Фармацевти
Контакт

<< Назад

1 декември, Светски ден на борба против СИДА!

декември 1, 2020

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ
Здружение за поддршка на луѓето
што живеат со ХИВ, Скопје

|



Неколку основни факти за лекувањето на ХИВ-инфекцијата

Кога во раните осумдесетти години беше откриен ХИВ, вирусот на имунолошки недостаток кај човекот, тој предизвика вистински ужас и страв низ целиот свет. Оваа вирусна инфекција се манифестираше како синдром на стекнат имунолошки недостаток, познат под кратенката СИДА, преземена од францускиот јазик. Поимот СИДА стана синоним за најстрашната болест што некому може да му се случи. Истовремено, овој поим, како и самото заболување, беа поврзани со асоцијации за нешто валкано и неморално и се создадоа перцепции дека тоа може да им се случи само на луѓе со „непримерен“ начин на живот.

Иако набргу се увиде дека секој човек може да биде засегнат, предрасудите и стигмата во врска со ова заболување сè уште се доста силни. Тие и денес одвраќаат многу луѓе од тоа да направат ХИВ-тест и да го проверат својот ХИВ-статус.

Во меѓувреме, науката направи огромен напредок во лекувањето на оваа инфекција, така што веќе од поодамна таа се третира како хронично заболување, кое може успешно се менаџира со помош на терапија. За жал, често пати се чини дека голем дел од овие достигнувања сè уште не ѝ се доволно познати на јавноста.

За ХИВ-инфекцијата не постои лек, но постои успешна терапија

Голем број истражувачи во целиот свет се занимаваат со предизвикот за откривање лек што ќе може целосно да го исчисти ХИВ од организмот на човекот или барем трајно да го потисне. Иако се испробуваат различни пристапи, се чини дека сè уште не сме толку блиску до целта, која би им била од корист на околу 38 милиони луѓе во светот.

Во меѓувреме, луѓето што живеат со ХИВ користат т.н. антиретровирусна терапија, која најчесто претставува комбинација од 3 лека кои влијаат врз вирусот. Комбинацијата од 3 лека го попречува процесот на размножување на вирусот, па тој изумира и неговата концентрација во крвта драстично се намалува. По околу 3 месеци откако пациентот со ХИВ ќе започне со терапијата, количеството на ХИВ во крвта ќе стане толку ниско што тоа не може да се измери со вообичаените PCR тестови, и тоа ниво на вирусот се нарекува недетектабилно. Сè додека пациентот ја прима редовно терапијата, вирусот во крвта ќе се одржи на недетектабилно ниво. Во оваа состојба му се овозможува на имунолошкиот систем на човекот да се регенерира и да ја поврати својата функција на одбрана на организмот од други причинители на болести. Благодарение на тоа лицата со ХИВ може да живеат сосема нормално, речиси исто како и луѓето што се ХИВ негативни. Исто така, денес не се очекува лицата со ХИВ да имаат пократок или понеквалитетен живот како резултат на нивната инфекција.

Интересно е што ова воопшто не е ново сознание. Првиот антиретровирусен лек бил одобрен уште во 1987 година, додека успешната комбинирана терапија е во употреба од 1996 г. во светот. Во Македонија таа станува достапна во 2005 година и е целосно бесплатна за сите лица со ХИВ.

Лековите за ХИВ најчесто се во облик на таблета, а денес најголем процент од пациентите примаат само една таблета еднаш во денот, која ги содржи сите три лека од комбинираната терапија.

Недетектабилното ниво на вирус значи дека вирусот не може да се пренесе

На лекарите и на научниците одамна им беше познато дека кога лицата што имаат ХИВ ја примаат својата терапија и имаат недетектабилно ниво на вирусот во крвта, драстично се намалени шансите вирусот да биде пренесен на друго лице преку сексуален однос. Но откако беше спроведена големата меѓународна студија ПАРТНЕР (прв дел помеѓу 2010 и 2014 г.), беше докажано дека овие шанси се практично нула. Денес во светот  општо прифатен е фактот дека ХИВ не може да се пренесе преку сексуален однос од лице кое има недетектабилно ниво на вирусот во крвта и редовно ја прима својата терапија. Само во првиот дел од студијата учествувале околу 900 парови каде што едниот партнер бил ХИВ-позитивен и примал терапија, а другиот бил ХИВ-негативен, при што овие парови не користеле кондом во сексуалните односи. Дури и по 4 години следење, не бил евидентиран ниту еден случај на пренос на ХИВ од ХИВ-позитивниот партнер, кој имал потиснат вирус благодарение на редовната терапија.

Бремените жени може да спречат вирусот да се пренесе на бебето

Антиретровирусната терапија, исто така, може да го спречи преносот на ХИВ од ХИВ-позитивна мајка на нејзиното бебе во текот на раѓањето. За да се спречи можноста за пренос, идеално е бремената жена да започне со терапија за ХИВ барем 6 месеци пред да роди. Од овие причини, матичните гинеколози треба да ѝ ги објаснат на трудницата придобивките од раното откривање и лекување на евентуална ХИВ-инфекција и да ја охрабрат да направи ХИВ-тест во првите три месеци од бременоста. Тестот за ХИВ, како и сите други медицински интервенции, треба да биде направен на доброволна основа.

Достапноста на делотворна терапија за ХИВ-инфекцијата, која овозможува нормално функционирање на човечкиот организам, долг и квалитетен живот за лицата со ХИВ, и го оневозможува натамошниот пренос на вирусот, значи дека веќе одамна не постојат основани причини за страв од правење на ХИВ-тестот. Во Македонија, каде што се евидентира пренос на ХИВ речиси исклучиво преку сексуален однос без кондом, ХИВ-тестот би требало да биде дел од грижата за сопственото здравје за секој сексуално активен човек.

За крај, да се потсетиме дека ХИВ може да се пренесе преку сексуален однос (пред сè, вагинален и анален) без заштита, споделување прибор за инјектирање дрога или други нестерилни инструменти за интервенции поврзани со крв, како и од ХИВ-позитивна мајка на нејзиното дете во текот на бременоста, раѓањето или доењето. ХИВ може да го пренесат само 5 телесни течности: крв, семена и претсемена течност, вагинален секрет и мајчино млеко. Оттаму, за разлика од респираторните вируси, како оној на КОВИД-19, ХИВ не може да се пренесе преку социјален контакт, гушкање, бакнување, допири или користење заеднички прибор за јадење.

За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>