Тања Митрова
фармацевтски техничар
АПТЕКА ФАРМАКА СТРУМИЦА
|
Кои прехранбени производи придонесуваат за зачувување и подобрување на здравјето и убавината на косата?
За нега на косата најважни се витамините:
- Витамин А – го промовира лачењето на себумот од кожните жлезди. Себумот е масна компонента која превенира сушење на скалпот и го чува здравјето на косата.
- Витаминот Е е антиоксидант растворлив во липиди, молекула што е во состојба да ги неутрализира слободните радикали во кожата, косата и телото. Витаминот Е се здоби со голема популарност поради неговата можност да ја претвори влажната, сува коса во бујна и сјајна. Се верува дека витаминот Е може да го намали опаѓањето на косата, да го подобри здравјето на скалпот и циркулацијата и да даде сјај на косата.
- Витамин Д.Некои студии покажуваат дека витаминот Д многу влијае врз растот на косата, па затоа се препорачува редовно да се внесува преку исхраната. Витаминот Д го има во рибата (харинга, сом, пастрмка и лосос), но, исто така, и во кравјото, како и во соиното млеко.
- Витаминот Ц е од суштинско значење за производство на колаген, протеин што дава форма и сила на многу ткива, особено на ноктите, косата и забите. Витаминот Ц, исто така, е многу важен за здравјето на косата, бидејќи го намалува расцепувањето на влакното и ја одржува косата густа и силна. Како што е познато цитрусните овошја (портокал, лимон) се богати со витамин Ц, но богати со витамин Ц, исто така, се и доматите, компирите, јагодите итн.
- Витамин Б. Кога станува збор за одржување на косата, витаминот Б е ваш пријател. Фолатот е најзаслужен за цврстината и сјајот на влакното. Еве што треба да вклучите во исхраната: зелени салати, житни растенија, риба, пилешко, мисиркино месо, грав, ореви, разни видови морска храна. Фолатот е најзастапен во: гравот, леќата, спанаќот, аспарагусот и др.
Од не помала важност се цинкот, железото и калциумот.
- Цинк - Покрај многуте здравствени придобивки, цинкот помага за заштита на косата од опаѓање. Внимавајте вашата исхрана да вклучува цинк. Храна богата со цинк е: морската храна како остригите, јастогот и ракот, некои видови месо како говедското, свинското и пилешкото, а цинкот го има и во јајцата, гравот, јогуртот, како и во некои јаткасти плодови.
- Калциум - Калциумот е клучен за цврстината на вашата коса, па затоа обрнете му големо внимание. Најмногу го има во млечните производи, но исто и во брокулата, кајсиите, портокалите и сардините.
- Железо - Доколку косата ви опаѓа повеќе од вообичаено, тоа може да биде знак на анемичност и недостиг на железо. Затоа обрнете внимание вашата исхрана да вклучува производи богати со железо, како: јунешко месо, црн дроб, спанаќ, соја, артичоки и сливи. Доколку, пак, недостигот е голем, може да размислите за внесување железо со помош на лекарства, за што задолжително мора да се консултирате со доктор, бидејќи претераната употреба на вакви производи може да биде опасна. Исто така, се препорачува консумирање витамин Ц за подобра апсорпција на железото во организмот.
Природните масла, исто така, се многу важни за убавината и здравјето на косата. Најчесто користени се маслото од рузмарин, лаванда, кедар и многу други.
- Рузмаринот од многу одамна се користел за да спречи ќелавост. Како третман за коса рузмаринот може да се користи во вид на чај, така што ќе ја прелиете целата коса или, пак, ќе го масирате скалпот на косата со масло од рузмарин. Почекајте да дејствува, потоа добро измијте го.
- Лаванда. Освен по нејзината моќ за смирување на сетилата, лавандата е корисна и за вашата коса. Масирајте го скалпот со масло од лаванда три пати неделно и сами ќе го забележите резултатот.
- Кедар е една од најупотребуваните состојки за производство на парфеми и разни козметички производи, но неговата употреба не запира тука. Маслото од кедар слободно искористете го за зајакнување на вашата коса.
Доколку имате сува коса важно е да внесувате производи кои содржат сулфур и бакар, како што се: лигњи, краставица, лук, кромид, зелка, тиквички.
Еве неколку идеи за маски за коса кои можете сами да ги направите во домашни услови:
Доволно е еднаш неделно да се става маска за коса која можете и сами да ја направите. Потребно е да користите билни масла како чичково, рицинусово или маслиново во комбинација со мед и јајце.
Маска со јајце
Јајцата се богати со многу хранливи супстанции, витамини Д, А и Б, железо и протеини. Всушност, протеините во јајцата се едни од најквалитетните протеини кои може да се најдат во храната. Кои хранливи материи од јајцата ќе ви помогнат во нега на косата?
- Протеини: го негуваат коренот на косата и овозможуваат побрз раст
- Масти: даваат природен сјај на косата
- Витамин А: помага при кршлива коса
- Витамин Д: ја заштитува косата од опаѓање
- Калциум: помага во забрзување на растот на косата
Како да подготвите домашна маска за коса од јајца?
Потребни намирици:
- 1 јајце (за подолга коса, користете 2 јајца)
- 1/2 чаша млеко
- сок од 1 лимон
- 2 лажички маслиново масло
Начин на подготовка:
Одвојте ги белките од жолчките, во зависност од тоа каква коса имате. За масна коса, користете само белки од јајца, за сува коса само жолчки од јајца или цело јајце за нормална коса. Ставете го делот од јајцето што го користите во еден сад. Промешајте добро и додајте го млекото и маслиновото масло и заедно промешајте. Додајте го и лимоновиот сок. Нанесете ја маската на скалпот на косата, а потоа нанесувајте кон врвовите. Косата замотајте ја во капа за туширање или пластична кеса и оставете да стои 15 минути. Измијте со млака вода и органски шампон.
Маска со банани
Бананите се најдоброто овошје кое може да го најдете во текот на целата година. Богати со витамини, антиоксиданти и природни масла, бананите се одличен избор за подготовка на домашна маска за коса. Маската од банани ќе ги зајакне влакната на косата и ќе ја зголеми нивната еластичност. Еве кои се моќните нутриенти во бананите кои ќе бидат во функција на вашата коса:
- Витамин А: помага кај сува и оштетена коса
- Витамин Е: ги зајакнува фоликулите на косата и ја потхранува
- Витамин Ц: ја регулира маснотијата во косата.
Како да подготвите маска со банана?
Потребни намирници:
- 1 или 2 излупени банани
- 1 лажица кокосово масло
- 1 лажица маслиново масло
- 1 лажица мед
Начин на подготовка:
Изблендирајте ги бананите во блендер. Додајте ги медот, кокосовото масло и маслиновото масло и повторно изблендирајте. Нанесете ја маската на влажна коса и оставете да отстои 10 минути. Потоа измијте ја косата само со млака вода.
Домашна маска со јогурт
Јогуртот е преполн со антиоксиданти, витамини, калциум и протеин. Има негувачко дејство и е особено полезен за масна коса.
Како да ја подготвите?
Потребни намирници:
- 1/2 чаша јогурт (или помалку, во зависност од должината на вашата коса)
- 1 лажица јаболков оцет
- 1 лажица мед
Начин на подготовка:
Измешајте го јогуртот, јаболковиот оцет и медот во еден сад. Нанесете ја мешавината на скалпот, нежно пренесувајќи ја кон краевите на косата. Оставете да дејствува 15 минути, потоа измијте со млака вода и шампон.
Како останатите намирници кои се користат во овие маски се полезни за вашата коса?
Маслиново масло
Ја хидрира косата, т.е. дејствува како природен навлажнувач. Одлично е за нега на сува и оштетена коса и за расцепкани врвови, давајќи ѝ природен сјај и свежина на косата.
Млеко
Ја омекнува косата.
Лимон
Лимонот дејствува на тој начин што ги затвора порите на скалпот, а со тоа го ослободува од вишокот на маснотии во вашата коса. Но, мора да бидете внимателни – тој може да ја осветли бојата на косата, па осигурајте се дека сокот од лимонот ќе го користите доволно разреден со вода, во сооднос 1:2.
Кокосово масло
Одлично за одржување мека и здрава коса, давајќи ѝ истовремено сладок мирис. Кокосовото масло дејствува против оштетена коса, особено по нејзиното изложување на сонце или на променливо време.
Мед
Медот е многу полезен, особено ако имате сува коса или првут. Со своето регенеративно дејство ја негува косата, давајќи ѝ природен сјај.
Јаболков оцет
Јаболковиот оцет ќе ви помогне да се ослободите од вишокот на маснотии на скалпот и косата и ќе ве ослободи од првутот и чувството на постојано чешање во главата.
За детално читање на овој текст, погледнете на 8-9 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАРТ 2021).