Фармацевти
Контакт

<< Назад

Зошто може да се промени бојата на урината?

февруари 1, 2021

Маја Милованчева-Поповска
д-р мед.сци. интернист-нефролог
ПЗУ ПРОМЕДИКА МЕДИКАЛ ЦЕНТАР

|



Бојата на урината зависи од внесот на течности во текот на денот. Пигментот урохром ја дава бојата на урината која може да е од бледо до темножолта, боја на килибар. Кога се внесуваат повеќе течности, жолтите пигменти на урината се разредуваат и таа е посветла. Урината е темна како килибар кога постои дехидратација. Дехидратација се развива кога телото губи повеќе вода и течности отколку што се внесуваат.

Различни здравствени проблеми, лекови, пигменти во храната може да ја променат бојата на урината. Не секогаш промената на бојата на урината е лош знак.

Најчесто се јавува промена во розова и јасно до темноцрвена боја. Во повеќето случаи црвената боја потекнува од присуство на крв во урината (хематурија) или миоглобин, протеин во мускулните клетки (миоглобинурија).

Причини за крв во урината се каменчиња во бубрезите, нефролитијаза (најчеста причина); инфекции на бубрезите, мочниот меур и простатата; тумори (бубрези, уровезика, простата), цисти.

Миоглобинурија се јавува кога при интензивно вежбање се оштетуваат мускулните клетки и миоглобинот од клетките излегува и ја пребојува урината во црвено. Посебен ентитет е марш хемоглобинуријата, состојба кога еритроцитите (црвените крвни зрнца) се распаѓаат поради механичко оштетување во крвната циркулација при долго интензивно пешачење („марш“) или трчање. Екстремен физички напор кој води до мускулно оштетување може да даде урина како кока-кола.

Цвеклото (содржи пигмент бетаин), боровинките и капинките се храна која може да даде црвено пребоена урина ако се консумираат во поголеми количини.

Некои лекови (рифампин, феназопиридин, лаксативи кои содржат сена) може да дадат црвена урина. Лекови кои даваат крв во урината се антикоагуланти, лекови кои ја разретчуваат крвта,  аспирин, хепарин; лекови кои го супримираат имунолошкиот систем (циклофосфамид).

Поретко црвеникава или темнокафена урина се гледа при некои типови на анемија, таласемија и порфирија.

Понекогаш истите причини кои даваат црвена урина може да дадат и кафена или како кока-кола или пиво урина.

Здравствени состојби на црниот дроб кои одат со зголем билирубин во крвта (хепатитис, цироза) или при запушен билијарен канал (каменче, тумор) може да дадат кафена урина. Голема количина на билирубин во крвта со жолтица, зголемена слезина и кафена урина се јавува и при зголемена разградба на еритроцитите во крвта (хемолитичка анемија, скратен е животниот век на еритроцитите).

Консумација на поголема количина  грав или алое, исто така, може да даде темнокафена урина.

Црна урина се јавува при ретка вродена болест алкаптонурија. При меланом, канцер на кожа, пигментот меланин го има во циркулацијата и може да се најде во урината, прекурсорите на меланин оксидираат во присуство на кислород и урината се пребоjува.

Има лекови (за хемотерапија, некои лаксативи, изонијазид и рифампин, рибофлавин, сулфасалазин) кои може да ја пребојат урината во портокалово. Болести на црниот дроб и билијарното стебло, дехидратација, витамин Ц и морковите може да дадат портокалова урина.

Синдром на виолетова уринарна кеса ретко се јавува кај лица кои долго носат урокатетер и имаат бактериски инфекции (Клебсиела, Протеус, Псевдомонас, Ешерихија, Ентерококус). Пигментите индиго и индирубин реагираат со синтетичкиот материјал  од кесата и катетерот и бојата се менува во виолетова.

Зелена урина поретко се гледа од бои кои се користат во прехранбената индустрија, консумација на аспарагус или уринарна инфекција со псевдомонас. Има и лекови кои, исто така, може да дадат зелена боја на урината.

За откривање на причината за промената на бојата на урината некогаш е доволен распитот на пациентот за внес на одредена храна, лекови. Сепак, најчесто се потребни дополнителни иследувањаː крвни анализи, анализа на урината, уринокултура, ехосонографија, компјутерска томографија.

 За детално читање на овој текст, погледнете на 22-23 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>