|
Асс. Д-р Ива Малахова Ѓореска
ЈЗУ Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство
Под терминот контрацепција се подразбираат различни методи кои се практикуваат со цел заштита од несакана бременост.
Ефикасноста на контрацепцијата зависи од избраниот метод на контрацепција, но и од неговата правилна употреба. Затоа и стапката на успех зависи од правилната и/или соодветната употреба на контрацептивниот метод и обично е варијабилна. Не постои најдобар метод на заштита од несакана бременост, бидејќи секој од нив има свои позитивни и негативни страни.
Денес постојат многу типови на контрацепција и тоа: хормонска, интраутерина, механичка или хемиска контрацепција, природна метода на контрацепција и стерилизација.
ХОРМОНСКАТА КОНТРАЦЕПЦИЈА обезбедува едноставна и безбедна заштита, но секогаш се применува во консултација со гинеколог. Таа има системско дејство, кое се базира на ефектите од содржаните хормони: естроген и прогестин. Овие хормони ги инхибираат природните циклични хормони на телото на жената, со цел спречување бременост. Ја спречуваат овулацијата, ја згуснуваат слузта околу грлото на матката, што го отежнува мигрирањето на сперматозоидите кон јајце-клетката и ја намалуваат приемливоста на ендометриумот за оплодената јајце-клетка.
Достапна е во различни облици и тоа хормонски таблети или таканаречени антибеби пилули, инјектирачки контрацептиви, поткожни импланти, вагинални прстени и трансдермални лепенки.
Најчесто користени се хормонските таблети и тоа комбинираните орални контрацептиви (КОК) кои се комбинација од хормоните естроген и прогестерон. Денес, најголемиот број на контрацептивни пакувања имаат 28 таблети, од кои 21 хормонално активни таблети и 7 плацебо таблети, а со цел да не се изгуби секојдневниот ритам на земање на таблетите. Земањето плацебо таблети ќе резултира со крвавење (слично како крвавење во менструалниот период). Иако можете да ја земате таблетата во кое било време во текот на денот, подобро е ако ја пиете пред појадок или пред спиење, бидејќи е полесно да се запамети. Покрај заштитата од несакана бременост КОК имаат бројни предности како намалување и одложување на менструалното крвавење, намалена појава на фунционални бенигни цисти и третман на дисменореја. Главен недостаток е потребата од секојдневно земање, што е често проследено со испуштање на земање на таблета, што, пак, ја зголемува шансата за настанување на бременост. Покрај КОК, постојат и прогестагени орални контрацептиви кои содржат само прогестаген, погодни за жените кај кои е контраиндицирана примената на контрацептиви кои содржат естроген, како КОК.
Таблетите за итни случаи познати како
таблети ,,ден потоа“ се метод на итна контрацепција и се користат во ситуација кога жената имала незаштитен сексуален однос. За најдобар ефект, таблетата треба да се испие во период од 72 часа по односот. Како што кажува и нејзиното име, овој метод треба да се користи само во крајно итни случаи и не треба да се користи како редовна контрацепција или да се зема профилактично.
Инјектирачките контрацептиви обично содржат прогестагени, но во некои земји можат да бидат комбинација на естроген и прогестаген. Инјекцијата ја дава медицинско лице, еднаш месечно или еднаш во три месеци во зависнот од хемискиот состав.
Поткожните импланти содржат прогестагени и се поставуваат поткожно обично во подлактицата. Тие обезбедуваат континуирана и долготрајна контрацепција во тек на 3-5 години во зависност од препаратот. Недостаток на овој метод е потребата од мала хируршка интервенција неопходна за имплантација и отстранување на имплантот.
Вагиналниот прстен е мал, флексибилен прстен со дијаметар што не надминува 5,5 см. Прстенот испушта естроген и прогестин со што го спречува процесот на овулација. По нанесување во внатрешноста на вагината се носи 3 недели и потоа треба да го извадите за да го добиете месечното крвавење.
Трансдермални лепенки се носат на кожата на долниот дел од стомакот, задникот, горниот ден на телото (но не и на градите) или на надворешниот дел од рацете. Составот и механизмот на дејство е идентичен како кај вагиналниот прстен. Секоја недела, во периодот од 3 недели, треба да се менува фластерот. Последната, односно 4-тата недела ја прескокнувате за да можете да го добиете месечното крвавење.
Секоја жена треба да биде добро информирана за предностите и недостатоците на хормоналната контрацепција пред да започне со употреба и да биде под надзор на гинеколог.
ИНТРАУТЕРИНА КОНТРАЦЕПЦИЈА – Интраутерините влошки познати како спирали се високоефикасен метод на контрацепција. Има два типа, интраутерина влошка која содржи бакар и интраутерина влошка која е обложена со хормон. Бакарните спирали дејствуваат така што влијаат врз подвижноста на сперматозоидите и на тој начин го спречуваат оплодувањето на зрелата јајце-клетка, а, исто така, делуваат и на лигавицата на матката, правејќи го нејзиниот ѕид неповолен за всадување на оплодената јајце-клетка. Покрај тоа, бакарната ИУВ може да се користи како итна контрацепција. Доколку се вметне во рок од 5 дена по незаштитен сексуален однос, таа е над 99,9 % ефикасен метод во спречувањето на бременоста. Другите ИУВ ослободуваат мали количини на прогестаген во матката кој слузта на грлото на матката ја прави густа и непропустлива за сперматозоидите, а воедно ја намалува подвижноста на сперматозоидите. Поставувањето и отстранувањето на спиралата секогаш треба да биде изведено од страна на гинеколог.
МЕХАНИЧКАТА КОНТРАЦЕПЦИЈА опфаќа методи кои спречуваат настанување на бременост со оневозможување на миграцијата на спермалната течност во вагината. Тие немаат системско дејство, лесни се и безбедни за употреба и скоро и да немаат контраиндикации. Нивната употреба е поврзана со коитусот, и затоа правилната употреба при секој коитус е важна за оптимален успех на методот. Во оваа група припаѓа еден од најчесто користените методи на контрацепција, а тоа е презервативот кој воедно претставува и единствено контрацептивно средство кое штити и од сексуално преносливи инфекции. Машкиот презерватив (кондом) е изработен од тенок латекс и е лесно достапен, евтин и едноставен за употреба. Женскиот презерватив (фемидом) е изработен од полиуретан претходно лумбрициран и ја има истата функција како машкиот презерватив. Тој има цевчеста форма и два прстена, еден кон внатре и еден кон надвор, кои не дозволуваат да пропадне во вагината во тек на сексуалниот однос.
Дијафрагмата е латекс чашка која во целост го препокрива цервиксот и на тој начин го спречува навлегувањето на сперматозоидите во матката. Се произведува во различни големини. Големината на дијафрагмата треба да ја одреди вашиот гинеколог. На секои 1-2 години треба да се прави лекарска контрола за да се провери дали сè уште одговара нејзината големина, особено доколку имате варијации во телесната тежина.
Дијафрагмата се поставува во вагината непосредно пред однос (најмногу 6 часа пред односот). По сексуалниот однос, дијафрагмата треба да се остави во вагината уште неколку часа, но не пократко од 6 часа. Почестата употреба може да доведе до лесни повреди на вагиналниот ѕид и уринарни или габични инфекции.
ХЕМИСКА КОНТРАЦЕПЦИЈА – Спермицидите се хемиски средства кои ги умртвуваат сперматозоидите и се ставаат во вагината непосредно пред сексуалниот однос. Постојат во различни облици и тоа: креми, таблети, пасти, желеа, пени и слично. Употребени сами имаат ниска ефикасност, но комбинирани со механичките методи даваат висок степен на заштита.
ПРИРОДНИТЕ МЕТОДИ НА КОНТРАЦЕПЦИЈА вклучуваат периодична апстиненција, односно избегнување сексуални односи за време на периодот кога жената е плодна, т.е. околу време на овулација. Овие методи се погодни за жени кои можат да ги определат плодните денови во менструалниот циклус и за парови кои се мотиварни за апстиненција во тој период. Во оваа група методи се вбројуваат мерењето на базалната температура, методот на календар и следење на промените на цервикалната слуз. Мерењето на базалната температура опфаќа секојдневно следење на температурата со тоа што во текот на менструалниот циклус базалната температура се менува следствено на хормоналните промени. Од доаѓањето на менструацијата па сè до пред овулација, базалната температура се движи околу 36-36,4°C. Во периодот по овулацијата, базалната температура се покачува во просек 0,2-0,4°C. Методот на календар опфаќа броење на деновите од менструалниот циклус, при што постојат неколку формули за одредување на плодните денови, а достапни се и различни онлајн калкулатори. Овулацијата настапува две недели пред очекуваниот менструален циклус. Во идеален 28-дневен циклус овулација се очекува 14 ден сметано од првиот ден на менструалното крвавење. Бидејќи должината на циклусот нормално може да варира од 24 до 35 дена, овулацијата може да се очекува од 10 до 18 ден, во зависност од основната временска рамка на циклусот, но секогаш две недели пред очекуваното крвавење поради константноста на втората фаза на циклусот. Следење на промените на цервикалната слуз (вагиналниот секрет) – со набљудување на промените на изгледот на секретот можете да одредите кога е најголема веројатноста за настанување на овулација. Во периодот околу овулација се зголемува лачењето на цервикална слуз, таа е потечна, порастеглива и за да се избегне настанување на бременост потребна е апстиненција во овој период. Неуспехот на природните методи зависи силно од посветеноста на партнерите и е повисок од другите методи на контрацепција, бидејќи знаците и симптомите кои ја следат овулацијата не секогаш се сигурни.
Најстариот природен метод на контрацепција е
coitus interruptus – извлекување на половиот орган пред ејакулација. Се смета дека е мошне несигурен метод, бидејќи до испуштање сперматозоиди може да дојде пред да настапи ејакулација. Затоа, ако сакате да избегнете бременост подобро е да користите други методи за контрацепција.
Единствен траен метод на контрацепција е стерилизацијата која се остварува по хируршки пат. Истата е високоефективна процедура проследена со ниска стапка на компликации и кај женската и кај машката популација. Кај женската популација постапката се состои во подврзување или прекинување на јајцеводите. Кај машката популација постапката се состои во блокирање на преносните канали на сперматозидите, постапка позната како вазектомија.
Митови за избегнување несакана бременост
Уринирање, туширање и апликација на различни средства во вагината како сапуни, шампони, дезинфициенси по сексуалниот однос проследен со ејакулација во вагината нема да ве заштитат од бременост.
Стоечка положба или која било друга положба нема да доведе до истекување на спермалната течност од женските генитални органи, со тоа овој метод воопшто не е ефикасен во спречувањето на бременост.
Користење два презерватива или комбинација на машки и женски презерватив може само да го зголеми ризикот од пукање на презервативот поради триењето на нивната површина во тек на сексуалниот однос.
Доењето не е сигурен метод на контрацепција, бидејќи одложува но не гарантира отсуство на овулација.
За детално читање на овој текст, погледнете на 20-21 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ОКТОМВРИ 2020).