|
- Пере, како успеа да се одржиш во форма во оваа година на пандемија и да привлечеш убавини околу тебе и во кариерата и во приватниот живот?
Пешачењето е она што успева да ме одржи во форма и физички и психички. Тоа се моментите кога буквално се исклучувам од сè и уживам во природата. А, неретко знам и да извозам неколку часа велосипед. Тоа ми беше омилена активност додека живеев во Барселона, да го истражувам градот возејќи се низ најскриените улици. Летово претежно го поминавме во Охрид, каде секој ден одвојував време за пешачење и откривање нови убавини од градот и околината. А, за да привлечеш убавини околу себе треба да имаш позитивен став и енергија, но и да знаеш како да се држиш подалеку од сето она што ти носи негативна енергија и мисли. Како и секој од нас, сум бил опкружен и со личности кои ми ја цицале енергијата и духот, и приватно и професионално, и сето тоа знаело да биде многу исцрпувачки, но, за среќа, поголем е бројот на луѓето кои шират позитива.
- Одржавте неколку концерти низ Македонија со Нокаут. На кој начин ги спроведовте за да го заштитите здравјето на фановите?
Не прифаќавме да настапиме доколку организаторот на настапот/концертот не се обврзе дека ќе ги запази сите мерки за заштита. Односно, да обезбеди локација на која публиката ќе може да одржува дистанца, да се мери температура на влезот, да има средства за дезинфекција и, секако, настапот да биде на отворено. На сите ни беше тежок периодот без настапи, и без музика, но здравјето на нашите фанови ни е најбитно. Тоа го докажавме на нашите концерти во Гостивар, на Античкиот театар во Охрид и на Хераклеја, каде бројот на билети беше строго ограничен и организаторите се погрижија да не биде прекршена ниту една мерка за заштита.
- Нокаут победи на „Макфест“ годинава, земајќи ја првата награда. Честитки за наградата, на што се должи успехот на Нокаут периодов?
Ви благодарам за честитките, и ви посакувам да ви се врати со уште поголем успех. Победата на „Макфест“ само докажа дека Нокаут е име и бренд кој нешто значи на македонската сцена. Многу ретко сме биле дел од фестивали, не затоа што сметаме дека не нè заслужуваат, туку затоа што енергијата сме ја насочувале во друга насока. Конкретно за „Макфест“ одлучивме дека 35-годишниот јубилеј е одличен повод да настапиме повторно, односно трет пат и ете се случи тоа да биде наша трета среќа. Знаевме дека имаме квалитетна песна, на која работевме заедно со Огнен Неделковски (текстописец) и неговиот син Филип, со кој соработувавме за музиката и, секако, со нашиот долгогодишен пријател и соработник Дарко Димитров, кој работеше на продукцијата.
А, за успехот заслужен е целиот бенд: Горјан, Баге, Виктор, Борче, Бојан и Горанчо, и годините посветеност, љубов кон музиката, истрајност и покрај сите времиња и невремиња, нашите семејства и луѓето кои на овој или оној начин ни помогнале и, секако, најзаслужните – нашите фанови, без чија поддршка ништо од ова не би било возможно ниту важно. Секако, ова не е инстант успех, ова е резултат на 23 години работа.
- Нокаут е со години на врвот на македонските бендови и македонската музика. Како успевате да сте обединети и успешни сиве овие години?
Кога си со вистинските луѓе, со кои си се нашол на иста бранова должина и со кои ја делиш истата љубов, успехот е неизбежен. Бендот е како жив организам. Ако не сте поврзани и ако не функционирате како едно и за иста цел, и ако секој не се дава потполно и целосно, тогаш тој ќе се разболи. Имав среќа да се поврзам со луѓе, кои, пред сè, се исклучително добри музичари, секој со богато музичко портфолио, но луѓе со кои сум пријател, со кои приватно се дружам и со кои знам и така добро да се искарам, но и така добро да си поминам. Она што е најважно, кога сме на сцена се чувствуваме најсигурно и најповрзано. Кој бил на наш концерт знае за што зборувам.
- Од каде ја црпиш најголемата мотивација и инспирација?
Инспирацијата ми е љубовта, во секоја можна форма. Кон мојата сопруга, кон ќерките, родителите, кон брат ми, пријателите, кон моето куче Брцо. Кон музиката. Инспирација ми е и чувството дека припаѓам некаде и некому. Ме инспирира и изгрејсонцето. Зајдисонцето. Патувањата. Соништата. Тагата. Дождот. Знае да ме инспирира и разговор, гест, звук... А, мотивација ми се фановите и желбата да дадеме свој придонес кон промоција на македонската авторска музика.
- Како изгледа еден обичен ден на Пере?
Периодов се сè врти околу исчекувањето на раѓањето на мојата трета ќерка. Се будам со позитивна мисла и со надеж дека ќе успееме да изградиме убав свет за неа, како што се трудев и сè уште се трудам да го направам тоа и за другите две ќерки Михаела и Каја.
Потоа продолжувам со кафе или чај, пешачење или возење велосипед доколку времето го дозволува тоа, па долг појадок со мојата љубов Јована. Голем дел од денот го поминувам во студио, работејќи на нашиот нов, четврти по ред албум. Се трудам секој ден да одвојам време и за Миа и Каја, и секако за кафе муабет со моите родители. Во периодов на епидемија морав драстично да го променам животниот стил и да ги ограничам дружбите, но,од друга страна, пак имам повеќе време за себе и за најблиските.
- Имаш ли посебни режими на исхрана во периодов?
Настојувам што повеќе да јадам свежо овошје и зеленчук и да останам хидриран. Се трудам да ги исфрлам јаглехидратите и шеќерите, иако не ми оди баш лесно, особено ако ви кажам дека сум огромен фан на добро зготвена паста и на чоколади. Јована е таа која пробува да ме контролира, иако знам скришно да лапнам некоја коцка чоколадо. Гурман сум. Уживам да готвам и да јадам и тешко ми паѓа секоја диета. Периодов ќе пробам
intermittent fasting, и верувам дека ќе има добар ефект, барем според она што го слушнав од мои пријатели и од она што го имам прочитано. Значи, јадење само 8 часа во денот и постење 16 часа. Држете ми среќа!
- Како се заштитуваш себеси и семејството во време на пандемија?
Со оглед на тоа што Јована е пред крајот на бременоста, многу сме внимателни и се придржуваме кон сите мерки за заштита. Ги ограничивме контактите само на најблиските, секогаш носиме маска кога излегуваме, редовно миење и дезинфекција на рацете, одржување дистанца и, секако, исхрана која го зајакнува имунитетот.
- Колку време му посветуваш на вежбањето за одржување на кондицијата?
Освен секојдневно пешачење или возење велосипед, не практикувам некој друг вид на вежбање. Сум пробал да одам во теретана, но преферирам физичка активност на отворено, опкружен со природа.
- Која е твојата порака за читателите на BETTY магазин?
Останете безбедни, на дистанца и заштитени. Само доколку сме дисциплинирани ќе успееме да го победиме ова зло кое го сопре целиот свет. Хранете се здраво, сакајте се, имајте позитивна мисла и што подалеку од цицачи на енергија. И, секако, слушајте македонска авторска музика!
Никола Перевски (група Нокаут)
За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (НОЕМВРИ 2020).