Спец. д-р Маргица Арсовска
педијатар
ЈЗУ Општа болница - Куманово
|
Плачот кај бебињата е физиолошка појава и единствен начин на комуникација со надворешната околина. Ова посебно важи за новороденче и младо доенче, кога преку плачот го искажува своето расположение и своите потреби. Здраво бебе и треба да плаче, тоа е нормална и очекувана појава. Ние педијатрите сме позагрижени доколку бебето не плаче, кога е поспано (повеќе од нормално), без енергија... Кај родителите, пак, плачот предизвикува паника или страв дека со бебето нешто не е во ред. Ова е и една од најчестите причини за посета на лекар, особено во првите неколку месеци од раѓањето.
Како да му помогнеме?
Здраво бебе плаче од 1 до 3 часа во просек за едно деноноќие. Важно за секој родител е да реагира и со тек на време да го разбере плачот и правилно да му помогне на новиот член на семејството. Плачот е начин на комуникација, знак за потреба на вашето бебе. Најчесто тоа се едноставни потреби. Бебето плаче зашто е гладно, жедно, кога бара да се пресоблече, кога е поспано, осамено или уморно, кога му е студено или е претоплено, или, пак, кога нешто го боли. Ако има поминато повеќе од 2 до 3 часа од последениот оброк, најверојатно бебето е гладно и веднаш ќе се смири кога ќе му дадете млеко. Најубаво е мајката да го дои своето бебе, но доколку од кои било причини не може да ја задоволи потребната количина на млеко или, пак, нејзината состојба не дозволува да дои, може да се воведе дохрана – адаптирана млечна формула.
Бебето сака топлина, удобност и сигурност, така што понекогаш плачот е знак дека тоа сака да биде блиску до вас. Едноставно сака да го земете во раце и да ја почувствува вашата топлина. Кога е поспано, односно уморно, бебето е раздразливо (му треба сон и мирно и тивко место за спиење). Подеднакво важна е и правилната амбиентална температура (температурата во просторијата во која е новороденото бебе треба да е од 21-23
0C).
Страв од непознати лица, непознати места, необични, непредвидливи и прегласни звуци, исто така, предизвикуваат вознемиреност и плач кај бебето.
Кога почнуваат првите грчеви?
Во период од втората недела од раѓањето па до крајот на третиот месец, најчеста причина за плач се инфантилните колики или на сите добро познати грчеви кај бебињата. Тогаш бебето има грчеви во стомачето, плаче силно, неконтролирано, ги свиткува нозете кон стомачето, има зацрвенето лице, а може да испушта и гасови. Коликите најчесто се јавуваат во попладневните часови и ноќе (или, пак, во тек на целиот ден, но состојбата добива на интензитет навечер). Траат подолго од три часа на ден и повеќе од три пати неделно.
За нивно смирување нема некој магичен лек. Се користат конзервативните методи кои можат да помогнат, како што се масажа на стомачето во правец на стрелките на часовникот, ставање адекватни топли облоги на стомачето повеќе пати во текот на денот или кога има потреба, а посебно пред ноќното спиење на бебето. Совет за мајката доилка да води сметка за тоа што внесува со исхраната, некои намирници можат дополнително да ги провоцираат коликите, правилно да го дои своето бебе (да ја допразнува во целост градата), или доколку бебето е на адаптирана формула правилно држење на шишето при подој, правилна големина на цуцлата, сè со цел да се спречи внесување повеќе воздух во текот на исхраната.
И адаптираните млечни формули може да предизвикаат грчеви. Во тој случај се менува млечната формула со специјална антиколик формула. По секој оброк бебето треба да се исправи, да ждригне со цел да се ослободи од вишокот гасови.
Постојат и медикаменти кои ги ублажуваат грчевите кај бебињата, а тоа се капки кои содржат симетикон, ензим лактаза, пробиотици, кои треба да се применуваат во согласност со препишаното упатство.
Со правилно комбинирање на методите можеме да му помогнеме на бебето со тоа што ќе ги ублажиме грчевите или, пак, ќе ја намалиме нивната јачина.
Никнување на првите запчиња!?
Нареден период за поизразен плач кај бебињата е периодот на никнување на првите запчиња. Бебињата се вознемирени, сакаат да гризат, се лигават повеќе од вообичаено, непцата се отечени и болни, одбиваат да јадат, а некои имаат и благо покачена телесна температура и течен измет. Овој период е индивидуален за секое бебе. Најчесто првите запчиња никнуваат од шестиот до осмиот месец од раѓањето (но кај некои бебиња тој процес може да започне од третиот месец или, пак, подоцна, на една година).
Од помош ќе биде да му дадете гумена играчка, глодалка, која може да биде исполнета со вода. Некои од глодалките можат да се разладуваат и така да ја намалат болката која се јавува при овој процес. Постојат и специјални орални гелчиња, наменети за олеснување на болката, кои можат да се користат од најрана возраст и се сосема безбедни за употреба. Гелот се нанесува со чисти раце на непцето и нежно се масира до потполно впивање (ова постапка може да се повторува неколку пати во текот на денот, а посебно навечер, пред ноќното спиење). Геловите се безбедни за употреба, изработени се од природни состојки и не се штетни доколку бебето голтне мала количина за време на нанесувањето. Помагаат и во одржувањето на нормалната функција на непцата.
Понекогаш плачот може да биде и знак за некоја посерозна состојба, за која треба и да се побара лекарска помош. Ги советувам родителите да ја измерат телесната температура при поизразен плач на бебето. Ако е покачена над 38
0C, да се обратат веднаш на лекар за да може да се даде соодветна терапија и да се реагира на време доколку е во прашање посериозна состојба.
Плач се јавува и при затнато носе, при настинка, црвенило во пеленска регија, ингвинални хернии, болка во ушите...
Важно!
Секогаш кога ќе забележите поизразен и константен плач кај вашето бебе, проверете ги основните начела кои ги напоменав погоре во текстот. Доколку и понатаму трае состојбата, консултирајте се со вашиот лекар – педијатар.
За детално читање на овој текст, погледнете на 14-15 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2021).