|
Маја Милованчева-Поповска
Д-р мед. Сци. Интернист-нефролог
ПЗУ ПРОМЕДИКА МЕДИКАЛ ЦЕНТАР
Под поимот
психосоматски пореметувања се подразбираат болести кај кои постои некое органско пореметување и психички или социјални фактори кои силно влијаат на настанувањето или текот на болеста. Терминот се користи за да означи „физичка болест за која се мисли дека е причинета или влошена од ментални фактори“.
Психосоматско значи
ум (психа) и
тело (сома). До одреден степен, многу болести се психосоматски – ги зафаќаат и умот и телото. Типични болести се невродермитис, астма, висок крвен притисок, прекумерна дебелина. Пациентите обично се жалат на бројни телесни симптоми и често одат од еден до друг доктор.
Реакцијата на болест многу варира од личност до личност. На пример, осипот од
псоријазата некои луѓе не ги вознемирува многу. Но, пак, други осипот ги прави депресивни и уште поболни.
Од друга страна, менталните болести може да имаат и физички ефекти. При некои ментални болести пациентот може да не се храни или да не се грижи за себе, што може да доведе до физички проблеми.
Некои физички болести се особено склони да се влошат со ментални фактори, како стрес и анксиозност:
егзема, псоријаза, улкусна болест, висок крвен притисок. Се смета дека менталните фактори може да влијаат на физичкиот дел од болеста (силината на осипот, нивото на крвниот притисок).
Умот влијае на физичката болест
Врската меѓу умот и телото е комплексна и не е потполно разбрана. Но јасно е дека умот може да предизвика физички симптоми. На пример, кога се плашиме или сме вознемирени може да се јави
главоболка, забрзано дишење, забрзана работа на срцето, градна болка, тресење (тремор), потење, сува уста, грутка во стомакот, гадење.
Точниот начин како умот предизвикува физички симптоми не е јасен. Кога сме вознемирени се јавува зголемена активност на нервните импулси кои се испраќаат од мозокот до различни делови на телото и се ослободуваат хормони и други хемиски супстанции кои предизвикуваат физички симптоми. Има докази дека мозокот влијае на делови од имунолошкиот систем кои се вовлечени во различни физички болести.
Што е соматизација?
Соматизација е состојба кога ментални, психолошки или емоционални фактори предизвикуваат физички симптоми. Кога соматизираме, менталниот или емотивниот проблем се изразува како еден или повеќе физички симптоми. Симтомите се реални, не се измислени, навистина има скoк на крвниот притисок, забрзан пулс или дијареја. Многу луѓе повремено имаат главоболка од ментален стрес.
Стресот и други ментални проблеми може да предизвикаат многу различни физички симптоми како: умор, вртоглавица, градна болка, палпитации, болки во врат, во грб, гадење, проблеми со цревата, сексуални проблеми, проблеми со менструалниот циклус.
Соматизацијата е честа. Вознемиреноста и депресијата се чести причини за развој на физички симптоми. Најчесто физичките симптоми исчезнуваат кога емоционалните и менталните фактори стануваат полесни.
Tерминот „функционално“ се користи кога причината за физичкиот симптом е непозната.
Функционално пореметување значи дека има физички симптом, пореметување на функцијата (дијареја, болка, вкочанетост), но причината не се знае. Причината може да се должи на ментални фактори (соматизација), физички фактори кои сè уште не се откриени или на комбинација од двата фактора.
Што се соматоформни пореметувања?
Соматоформните пореметувања се тешка форма на соматизација кога физичките симптоми може да предизвикаат голема и долготрајна вознемиреност кај луѓе кои се убедени дека нивните симптоми имаат физичка основа. Тоа се екстремните случаи на скалата на соматизација класифицирани како пореметувања на менталното здравје. Физичките симптоми перзистираат долго време или се силни, но нема физичка болест која целосно може да ги објасни симптомите.
Луѓето се силно емотивни за своите проблеми, не се согласуваат дека нивните симптоми се должат на ментални фактори, убедени се дека причината за нивните симптоми е физички проблем.
Тешко е за докторот да дијагностицира вакво пореметување, тешко е да се биде сигурен дека нема физичка причина за симптомите. Лицата се упатуваат на различни специјалисти и имаат многу испитувања. Многу случаи не се дијагностицираат.
Генетските и факторите од околината (влијание од родители, врсници, медиуми) имаат улога во развојот на овие пореметувања.
Соматиформните пореметувања вклучуваат:
- соматизационо растројство (многу физички симптоми од различни делови на телото, варираат по тежина, се засилуваат и бледнеат, може да се „страшни“, „неподносливи“, може да се должат на потсвесна желба за помош, внимание и грижа),
- хипохондрија (страв дека мали симптоми се должат на сериозна болест, личноста поминува многу време мислејќи на симптомите, прифаќа дека симптомите се минорни, но се плаши дека се предизвикани од некоја сериозна болест),
- конверзивно пореметување (хистерија, симптомите сугерираат сериозна болест на мозокот или нервите – слепило, глувост, слабост, вкочанетост или парализа на раце и нозе кои се јавуваат како одговор на стресна ситуација, несвесно менталниот стрес се конвертира, т.е. се претвора во физички симптом),
- дизморфични нарушувања на телото (личноста поминува многу време во грижа за изгледот и се фокусира на видлив, очигледен но благ физички дефект, загриженоста е несоодветна за дефектот, личноста станува преокупирана, мислата за дефектот е многу вознемирувачка),
- перзистентно болно растројство (постојана болка која трае најмалку шест месеци која не може да се препише на физичка болест, се јавува лутина, бес, немоќ, со тек на време отуѓеност и осаменост, зависност од лекови за болка).
Кој е третманот?
Еден поинаков пристап...
Докторите денес многу повеќе внимание обрнуваат на тоа колку симптомите влијаат на животот и благосостојбата на пациентите. Секоја болест има свои опции за третман. За физичките болести најчесто се најважни физичките третмани, лекови и операции.
Брзото темпо на секојдневниот живот наметнува недостиг на време и еден воопштен пристап кон човекот, занемарувајќи ја неговата целосност, различност и единственост. Секој човек е едно, уникатно, цело суштество. Денес недостига време за откривање на проблемите и задоволување на потребите. Нема време за урамнотежување на телото, умот и емоциите. За нашето општо здравје и рамнотежа на нашата личност неопходна е врската со нашето внатрешно „јас“.
Холистичкиот пристап кон здравјето го лекува човекот, а не болеста.
Зборот „холистички“ потекнува од грчкиот збор
Holos што значи цело. Тоа значи гледање на човекот како едно цело, а не поделено на делови: тело, ум и психа. Трите компоненти го претставуваат човекот на три различни нивоа кои се тесно поврзани и заедно дејствуваат како едно цело. Ако постои нерамнотежа на една компонента, тоа се одразува на другите две. Физичката повреда влијае на расположението, чувствата и мислите. Болест не настанува одеднаш, болест се развива откако ќе се поремети оваа рамнотежа. Најчесто човек знае што е тоа што се случува во неговиот живот што условува и поттикнува појава на болест.
Холистичкиот пристап кон здравјето подразбира откривање на внатрешните и надворешните причини кои ја пореметуваат рамнотежата и нивно ублажување или отстранување. Целокупниот пристап значи да се мисли на сите аспекти од животот, навиките, начинот на исхрана, физичката активност, сонот, личните проблеми и емотивната состојба, соматските болести.
За да се лекува и излекува болеста треба да се промени свеста, да се променат животните навики на свесно ниво, да се воспостави нов стил на живот. Одржување здрав организам бара активност, здрав начин на исхрана, одржување здрава телесна тежина и физичка кондиција, здрав ритам на будност и спиење, емоционална рамнотежа и ментална бистрина, здрави семејни и пријателски врски. Тоа помага да се оздрави и личноста да се врати во природната состојба на рамнотежа, хармонија и склад.
Здравјето не е само отсуство на болест…
Најлесно е човек да бара лекарот да му ги реши сите проблеми, но тоа е невозможно. Во пристапот кон здравјето човекот е активен и рамноправен учесник во процесот на лекување. Човекот е одговорен за своето сопствено здравје и за исходот на лекувањето. Затоа што тој е едно цело, тело, ум и дух. Сите системи во телото меѓусебно ефикасно и чудесно соработуваат и ние не треба да сме неблагодарни. Телото испраќа знаци со кои порачува „не сум добро“, но ние ги игнорираме („денес немам време да мислам на тоа“), поминуваме покрај црвените знамиња и ризикуваме малите симптоми да се развијат во посериозни здравствени проблеми. Со здрави животни навики и водејќи сметка за своето физичко и духовно здравје човек активно ги превенира болестите, а кога ќе се појават го олеснува нивното лекување.
Да се грижиме и за своето здравје како што се грижиме за останатите аспекти на животот: домот, финансииите, автомобилот, да преземеме контрола колку што можеме, а тоа не е малку.
За детално читање на овој текст, погледнете на 22-23 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2020).