Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју со Аспазија Софијанова – Храбра и енергична

април 1, 2021

Проф. Д-р Аспазија Софијанова
Директорка на Клиниката за детски болести во Скопје
Претседател на Педијатриското здружение на Македонија

|



Цули – како што ја нарекуваат нејзините соработници и пријатели, шармира со својот неуморен темперамент и позитивна енергија. Проф. Др. Аспазија Софијанова која е Директорка на Клиниката за детски болести во Скопје и Претседател на педијатриското здружение на Македонија е дамата која во себе крие уметник, љубител на природата и емотивец.

1. Која е д-р Софијанова кога ќе го соблече белиот мантил?

Најобичен човек. Мајка, жена, веќе и баба... Еден нормален човек кој едноставно светот го гледа како поле на позитивно натпреварување. За жал, создадени се премногу негативности помеѓу луѓето, додека единствено позитивноста е она што нè прави сите нас да живееме за среќата и љубовта.

2. Знаеме дека свирите клавир, дека сте биле дел од мјузикли, Ве интересираат теми како астрологија и природни науки... Како се пронајдовте во улогата на докторка која е препознаена од  целата нација?

Точно е дека свирам клавир и дека пеам. Завршив средно музичко училиште во Соединетите Американски Држави. Точно е дека имам играно во мјузикл и тоа мјузиклот „Оклахома“ каде повеќе или помалку бев во главната улога. Длабоко во себе знам дека тоа е она што сум вистински јас. Професорот Драгомански велеше: „Кога би го мереле твојот мозок, веројатно има некаде нешто повеќе кон дарбата кон музиката.“ Тоа е мојата наклонетост спрема уметноста. Мојот татко, мојот дедо, исто така, свиреа на клавир и на некој начин беа поврзани со музиката. Многу веројатно  дека тоа е моја наследна особина. Токму тие моменти се начин со кој се ослободуваме од сета негативна енергија и кога емоциите и чувствата излегуваат на површина. Сите ние длабоко во себе имаме забетонирано некаков дел од нас кој очајно се труди да излезе на површина, бидејќи само тоа може повторно да предизвика насмевка на нашите лица.

3. Што за Вас значи вистинска дама?

Вистинска дама е онаа која  знае да го носи тоа на себе и која е вистински предодредена да биде дама. Без да глуми и без да се труди да се претвора во нешто  што не е. Жена која не ја имитира дамата, туку едноставно  така е родена. Или го носите тоа во вашата генетика или едноставно го немате.

4. Како се грижите за своето тело? Кои се клучните работи кои треба да ги прави секоја негувана жена?

Генерално јас сум многу темпераментна личност. Во текот на денот имам извонредно многу голем број на активности кои се поврзани со физичката активност. Со самото тоа што Клиниката има 2 оддела и седум ката, може да замислите колкаво движење е потребно. Како интензивист-педијатар потребно е постојано да бидете мобилни. Покрај тоа, имам милениче, бишон, кое секако дека редовно го шетам и кое  ми создава едно пријатно чувство на собирање  убава енергија. Во минатото често  трчав. Речиси десетина години тоа беше мојата секојдневна активност и тогаш со трчањето се ослободував од негативната енергија на кејот на Вардар. Научните трудови, секојдневните обврски, обемот на одговорноста, читањето, пишувањето сè повеќе ве заробуваат на стол и токму затоа, за жал, имав помалку време за да продолжам со оваа здрава навика. Сега тој дел го надоместувам во природа, поточно во моето родно Крушево каде што е мојот втор дом. Таму шумата ми е најблискиот пријател, додека канаринците се мојот омилен хор.

5. Колку сте физички активни? Дали практикувате некаков спорт?

Според мене, менталното здравје треба да е на прво место од нашите приоритети. Доколку го нарушите менталното здравје, физичкото здравје е некомплетно. Особено пандемијата ни покажа дека менталното здравје е клучно за да ги преживееме кризните состојби во нашите животи. Тоа укажува колку човек е цврст. Честопати сведочиме дека луѓето се ценат токму по тоа.



6. Колку е важно менталното здравје и како Вие ги контролирате своите емоции?

Во секојдневието не сум човек кој покажува емоции. Особено предизвиците со кои се соочуваме во нашата професија се поврзани со различни видови  проблеми и состојби поврзани со семејства, загуби, па и со убави работи, нè прават да знаеме да ги контролираме нашите реакции и емоции. Тоа сè заедно прави сето тоа да го гледаме како дел од животот. Затоа бидете среќни и користете ја својата насмевка во секој миг. Сепак, длабоко во себе сум многу повеќе емотивна од она што би можел некој да  замисли.

7. Кој е Вашиот начин на релаксација?

Имам еден дел на мојата тераса каде што имам можност да слушам музика. Најчесто сакам да го слушам звукот на природата. Сакам да слушам релаксирачки звуци од мориња, океани, бранови, лисја... Исто така, цвеќињата се моја пасија. Бидејќи сум пролетно дете, уживам кога ги негувам цвеќињата кои  ми возвраќаат со енергијата  што ми е потребна и ме подготвуваат за предизвиците на секој нов ден.

8. Вие сте жена која како приватно така и професионално имала можност да прошета во повеќе земји. Доколку би направиле некаква споредба во однос на дисциплинираноста за здравиот живот и грижата за своето здравје, што е она што ни недостасува?

Поради професијата,  но и како претседател на Здружението на педијатри ја претставував нашата држава на различни места во светов. Точно е дека говорам повеќе јазици, живеев во други држави како Велика Британија, Соединетите Американски Држави, ги посетив речиси сите европски земји... Но, најголем впечаток ми остави Јапонија и јас тоа секогаш го нагласувам. Покрај тоа што најверојатно се пронајдов себеси во таа автодисциплина што ја има таа држава, ме воодушеви редот што го нуди на сите подеднакво. За жал, кај нас барајќи го тој праведен однос гледаме дека културолошката разлика наметнува малку потешко да го постигнеме тоа.



9. Кој е Вашиот став во однос на внесувањето витамини и минерали кај децата? Дали сметате дека правилниот начин е преку внесување храна богата со нив или, пак, сепак, потребни се додатоци во исхраната?

И покрај тоа што постојано ги следам новитетите во науката, сепак, останувам традиционална во тој дел. Според мене, добро зготвената храна е најсоодветниот избор. Секогаш велам дека витамините и минералите треба да настојуваме да ги внесуваме по природен пат. Тоа е најдобриот и најздравиот начин на раст и развој кај децата. Во недостиг на сонце, дополнителното внесување на витамин Д е препорачливо. Не знам зошто постојано се алудира на витаминот Ц, кога тој е присутен во сите овошја и зеленчуци – нешто што ни е многу достапно за консумација.

10. Кој би бил Вашиот совет за родителите на предвреме родените бебиња?

Тие родители најчесто не се ни свесни колку нивните деца може да бидат попаметни од останатите. Ова го велам бидејќи ги имаме податоците од децата за кои се грижиме. Нивните предизвици се поголеми од предизвиците на другите деца и токму поради тоа во текот на својот живот тие постојано имаат потреба да се докажуваат во однос на своите  врсници. Нивната борба за живот е практично она што нив ги прави вечно борбени. Голем процент од предвреме родените деца кои поминале од нашите „одаи“, како што знам да ги наречам јас просториите во нашата Клиника, го покажале тоа и ние сме горди на нив.

Секогаш велам дека нашата професија во однос на предвреме родените деца е наука и уметност во исто време. Ние се трудиме да ги споиме нашите вештини со нашиот ум и да ги даруваме тие бебиња со многу љубов.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>