|
За безбедноста на најмилите
Кога станува збор за декорација на соба за новороденче, веднаш помислуваме на мебел избран со вкус, весели и шарени елементи и бои. Но, всушност, бебешката соба побарува многу поголемо внимание од она што мислиме. Родителите го сакаат најдоброто и најквалитетното за своите најмили, со тоа што сакајќи да го создадат најубавото катче за новороденчето, забораваат на практичноста и функционалноста.
Постојат неколку клучни карактеристики на кои е потребно да се внимава за правилен и здрав развој на новороденчето. Не треба да се заборави дека најважниот услов при декорирање на собата треба да биде безбедноста на бебето.
Потребно е рафтовите на кои ќе ги сместите играчките и елементите за декорација да бидат безбедно прицврстени на ѕидовите и на соодветна висина.
Особено во периодот кога детето почнува да проодува, потребно е сите елементи во детската соба да бидат стабилни, зацврстени и со штитници на острите површини.
Бидејќи голем дел од времето бебето го поминува токму во своето креветче, покрај дезенот и боите, важно е да знаете колку се безбедни сите работи што ги има во него. Потребно е да водите грижа за материјалите.
При избор на креветче за новороденче, треба да внимавате на:
- Страничните шини на креветчето треба да бидат доволно тесни, за да не може детето да ја протне главата.
- Висината на креветчето треба да биде адаптирана во согласност со возраста на детето и со тек на времето, како што расте вашето бебе, така треба да го симнувате нивото на креветчето.
- Дел од експертите го бранат ставот дека можноста за задушување треба да ве натера да ги отстраните страничните перници од двете страни на креветчето.
- Душекот кој ќе го сместите во креветчето не треба да биде премногу мек и е потребно да има простор поголем од два сантиметри.
- Бебешкото креветче никогаш не треба да биде сместено до прозорец. Особено доколку има завеси до креветчето, опасноста од закачување на завесата секогаш постои.
- Декоративните играчки кои се прикачуваат над бебешкото креветче е потребно да бидат во висина на која бебето нема да ги допира. Со тек на време, потребно е да се поместуваат на повисоко ниво.
Внимавајте и на останатите елементи кои најчесто се дел од собата на новороденчето:
- Делот за повивање секогаш треба да биде зацврстен за површината на која се наоѓа.
- Мекиот дел за повивање потребно е да има цврсти ѕидови од двете страни, што ќе придонесе за сигурност.
- Доколку планирате да додадете рафтови или мал плакар во близина на делот за повивање, каде ќе можете да ги сместите кремите, потребно е тие да бидат вон дофат на новороденчето.
- Сите плакари и фиокари кои ќе бидат дел од собата на новороденчето, потребно е да имаат механизам што ќе го забави затворањето на вратите и капаците.
- Сите спојувалки од елементите е потребно да бидат добро зацврстени и со заоблени/заштитени завршетоци.
- Избегнувајте прикачување тешки рамки или огледала на ѕидовите од собата. Доколку сакате да го сторите тоа, осигурајте се дека тие се на соодветна висина и се стабилно прицврстени.
- Сите штекери во собата е потребно да бидат покриени/заштитени.
- Каблите од електронските апарати треба да бидат надвор од дофатот на новороденчето.
- При избор на играчки и декоративни елементи во собата, секогаш преферирајте да бидат направени од природни материјали.
- Бидејќи боите имаат влијание врз нашата психичка состојба, при избор на бои за ѕидовите одберете пастелни и мирни бои. Млечно сината, зелената и кремавата боја – како едни од основните бои на природата, делуваат смирувачки.
- При избор на килим, внимавајте на синтетичките материјали и на антибактериските состави.
- Осветлувањето во собата треба да биде централно, или доколку има неколку светлински тела, тие треба да бидат на неколку места и со не многу силна светлина.
- Никогаш не оставајте го бејбифонот внатре во креветчето.
За детално читање на овој текст, погледнете на 17 стр. во електронското издание на BETTY магазин (НОЕМВРИ 2020).