Фармацевти
Контакт

<< Назад

Време е за трчање!

април 1, 2021

Кокан Ајановски
Повеќе од 20 пати македонски шампион во различни атлетски дисциплини
Македонски репрезентативец со повеќе од 30 настапи за Македонија
Автор на книгата „Трчањето ме учи“ и тренер во Nike школа за трчање (NRC Skopje)

|

Како дејствува трчањето на нашето тело?

Голем бенефит имаат сите кои трчаат. Најчесто, оние кои почнуваат да трчаат рекреативно тоа го прават заради подобрување на физичката кондиција. Кога ќе ја реализираат оваа цел, забележуваат дека и нивното тело, исто така, се променило и изгледаат подобро и поубаво. Но,  она за што можеби не се свесни на почетокот е дека голема придобивка ќе имаат и на своето психичко здравје. Тоа доаѓа како бонус. На тој начин преку трчањето добиваме комплетен wellness, односно целосно ускладено психофизичко здравје. Независно дали сте почнале да трчате за да ослабете неколку килограми или за да го „пуштите мозокот на пасење“, вие сигурно ќе бидете презадоволни од трчањето ако се занимавате рекреативно или професионално.



Кои се клучните фактори на кои треба да внимаваат сите почетници?

Има повеќе фактори, а јас ќе наведам неколку. Постои една македонска поговорка која вели: Пополека, подалеку. Најчесто почетниците се премногу еуфорични кога започнуваат да трчаат и сакаат преку ноќ да ги остварат своите цели, а забораваат дека причината за нивната моментално непосакувана форма се создала во текот на повеќе месеци или години. Затоа, најважно е да напредуваат малку по малку. Убаво би било ако трчањето стане начин на живот, па на тој начин нема потреба од никакво брзање и ќе може со уживање, чекор по чекор, да ги оствариме посакуваните цели. Зборувам за цели, но многу од почетниците немаат свои цели, па затоа ќе биде паметно ако од самиот почеток си поставиме јасна цел. Прецизно поставените цели полесно ќе нè водат по патот на нивната реализација.

Која е разликата помеѓу трчањето во природа од трчањето на лента?

Трчањето е спорт кој се одвива во надворешни услови. Затоа и најголем број од љубителите на трчање ја избрале токму оваа физичка активност, за да може да бидат во природа и да избегаат

од затворените простории во кои најчесто го поминуваат времето дома, во училиште, на работа итн. Затоа и мислам дека доколку се направи анкета 90 % би избрале да трчаат надвор, т.е. во природа. Модерните времиња во кои живееме и развојот на технологијата ни овозможуваат да имаме избор, ако сакаме, да трчаме и на лента. Предноста на трчањето на лента е што ние ги одредуваме условите во кои трчаме и немаме надворешни влијанија како студено или топло време, дожд или снег, ветер, мраз итн. Негативност е што може да ни стане монотоно и досадно кога трчаме на лента, што не е случај ако сме надвор и секој пат може да избереме ново место каде ќе бидеме активни. Трчањето во природа, исто така, ни дава можност да трчаме на помека подлога, да трчаме во група итн. Бидејќи сите сме различни, најдобро ќе биде секој сам да си избере каде ќе трча, но најважно е да трча!



Како трчањето дејствува на нашето ментално здравје?

Трчањето одлично дејствува на нашето здравје и секогаш се препорачува да трчаме ако сакаме да бидеме психички посилна и поздрава личност! Научно е докажано дека трчањето помага во моменти на депресија и анксиозност и е многу корисна физичка активност во справување или спречување на овие ситуации или други психички нестабилности и кризи низ животот.

Совети за сите оние кои сакаат да трчаат:

Почнете да трчате денес. Не одложувајте го трчањето за некои подобри времиња, кога би било потопло или постудено, затоа што ако чекате идеално време да започнете, можеби и никогаш нема да обуете патики за трчање. Уживајте во процесот и не правете си беспотребен притисок. Нека трчањето биде ваша љубов. Радувајте се и бидете благодарни на секое ваше трчање. Внимавајте на

исхраната, одете на масажа, посетувајте СПА центар и на тој начин ќе можете комплетно да се препуштите на трчањето, а можноста од повреди ќе биде сведена на минимум. Слушајте го своето  тело. Инвестирајте во себе и во вашата опрема за трчање и на тој начин никогаш нема да ви биде досадно. Консултирајте се со тренер за трчање и слушајте ги неговите совети и план на тренинзи.  Одете на трки и почитувајте ја тркачката заедница. Најдете клуб за трчање каде ќе може да ви биде поинтересно и позабавно. Тренирајте паметно и не заборавајте дека и одморот е важен дел од тренингот. Изберете и дополнителна физичка активност која ќе биде комплементарна на трчањето и ќе ве направи уште поуспешни!

Спортски поздрав!


За детално читање на овој текст, погледнете на 30 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>