Фармацевти
Контакт

<< Назад

Вежби по породувањето

април 1, 2020

|



Вежби по породувањето

Физичката активност е корисна навика во секој период од животот. Особено во периодот по  породувањето, спортот го подобрува како физичкото, така и менталното здравје на родилката. Она што е важно е дека пред да започнете со  каква било активност  потребно е да се советувате со вашиот лекар кој ќе ви даде стручно мислење за состојбата на вашето тело, бидејќи не секое тело е доволно подготвено за таков вид на промена.

Кога да започнете?

Дајте си време. Откако ќе се почувствувате подготвени, одредете си едноставна програма за вежбање која ќе биде соодветна на вашата физичка подготвеност. Вежбите за кои  ќе се одлучите нема потреба да бидат со висок интензитет и потребно е да ви одземаат мал дел од  денот. Запомнете дека степенот на вежбите треба да биде во постепен раст, исто како што е и „будењето“ на вашето тело.

Балансираниот начин на исхрана, адаптацијата во постпородилниот период, проследен со лесни физички активности е идеалниот баланс кој е потребен за вашиот организам. Не принудувајте го телото да се става под притисок, за кој  подоцна може да жалите. Напорните вежби ќе дејствуваат лошо на вашите мускули и ќе влијаат на вашите емоции, бидејќи ќе се чувствувате дека не сте доволно добри и здрави. Ниту еден тренинг не дава резултати преку ноќ. Затоа, во деновите кога грижата за вашето  дете ви одзема голем дел од времето, кусите паузи искористете ги за едноставни вежби или, пак, за прошетки во природа. Покрај лесните вежби за затегнување на стомачната мускулатура, потребно е да правите вежби за циркулација на нозете, вежби за длабоко дишење и опуштање на стапалата. Сите овие вежби покрај тоа што ќе ве размрдаат, позитивно ќе дејствуваат и на работата на дебелото црево кое влијае на создавањето  гасови.

Избегнувајте ги аеробните вежби, како и вежбите  што вклучуваат скокање и лежење на стомак. Тоа се вежби што може да ви наштетат во постпородилниот период. Доколку сте се породиле со царски рез, периодот на заздравувањеможе да трае малку подолго. Затоа дајте му време на своето тело за да заздрави.



Кегелови вежби

Во 40-тите години на минатиот век  американскиот гинеколог Арнолд Кегел, со цел да го спречи истекувањето на урината, развил нехируршки метод и го измислил инструментот за мерење на мускулна сила на карлицата, наречен пегенометар Кегел.

Поради фактот што мускулите на карлицата се најважни за контролирање на мочниот меур и цревата, важно е да бидат доволно силни. Вежбите на Кегел се засноваат на контракција и релаксација на мускулите во долниот дел од карлицата. Станува збор за многу практични вежби,  бидејќи може да се изведуваат насекаде и буквално во  кое било време. Постојат многу фактори кои  ја слабеат мускулатурата на карлицата, меѓу кои и породувањето. Од останатите фактори може да се издвојат: прекумерната телесна тежина, хроничната кашлица или, пак, оперативна интервенција на мочниот меур.

Вежбите се изведуваат со притискање на долниот дел од карлицата, како да сакате да го прекинете мокрењето и  таа состојба се задржува неколку секунди. Повторувајте ја вежбата со стегање и релаксирање неколку пати и  правете ја во неколку периоди од денот.

Препорачливо е жените да легнат на грб со свиткани колена и раширени нозе. Со помош на нозете подигнете ја карлицата  нагоре, вовлечете го долниот дел од стомакот, задржете неколку секунди и потоа притиснете ја карлицата на земја. Оваа вежба повторете ја неколку пати и контролирајте го дишењето.

Кегеловите вежби се важни како во постпородилното заздравување, така и за време на бременоста. Трудниците кои имале проблеми со задржување на нагонот за уринирање за време на бременоста, потребно е да продолжат со истите вежби и по породувањето.

За детално читање на овој текст, погледнете на 21 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>