- Што претставува имунитетот и зошто е толку важен?
Околу нас е валкано, внатре во нас е чисто и стерилно. Тоа го прави имунолошкиот систем со сите негови капацитети. Значи, ние „пливаме“ во свет од бактерии и вируси кои сакаат да продрат во нашето тело. Имунолошкиот систем е она што го одржува нашето тело чисто и заштитено. Во основа се дели на вроден и стекнат, што би се рекло, нашиот имунолошки систем може и да учи и да се приспособува. Тоа е доволно што секој би требало да го знае како вовед за својот имунитет.
- На кој начин може да го поддржиме имунитетот?
Имунитетот е една од многуте функции на нашето тело. Сите тие функции, која повеќе која помалку, зависат од севкупниот начин на живот. Оттука, како се храниме, колку сме активни, колку се одмораме и колку спиеме, дали имаме стрес – сите овие фактори влијаат на сите функции на нашето тело, па и на имунитетот. Затоа е важно да имаме еден опфатен баланс во начинот на живот доколку сакаме да го поддржиме имунолошкиот систем на правилен начин.
- Дали здравата исхрана е доволна за подобрување на имунитетот?
Исхраната е веројатно еден од поважните фактори. На имунолошкиот систем му се неопходни градбени елементи, ензими, како и минерали кои имаат клучно дејство. Важно е сите да бидат земани редовно и во доволни количини. Но, секако, без останатите набројани фактори не би можеле да речеме дека исхраната сама по себе е доволна.
- Кои прехранбени намирници најмногу може да ни помогнат за градење силен имунитет?
Постојат различни намирници за кои има научни судии што укажуваат на некаков ефект врз имунолошкиот систем и тоа е охрабрувачко. На пример, печурките се истражувани како стимулатор на имунолошкиот систем. Се претпоставува дека високите количества на бета-глукани кои ги има во печурките придонесуваат за подобра реакција на имунолошкиот систем. Понатаму, и кивите се проучувани како поттикнувачи на имунолошкиот систем и има надежни резултати. Сепак, оваа наука се чини дека е некако млада и дека имаме уште многу да истражуваме во оваа област.
- Колку и како стресот влијае на имунолошкиот систем?
Еден од најголемите непријатели на имунолошкиот систем е токму стресот. Читателите тоа и самите го имаат искусено, на пример, после стресни ситуации може да се појави херпес кој претходно бил латентен. Херпесот, секако, е само една лесна манифестација во однос на тоа што вистински се случува во нашиот систем под влијание на стресот. Особено треба да се истакне улогата на т.н. хроничен стрес, кој на долг рок му прави штета на имунолошкиот систем.
- Колку квалитетниот сон влијае врз нашето здравје?
Тука најмногу пропушта современиот човек. Впрочем, сите сме некако зафатени и кратиме токму од сонот најчесто. Има епидемиолошки податоци кои велат дека има бран на ненаспаност, особено кај помладата популација. Добро е да се знае дека сон под 4 часа во една ноќ веќе влијае негативно на имунолошкиот систем. А замислете ако тоа се провлекува подолг период? Затоа, им порачувам на читателите овој дел кој се однесува на сонот и имунитетот да го сфатат особено сериозно и да не го прескокнуваат.
- Кои се Вашите препораки за луѓето кои страдаат од хронични заболувања?
Хроничните заболувања бараат дисциплина. Дисциплина во исхраната, во физичката активност, во терапијата, редовните прегледи и потребните додатоци. На тој начин цела состојба може да биде многу полесна и самите болести да се држат под контрола, колку што е можно. Исто така, во оваа пандемија им препорачувам да се чуваат себеси, но и да немаат преголем страв, па и тоа да им создава проблем во живеењето. Вирусот не е смртна пресуда од старт за никого, каква и да му е состојбата, едноставно е непредвидлив. Да го чуваат здравјето и да уживаат во празниците!
За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2021).