|
Сара Сековска
јога инструктор
- Работам на себе...
- Да се поврзам со себе...
- Потребно ми е време за себе...
- Комплетно сум со себе...
Сите горенаведени фрази се само дел од она што секојдневно барем по еднаш ќе го слушнеме од нашите колеги, пријатели, па дури и од самите себе.
Зошто е потребно да имаме време за себе?
Затоа што доколку не можеме да се „снајдеме“ со нашето постоење, нашата внатрешна комуникација, нашите мисли, емоции и чувства, тогаш сè друго што правиме во животот успева или не успева по некоја случајност!
Зошто?
Одговорот е многу едноставен:
Кога нашиот фокус е комплетно насочен нанадвор, а не навнатре (кон себе), тогаш сите надворешни фактори влијаат на нашето расположение. Како?
Повторно, одговорот е многу едноставен:
- Среќна сум затоа што добив порака од мојот сакан...
- Не сум среќна, затоа што на шефот не му се допадна мојата работа...
- Се чувствувам без енергија, затоа што работев на проект со негативни луѓе...
- Колку би била радосна ако овој викенд го поминев со мојата омилена личност...
И ред други работи.
Што правиме во ваквите ситуации?
Зависиме од другите.
Зошто?
Затоа што мислиме и креираме потреба друг да нè направи среќен/а и на тој начин допуштаме сите надворешни фактори да го контролираат нашиот ум!
Но, има едно нешто на што забораваме...
Ако ја зацврстиме нашата волја/храброст и верба, тогаш ќе научиме дека умот нема да управува со нас според околностите, туку ние ќе го управуваме него.
А, најдиректниот начин за тоа е магичната алатка на многу одговори – МЕДИТАЦИЈА.
И нема да должиме многу за она што е медитација, бидејќи никогаш не учиме од искуствата на другите, туку за да креираме мислење потребно ни е наше искуство.
Но, доколку имате интерес и би сакале да се обидете, тогаш топло препорачувам да се впуштите во тоа искуство, бидејќи единствено нешто што би можело да се случи е да сте во добивка.
А каква добивка?
Добиваме бистар и фокусиран ум, добиваме мир и спокој во душата и, пред сè, добиваме комплетна трансформација на самите себе, а најважното за кое стануваме свесни е тоа дека НЕ СМЕ ТЕЛОТО, А НЕ СМЕ НИ УМОТ!
Ја дознаваме вистината за тоа кои сме и што сме! Стануваме свесни и живееме во сегашноста, наместо во иднината или во минатото.
Често ја слушаме фразата:
„Живеј тука и живеј сега“. Но, дали знаете дека за таа фраза е потребно многу практика – сè додека не стане дел од нас. И доколку се нафатите на оваа трансформација и запознавање на себеси од корен, не очекувајте нештата да се променат преку ноќ, не го избрзувајте умот, но немојте ниту да го забавувате.
Кога велиме за една нација/население/место дека е добро едуцирано?
Кога сите жители посетуваат училиште, какво било – се едуцираат. Тие тоа го прават секојдневно, сè додека тоа не стане дел од нивниот начин на живот – и потоа веќе станува потреба. Само тогаш за едно население велиме дека е едуцирано население.
Дали знаете дека истото се случува и со нашиот ум!?
Кога ќе научиме да го храниме со потребната „храна“ што ние ја создаваме: среќа, љубов, мир, благодарност, здравје и чиста мисла, тогаш велиме дека тој ум е едуциран. Сите клетки во нашето тело тогаш се едуцирани и работат за нас, не против нас.
Токму за тоа помага медитацијата.
Не велиме дека кога би практикувале медитација секогаш сè би било како „подмачкано“, но тогаш би биле свесни дека оние „бубачки“ кои најчесто се создадени од нашиот ум се во наша продукција. А кога сме свесни, можеме многу полесно да пристапиме на тоа што е создадено од наша страна.
Нашиот ум секогаш ќе верува во сè што ние ќе му го кажеме. Нахранете го со верба, нахранете го со вистина, нахранете го со љубов... медитацијата нè храни токму со овие работи.
За детално читање на овој текст, погледнете на 28-29 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АВГУСТ 2020).