|
д-р Симона Поповска
специјализант по дерматовенерологија
Естетската медицина ги опфаќа сите медицински процедури кои се насочени кон подобрување на физичкиот изглед и задоволството на пациентот, користејќи неинвазивни процедури кои треба да бидат извршени од страна на доктор дерматолог или пластичен хирург кој посетувал обуки за оваа намена.
Возбудливо е тоа што естетиката зема сè поголем замав и е дел од современата медицина. Сепак, кога ќе се спомне зборот естетика веднаш асоцира на разни дерматолошки и козметички состојби како што се: лузни, изгубен тонус на самата кожа, брчки, пигментации, нехируршка корекција на нос, нехируршка липосукција, зголемување усни итн.
Покрај горенаведените козметички состојби, денес како најчесто практикувани процедури можеме да ги издвоиме:
- Процедури со ботокс за измазнување брчки
- Хемиски пилинзи
- Микродермоабразија
- Контурирање на самото лице
- Третмани за нехируршка липолиза
- Употреба на филери
- Мезотерапии
- PRP третман (Platelet Reach Plasma)
- Апарати за комплетна анализа на кожа.
Клучен момент
Клучниот момент при донесување одлука за каква било интервенција е изборот на докторот. Изберете доктор кој има добро познавање на анатомијата на лицето, како и на процесот на природно стареење, бидејќи овие две работи се клуч за изборот на правилниот третман за вашето лице.
Консултација и процедура
Консултацијата пред процедурата секогаш е добредојдена. На самата консултација вие разговарате за вашиот проблем и имате можност да добиете стручно мислење за промените што сакате да ги направите. Важно е да се слушне мислењето на пациентите, да се открие како се доживуваат себеси, што мислат за својот изглед и што сакаат да преземат. Докторот е должен да ги објасни избраните процедури, како и материјалите со кои ќе биде третиран пациентот. Потребно е да се знае дека помеѓу големиот избор на естетски производи и материјали има доста и нелегални производи, кои, за жал, се нудат поевтино, но и со големи последици за самиот пациент. Токму затоа, бесплатната консултација кај вашиот лекар нуди одговори на сите ваши прашања.
Процедури за месец септември
По летните одмори на кожата ѝ е потребна регенерација. Најчесто препорачани третмани за овој период од годината се: благ хемиски пилинг за биоревитализација на самата кожа, PRP третман и соодветна мезотерапија. PRP третманот е познат и како златна течност полна со фактори на раст кои се одговорни за заздравување на оштетените клетки. Доаѓа од вашата сопствена крв и може да се аплицира со разни техники, како и во комбинација со мезотерапии. Претставува одличен третман за борба против стареењето, лузни од акни, симулација на раст на косата и многу повеќе.
Постои правилен производ и метод на третман за секоја индикација. Можеме да го моделираме целото лице со производи и најнова технологија што ни се достапни.
Убавината не е прашање на возраст или големина. Важно е да изберете „добра рака“ при поправање на најмалите грешки на вашата кожа.
За детално читање на овој текст, погледнете на 32 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ОКТОМВРИ 2020).