Успешна и амбициозна, остава длабок печат со своето влијание, а е толку млада и со светла иднина пред себе. Разговараме со Лаура Крлиу, пејачка и инструктор по танц, мултитаскинг и мултиталентирана девојка, која сака да постигне успеси сѐ додека има насмевка на нејзиното лице.
Драга Лаура, од мали нозе учествуваш на неколку фестивали, од колку години ја откри твојата наклонетост кон музиката и твојот талент за музика?
Татко ми секогаш велеше: Ти знаеше да пееш уште пред да почнеш да зборуваш. Претпоставувам дека тоа е до гените; тоа ми е дар од Господ и верувам дека сум родена за тоа. Моите први настапи ми беа пред гостите кои ни доаѓаа дома, кои беа изненадени како секогаш можам да најдам инспирација за некоја песна. Првиот официјален настап кога имав 7 години беше на детски фестивал, по кој бев убедена дека сум родена за да бидам на сцена.
Освен со пеење, се занимаваш и со танцување. Кажи ни повеќе за твоите танцувачки успеси?
Можеби звучи многу пристрасно кога зборувам за ова и на луѓето најчесто им станува чудно, но тврдам дека танцот е она што го промени мојот живот. Случајно на една латино забава во еден скопски локал едно момче ме покани на танц – го одбив велејќи дека не знам да танцувам. За среќа, тој беше упорен, по што ги следев неговите чекори и сфатив колку убаво се чувствувам додека танцувам. Почнав со посета на неколку танцови школи, потоа имав можност да патувам и да учам танц од врвни инструктори во други земји. Сега танцот е мојата втора љубов и со задоволство можам да кажам дека станав и инструктор.
На твои 28 години доста успешно и позитивно ја водиш твојата музичка кариера. На што се должи твојот успех?
Бидејќи се сметам за човек кој секогаш тежнее кон повеќе и подобро, мислам дека сè уште не сум го постигнала својот максимум. Можам да кажам дека конечно го пронајдов стилот на музика кој најдобро ми прилега и затоа ќе кажам дека сум на добар пат во потрага кон најдоброто. Сите мои идни проекти ќе бидат поврзани со силната љубов што ја чувствувам кон танцот и музиката. Овие проекти вклучуваат и многу успешни соработки со меѓународни уметници и публиката ќе има можност да ги види и да ги слушне во блиска иднина. Ветувам дека ќе ги надминам очекувањата на публиката. Дури можеби и своите очекувања.
Која е твојата животна инспирација?
Мојата животна инспирација е љубовта; кон животот и сите детали што се дел од овој свет. Живееме само еднаш. Убаво е да најдеме начин и секогаш да ја гледаме убавата страна на нештата, бидејќи универзумот секогаш пронаоѓа начин да ни ја даде токму таа порака; ништо не е случајно.
Што би можело да те обесхрабри, но имаш начин како да го победиш и да продолжиш понатаму?
Секој од нас има свои слабости, но мене може да ме обесхрабри само губењето на желбата за остварување на моите соништа и цели.
Што е многу важно да има една личност што сака да биде дел од јавниот живот?
Соништата. Најважно е да ги откриеш своите соништа, да ги заштитиш, да се бориш за нив и силно да работиш за да ти се остварат. Не само за јавниот живот, туку за личната среќа, треба да го препознаеме она во што сме најдобри и она што го правиме со огромна леснотија и љубов. Некогаш може да сме многу талентирани за одредена работа, но доколку не работиме, тешко ќе дојдеме до успешни резултати.
На кој начин се грижиш за твоето здравје?
Не случајно се вели: Ти си тоа што јадеш. Токму затоа, за мене здравата исхрана и здравиот начин на живот имаат огромно значење. Само со здраво тело може да имаме здрав дух. Сите работи што ги консумирам секојдневно се одбрани внимателно, бидејќи сакам да водам грижа за хранливите вредности во она што го јадам. Моите најблиски знаат дека сакам да истражувам и да читам повеќе на тема храна и често знаат да ме консултираат.
Дали имаш посебни режими на исхрана што ти го зголемуваат имунитетот и здравјето?
Да, со години имам одредена рутина од која, освен во деновите кога сум некаде на одмор и сакам да пробувам нови работи, внимавам да не отстапувам. Веднаш после будењето, практикувам пиење 2 чаши вода и верувам дека тоа е најубавиот начин за да се разбуди телото. Во првиот час од будењето појадувам и со појадокот секогаш пијам чај кој ми дава енергија. Теоријата што ја поддржувам е дека здравиот начин на исхрана побарува често и количински малку јадење. Најчесто имам еден обилен оброк и четири до пет ужинки во текот на денот. Преферирам една од ужинките секогаш да биде составена од овошје.
Колку е важно за еден млад човек да му се синхронизирани психичкото и физичкото здравје?
Не само за младите, туку за сите генерации, синхронизирањето на психичкото и физичкото здравје е од огромна важност. Би повторила дека тоа се работи што се дополнуваат меѓу себе. Со други зборови, без психичко не постои физичко здравје и обратно.
Која е твојата порака за читателите на BETTY магазин?
Има многу инспиративни пораки на кои секојдневно се потсетувам, но за мене најважната гласи: Пронајди го својот внатрешен мир! Доколку успееме во пронаоѓање на внатрешниот мир, тогаш не постои нешто со што не можеме да се соочиме. Не велам дека е лесно, но навистина е важно.
За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ОКТОМВРИ 2020).
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци