Фармацевти
Контакт

<< Назад

Еден среќен остров

јули 2, 2020

|


АРУБА


Аруба, остров кој се наоѓа во близина на венецуелскиот брег и припаѓа на Кралството Холандија,  е познат по големиот број казина, па затоа го нарекуваат и „карипскиот Лас Вегас“. Прекрасните песочни плажи, ретките врнежи од дожд во текот на годината и идеалната температура на воздухот, која варира помеѓу 27 и 30 степени, го прават овој остров совршено место за годишен одмор со семејството, меден месец или луд и незаборавен одмор со пријателите.



Туристите може да ги посетат прекрасните плажи и егзотичните места. Една од најпознатите и најпосетени плажи на Аруба е приватната плажа на приватниот островот Ренесанс. Рајската плажа е дел од Ренесанс Аруба ресорт и казино, а е оддалечена  само 15-тина минути возење со брод од главниот град на островот Аруба. Позитивната страна на оваа плажа е тоа што не мора да бидете гостин во ресортот за да можете  да ја посетите и да ја искусите убавината. Но, доколку сакате да ја доживеете оваа бајка ќе мора да платите дневна влезница за влез на рајската плажа, со тоа што во цената е вклучен вкусен ручек, егзотичен коктел и душек на вода за уживање во кристалните води. Цената на влезницата можеби и не е толку ниска, но навистина вреди за екстравагантното доживување кое се нуди на овој остров.

Ресортот се карактеризира со бројни активности за одмор и релаксација, ресторан, велнес центар и плажа поделена на два дела, односно еден дел кој е наменет за семејства со деца, и дел кој е наменет само за возрасни, со што се нуди избор и можност за мирен и релаксирачки одмор за семејствата и луд и забавен одмор за туристите кои се на одмор без деца.

Неверојатната плажа на Аруба е една од најретките и најатрактивните места на светот и се наоѓа на кристалното Карписко Море. Оваа плажа со задоволство може да се нарече дом на фламингоси, а гостите освен тоа што можат да се капат и да се сончаат, можат и да уживаат во друштвото на овие егзотични птици кои се шетаат слободно.

Домаќините на оваа плажа, фламингосите, може да се каже дека се најдобриот „мамец“ за туристите. Невообичаените птици, кои најчесто можеме да ги видиме само во зоолошките градини, овде на овој рајски оствор се најголема атракција. Фламингосите се толку многу навикнати на луѓето со што во целост се припитомени и можете да ги храните со храната која е подготвена специјално за нив и да ги фотографирате и да ги направите најдобрите инстаграм фотографии.

Елегантните птици се навистина несекојдневна појава во поголемиот дел од светот. Додека уживате на оваа уникатна плажа, може да се релаксирате додека пред вас на белиот песок поминува рој фламингоси, да се сончате додека тие се шетаат помеѓу лежалките и безгрижно да се доближите до нив. Несекојдневна е и глетката доколку начекате фламинго кое спие стоејќи  само на една нога – поза карактеристична за овие преубави птици. Сепак, без разлика дали спијат или се будни, волшебната глетка останува иста.

Ни еден посетител не останал рамнодушен на оваа убавина и егзотичност, кое се нуди на едно место. Затоа секој кој се нашол на прекрасната Аруба и нејзините песочни плажи, без размислување ќе отиде пак. А сите тие кои не биле, а се љубители на егзотични места, фантастични плажи и прекрасна природа, не треба многу да размислуваат, Аруба и островот Ренесанс, со фламингосите, се одлична дестинација за прекрасно доживување.

Тиркизно сината боја на Карипското Море, прекрасната песочна плажа и дружбата со елегантните фламингоси нудат ексклузивно задоволство за туристите кои ќе го посетат оваа магично место.

Чудесни острови за егзотични патувања

ТАЈЛАНД




Тајланд е една од најомилените дестинации за годишен одмор, уживање на сонце и фантастични плажи, а тие кои ќе се одлучаат да патуват на Тајланд се пречекани од прекрасниот бел песок и кристално чистата вода. Тајланд има повеќе од осум илјади километри долго крајбрежје и голем број  егзотични острови, така што изборот на идеално место за одмор и релаксација или доживување на една поинаква авантура и забава е доста голем. Тајландските острови се фантастични дестинации за сите туристи кои се во потрага по вечно сонце, песочни плажи, кристална вода и опуштена енергија.

Од големиот избор прекрасни острови, ние ве носиме на најегзотичните и најпосетуваните острови во Тајланд, островите Фи Фи, кои се наоѓаат 40 километри јужно од градот Краби. Островите се сместени меѓу островот Пукет и Малачкиот Проток и се дел од Националниот парк Phi Phi-Hat Nopparat Thari. Групата Фи Фи има вкупно шест острови од кои како најголеми и главни се сметаат островот Фи Фи Дон и островот Фи Фи Ле.

Она по што се познати островите е филмот The Beach од 2000 година во кој главната улога ја игра Леонардо ди Каприо. Повеќето сцени од филмот биле снимени на заливот Маја. Заливот Маја и неговата плажа и пред тоа беа популарни, но, сепак, бројот на туристи значително се зголеми по премиерата на филмот. За да стигнете до плажата, најдобро е да изнајмите брод со долга опашка, кој е типичен тајландски брод и кој е значајна препознатливост за ова место. Исто така, се препорачува плажата и заливот да се посетат рано наутро или доцна попладне кога има помалку туристи.

Monkey beach или плажата на мајмуните е мала плажа лоцирана во карпестиот заден дел на островот Фи Фи Дон. Името на плажата зборува само за себе, односно јасно укажува зошто оваа плажа е толку позната и специфична. Исклучително прекрасно и многу популарно место, каде може да уживате во рајските убавини на островот и да се дружите со веселите мајмунчиња, кои се овде да ве пречекаат и да ви посакаат топло добредојде.

Огромните карпи околу плажата на мајмуните се многу инспиративни и може со сигурност да се каже дека е една од најдобрите плажи на островот Фи Фи Дон. Па затоа бројот на туристи кои ја посетуваат Monkey beach го надминува капацитетот на плажата за скоро десет пати. Ова место е популарно веќе неколку децении и сите туристи кои доаѓаат на овој остров прекрасно ги третираат мајмуните и ги хранат постојано, а за возврат на тоа мајмуните се многу пријателски настроени кон туристите.

Од големиот број атракции и прекрасни места со кои изобилуваат островите Фи Фи, ја издвојуваме и Викинг пештерата која се наоѓа на островот Фи Фи Ли. До неа се стига за околу половина час со брод од главното пристаниште во Тон Саи. Пештерата го добила името по слики пронајдени на нејзините ѕидини на кои се насликани различни видови бродови, меѓу кои е и скандинавски дракар брод.

Најпогодна сезона за посета на островите Фи Фи е од ноември до крајот на март, кога има помалку врнежливи денови и времето е суво. Тогаш не постои проблем да ја користите  која било  плажа на островот, но откако ќе започне сезоната на монсуните брановите се повисоки и пливањето не e безбедно. Кога станува збор за транспорт до островите Фи Фи на архипелагот нема аеродром, па единствениот начин да пристигнете е со брод.

Патувањето во земјата на храмовите, лудиот ноќен живот, будизмот, волшебните острови, занесните плажи, кристалното море е нешто што секој еден турист треба да го искуси и да го доживее. Тајланд ќе ви овозможи уживање во разновидните природни убавини, запознавање со фасцинантните будистичко-културни споменици и извонредните тајландски кулинарски специјалитети, како и незаборавниот ноќен живот и уживање на најегзотичните плажи со бел песок и кристални води.

За детално читање на овој текст, погледнете на 30-31 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУЛИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>