот. Исклучок од ова правило е голем умбиликален дефект (поголем од 2 сантиметри) бидејќи веројатноста за спонтано коригирање е скоро неможна.
За детално читање на овој текст, погледнете на 14-15 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2020).