Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју со Емра Куртишова и Дритон Вејсели – Сè е подобро кога има љубов

февруари 1, 2021

Дритон Вејсели


1. Во сечие срце љубовта има посебно место. За некого тоа е љубов спрема професијата, за некого спрема своето хоби или, пак, за одредена личност. Дали си романтичен и што претставува љубовта за тебе?

Дритон В.: Верувам дека секој човек е романтичен на свој начин. Романтиката не се само клишеата од љубовните филмови, тоа е копнежот на секој човек што посилно да зграби некој момент поминат со драга личност, да го направи посебен, да го замрзне во времето на некој начин. Тоа е љубовта.



2. Со оглед на долгите работни часови за време на снимањата и брзото темпо на живот, дали имаш одреден начин на исхрана?

Дритон В.: Така е, самата работа бара телото да е што е можно поздраво и поиздржливо поради условите. Деновите на снимање обично се одвиваат според строго утврдени распореди и протоколи, но знаат и да бидат навистина непредвидливи и во такви моменти или воопшто не се мисли на храна или се јаде тоа што има J. Сепак, не е лесно да се искоренат старите навики, а уште потешко е на нивно место да се воспостават нови, кои, всушност, се здрави.

3. Кој е најубавиот начин за релаксирање и одмор?

Дритон В.: Убаво друштво на убаво место.

4. Изминатата година уште еднаш се потсетивме на важноста на доброто здравје. Дали се сметаш за дисциплинирана личност кога станува збор за своето тело и здравје?

Дритон В.: Ќе се надоврзам на прашањето од пред малку. Не би рекол дека сум дисциплиниран, но сè повеќе се трудам да посветувам време за грижа за себе и најблиските. Нема бегање од поуките од пандемијата. Здравјето е приоритет, и физичкото и менталното.

5. Кој е најлесниот, а кој најтешкиот дел од твојата професија?

Дритон В.: Самата работа е тешка и напорна. Треба да се присуствува на состаноци, да се учествува во работилници, да се читаат и учат текстови, да се истражува, вежба и пробува, и дури потоа доаѓа снимањето или изведбата што е тешко само по себе. Но, кога оваа професија се работи со голема љубов, сето ова е многу полесно отколку што изгледа.



6. Од каде ја црпиш најголемата инспирација кога станува збор за ликот Талат? Кои се оние мигови од секојдневието кои го задржуваат твоето внимание?

Дритон В.: Миговите од секојдневието кои го задржуваат моето внимание се токму тоа –  инспирација за ликот. Како и повеќето млади луѓе сакам добра забава и шега, сакам добро друштво, мразам лицемерие и неправди, ме нервираат лажни и самобендисани ликови...

7. Како го одржуваш балансот помеѓу Дритон и Талат? Дали после извесно време почувствува промена во својот карактер токму поради влијанието на твојата улога?

Дритон В.: Не би рекол дека настанала промена во мојот карактер поради улогата, но во еден момент станав исклучително свесен за огромното влијание на Талат кај гледачите, фановите на „Преспав“ и влијанието на Талат и воопшто на „Преспав“ во популарната култура во Македонија и регионот. Тоа е голема одговорност и многу маркантен момент во животот на еден актер и како таков со себе носи одредена тежина која не дозволува бесконечна своеволност во мојата лична перцепција за ликот.

8. Која е пораката на Талат за читателите на Betty магазин?

Дритон В.: Љубовта и пријателството се најважни во животот, негувајте ги како што си го негувате здравјето.

Емра Куртишова


1. Како Исаура ја доживува љубовта, а како Емра?

Емра К.: Исаура не ја бара љубовта таму каде што ја нема. Користи тактика, подготвена е со сите аршини да се избори за љубов, но само за онаа вистинската. Од друга страна, пак, кај Емра не постои тактика. Сметам дека со љубовта не смее  да се тактизира, а доколку дојде до тоа, тогаш во таа врска нешто не е во ред. Љубовта за мене е обострано препуштање и уживање во неа.



2. Кои човечки карактеристики се највлијателни за задржување на твоето внимание кај спротивниот пол?

Емра К.: Емоционална писменост кон сè што дише во светот, искреност, доверба и клучната карактеристика – почитување.

3. Како се снајде со работното темпо за време на снимањата и на што најмногу внимаваше за да ја задржиш енергијата која се пресликува со твојот лик?

Емра К.: За разлика од минатата сезона, овој пат работното темпо ми беше многу порелаксирано. Поради пандемијата познато е дека театрите немаат вообичаен репертоар на претстави, и со самото тоа бев сконцентрирана само на снимањето на „Преспав“.

4. Велат дека нашето опкружување има клучна улога во оформување на нашиот карактер. Што најмногу те инспирира за надополнување на твојот лик?

Емра К.: Ќе се согласиме дека серијата опфаќа карактери од нашето секојдневие. Во последно време сè повеќе слушам како публиката ги поистоветува ликовите со некој што го познава. За инспирацијата на мојот лик постои поголем сплет на карактери и мислам дека ја имам таа чест поради тоа што таа е неисцрпна.  Со ликот на Исаура може да се оди до бескрај, нејзините итрина и брзоплетост оправдуваат секакви бисери.

5. Дали би сакала да смениш некои животни навики во име на здравиот начин на живот?

Емра К.: Ако прашањето се однесува за моменталната состојба во која се наоѓаме сите, тогаш ќе си признаеме дека поголемиот дел од нас стекнавме навики кои и тоа како ни го пореметија биоритамот, но и имавме можност поинаку да ги согледаме навиките кои сме ги имале пред пандемијата и карантините. Инаку, да, постои навика од која би сакала да се одвикнам – цигарите.



6. Колкаво значење му придаваш на менталното здравје кое се смета за клучно при задржување на физичкото здравје?

Емра К.: Мислам дека кај нас свесноста за менталното здравје, за жал, е на маргините. Ретко кога ни  е приоритет. Секако, тоа мора да се промени, а за да се промени мораме да си „прочепкаме“ таму некаде во главата. Секое зошто има затоа.

7. Која е најважната лекција која ја научи за време на пандемијата?

Емра К.: Ние сме човечки битија кои зависат едни од други, но за волја на вистината пандемијата ни покажа и докажа дека семејството е она кое најмногу треба да се чува и  вреднува.

8. Знаеме дека си голем борец за правата на животните. Која порака би сакала да ја испратиш до читателите Betty магазин во однос на грижата за нив?

Емра К.: Ќе се надоврзам на претходното прашање. Пандемијата, исто така, ни потврди дека злото си останува зло, нема  сила што може да го промени, иако на почетокот верувавме  дека ова лудило ќе нè смекне  во душите. Сведоци сме на огромен број отруени, напуштени, тепани до смрт и злоупотребувани животни, па оттука би сакала да упатам порака до сите со макар малку емпатија кон животните да  им се најдат во овие  денови кога умираат од глад и студ, да им се помогне да ја преживеат зимата. Животните изразуваат благодарност, за разлика од некои луѓе/нелуѓе.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>