Фармацевти
Контакт

<< Назад

Развој на детската самостојност

јуни 1, 2020

|

проф. д-р Слаѓана Ангелкоска
психолог



Секој родител сака и настојува неговото дете да биде среќно, за да го постигне тоа родителот е подготвен  да се откаже и од својата среќа. За да биде детето среќно, тоа  треба да се научи да доживува радост и оптимистички да гледа на животните проблеми.

Луѓето често во својот живот запаѓаат во непредвидени ситуации во кои треба да се снајдат, во кои треба да донесат брза и непоколеблива одлука за одредена работа. Во такви ситуации се снаоѓаат само луѓе кои се самостојни и сигурни во себе и во своите одлуки.

Самостојноста е една од најважните особини во животот на сите луѓе, таа треба да се развие и да се негува кај децата уште од најмала возраст. Самостојноста е една од основните карактерни особини кај секој човек.

Како што детето се раѓа со способност за развој на говорот, како што таа способност треба да се развива и да се негува, така е и со развојот на самостојноста. Дали детето ќе ни биде самостојно или не зависи од тоа дали сме му овозможиле да ја развие таа самостојност.

Секој родител треба да го познава своето дете и неговите потреби, способности и интереси. Родителот треба да знае дека кај детето од најраната возраст  постои потреба за самостојност и дека таа самостојност треба да се негува. Детето не може да живее без присуство на возрасните, но од ден на ден тоа сè повеќе се зајакнува и стекнува сопствени искуства, и сè повеќе му јакне желбата да се осамостои и да се оддели од присуството на возрасните.

Од најрана возраст детето започнува да ја задоволува потребата за осамостојување, започнува само да јаде, само да се облекува, само да оди. Детето е упорно во градење на таа самостојност. Многу често детето тукушто започнало да оди, ја трга раката и сака само да оди без некој да го држи, кога ќе се ослободи од држењето на родителот детето ќе се врати од местото од каде тргнало и победоносно и гордо ќе оди само, оди до родителот и му покажува дека самото може да оди. Од втората година детето кога јаде не започнува да јаде додека не му се даде лажицата само да јаде. И уште многу примери потврдуваат дека детето од најрана возраст ја изразува желбата за самостојност.

Детето од мало сака да ја испроба својата способност, да направи нешто само и кога ќе успее во тоа се чувствува среќно и задоволно и сака да биде за тоа пофалено. Од самото раѓање детето не е свесно за себе, не знае да  направи разлика помеѓу себе и околината. Но, постепено во текот на првите години од животот  започнува да се открива себеси и својата околина, својата личност и да формира свое „ЈАС“. Детската свесност за себе  ја развива низ различни активности и постапки, постојано наоѓа начин да се докаже  пред родителите  со намера да биде пофалено.

Детето не го воспитуваме само тогаш кога му посветуваме посебно внимание, кога со него разговараме или играме, туку и тогаш кога не сме со него и во негова близина, родителите го воспитуваат своето дете со целиот начин на својот живот и начин на работење. Сè што се случува во семејството детето го гледа, тоа го прима и го чувствува, секој момент во животот остава траги врз детето и го насочува неговиот начин на живеење и развивање. Ако во семејството има мирна и среќна атмосфера, доколку на детето му се дозволи да игра и да се забавува слободно, тоа позитивно ќе се оствари во развојот на детето. Во спротивно, пак, недостиг  на добра организација на семејниот живот и лошиот пример кој  родителите им го даваат на своите деца лошо ќе се одрази врз развојот на детето. Од сето ова произлегува дека од добро организирана семејна атмосфера зависи и развојот на детската самостојност.

Доколку родителот забележи  дека кај детето постои желба нешто самостојно да направи, потребно е тоа да му го дозволи. Првите желби за самостојно работење на детето е да јаде само, да се облекува само, да ја земе чашата и само да пие. Родителите грешат кога ја пригушуваат желбата на детето за негово осамостојување, многу често родителите немаат трпение за своите деца. Кога ќе видат дека детето при првиот обид  јаде само, пола од јадењето ќе му се истури, или, пак, кога детето се облекува му треба подолго време да се облече само, родителот го губи трпението и почнува да го храни детето или да го облекува. Секоја работа која  на родителот му изгледа едноставна и проста за детето е многу сложена.

Развивајќи ја детската самостојност родителите мора да тргнат од можностите и силата на детето и да го водат детето постепено чекор по чекор од наједноставни и најниски облици на самостојна работа до сè посложени и потешки работи.

Родителите треба да ја поттикнуваат детската самоиницијатива, детската желба да преземат одредени чекори во некоја работа, при постигнување  успех да го бодрат детето, да го охрабруваат и во него да ја поттикнуваат самодовербата и вербата во сопствената сила и можности.

Осамостојувајќи го детето, гледајќи го како сигурно чекори низ животот, среќни сме и задоволни, бидејќи за родителот нема поголемо задоволство од тоа детето да му порасне во самостоен, смел и одлучен човек, кој  знае што сака, кој  умее да го постигне она што го сака, кој  има јака волја и цврст карактер.

И Г Р А Т А    В О    Р А З В О Ј О Т   Н А   Д Е Ц А Т А



Во периодот од 3 од 7 години главна активност кај децата е играта. Така што и работата кај децата има карактер на игра. Поради ова почетокот на развојот на самостојноста кај децата е преку играта. Во играта детето е слободно и е препуштено самото на себе. Во неа детето има најголеми можности да ја развие својата вештина, знаење, искуство, своето „јас“, да ја изрази својата самостојност и да ја развие. Играта е еден вид на школо каде што детето јакне и ја развива својата сила, ги оформува цртите на својот карактер, ја формира својата личност и учи да биде самостојно. Поради сето ова на детето во домот треба да му се обезбеди место каде што  ќе може слободно да игра, да му се дадат играчки, да му се дозволи да игра со други деца. Но, и во играта родителот треба да пружи одредена помош, да му даде упатство, но во некоја игра треба да земе и лично учество. Учествувајќи во играта родителот треба да го поттикне детето да ја постигне својата цел, да ја постигне својата самоиницијативност.

За правилно насочување на детето преку игра многу е важен изборот на играчки. Детето не треба да има ни премногу играчки, бидејќи вниманието ќе му оди од една на друга играчка, но тоа  не смее да остане ниту без играчки. Ако детето нема играчки или материјал за играње, играта  ќе му биде здодевна, еднолична, а тоа ќе го оневозможи развојот на неговата фантазија и на неговите мисли. Куклите, количките, мечињата, коцките, како и некои конструктивни играчки, пластелин, лепило, картон за сечење, ткаенина, сето тоа треба да биде присутно во детското катче. Во тоа детско катче на детето треба да му дозволиме да се чувствува слободно, независно, самостојно и никому да не му пречи. Кога ќе му биде овозможено сето ова на детето родителот ќе му пружи можност  да направи правилен самостоен избор во играта, ќе знае да го постави проблемот и да го најде решението, ќе се развие самостојно мислење кај детето, а сето тоа е важно за развојот на детската самостојност.

Еве еден пример како играта позитивно влијае во развојот на детската самостојност.

Никола има четири години, на подарок добил вовче со шини. Најпрвин научил самиот да ги мести локомотивите. Потоа требало да научи да ги мести шините, но тоа не му одело лесно, бидејќи шините требале да добијат таков облик да може возот да се движи по нив. После неколку обиди побарал помош од неговиот татко кој му покажал како треба да ги спои шините. Таткото се повлекол за да може Никола самиот да продолжи со тоа што го започнал, но повторно не му одело лесно, плачејќи повторно го викнал татко му.



Овој пат на барањето на детето таткото да му ја намести целата пруга, таткото одбил и му рекол: „Ти можеш сам, ајде да видиме каде е грешката“. На овој начин таткото го охрабрил детето, ја нашле грешката и детето самото ја поправило грешката и ја наместило шината. Подоцна покрај пругата направило станица од коцки, ставило куклички  кои му претставувале патници, едноставно детето самото ја развивало играта со помош на својата фантазија.

Од овде може да се заклучи дека родителите можат низ играта да ја поттикнат фантазијата  кај детето, да  му помогнат во играта да ја постигне целта, да го охрабрат да истрае во извршување на донесените одлуки, да го поттикнат самостојно да бара средства и начини во играта и да ја разбудат неговата самостојност во вербата во сопствената сила.

За детално читање на овој текст, погледнете на 20-21 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУНИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>