Фармацевти
Контакт

<< Назад

Превенција и прва помош при замастување на црниот дроб!

април 1, 2021

Филип Ачкоски
М-р по фармација

|



Замастениот црн дроб е здравствен проблем што се јавува кај  10-24 % од популацијата (дури и кај деца) и доколку не се реагира на време може да биде многу опасен. Општо познато е дека консумирање алкохол во големи количини и во подолг временски период води кон оштетување на црниот дроб. Сепак, уште почесто доаѓа до замастување на црниот дроб кое е од неалкохолно потекло. Тука спаѓаат неколку заболувања: стеатоза (акумулација на маснотии во црниот дроб), потоа безалкохолен стеатохепатитис, кој е потешка форма и подразбира воспалителен процес во црниот дроб, а најсериозната форма е т.н. цироза на црниот дроб, која е неповратно оштетување како резултат на хронично воспаление и формирање сврзно ткиво во црниот дроб со што тој ја губи својата функција. Овие три заболувања се смета дека се резултат на отпорност кон инсулин, а покачен БМИ (индекс на телесна маса) многу често е во корелација со степенот на оштетување на црниот дроб. Со други зборови –  поголема тежина, поголемо оштетување на црниот дроб! Токму затоа намалувањето на тежината е прв чекор во третманот на оваа болест, бидејќи се покажа дека намалувањето на тежината доведува до пониско ниво на ензимите на црниот дроб во крвта. За оваа цел клучно е приспособување на исхраната, т.е. замена на масната храна и простите шеќери со поздрави опции, а, пред сè, со зголемување на уделот на свежо овошје, зеленчук и здрави протеини во исхраната (посни меса, риба, грав, мешунки, ореви) и, секако, намалување на дневниот калориски внес. Оброците треба да бидат богати со растителни влакна (интегрални житни растенија) и пробиотици со цел да се забрза метаболизмот. Особено е важно да се заменат безалкохолните пијалаци кои вообичаено содржат големи количини шеќер со обична вода или незасладени овошни сокови. Генерално треба да се избегнува храна со висок гликемиски индекс која брзо го покачува шеќерот во крвта како што се бел леб и бели пецива, слатки, тестенини, бел ориз и обичен шеќер. Треба да се избегнуваат и масни меса (на пр., свинско) и месни преработки (паштети, виршли, колбаси итн.), нездрави пржени грицки (чипс, флипс итн.), мајонез и др. Треба да се пие многу вода (2-3л на ден) за да им помогнеме на бубрезите да ги излачат токсините ослободени од црниот дроб. Другите насоки подразбираат апстиненција од алкохолни пијалаци и пушење, како и намалена консумација на кафе до максимум 2-3 шолји на ден. Како дополна на промените во исхраната важно е да се воведе и секојдневна физичка активност – барем пешачење во време од 30 минути на ден. Физичката активност е многу важна за здравјето на црниот дроб затоа што помага да се трошат складираните маснотии од црниот дроб (како и од остатокот од телото). Вежбањето во комбинација со диета ја зголемува мускулната маса и чувствителноста на инсулин.

Покрај ова, честопати, треба да се третираат истовремено присутни болести, како што се: дијабетес тип 2 и покачено ниво на холестерол и триглицериди. Во овој контекст можеме да си помогнеме и со користење природни продукти на база на силимарин, артичока, црвен ориз, витамин Е  итн. Артичоката е познат заштитник на црниот дроб, а помага и за намалување на покачените количини на холестерол и триглицериди преку стимулација на излачување на жолчката. Силимаринот е силен антиоксидант кој помага во обновувањето на клетките на црниот дроб, а екстрактот од црвен ориз преку активната компонента монаколин К (во доза од 10мг/ден) дејствува како природен статин и докажано ги нормализира покачените нивоа на холестерол и триглицериди во крвта.

За детално читање на овој текст, погледнете на 6-7 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>