Фармацевти
Контакт

<< Назад

Заштита на домашните миленици од зголеменото присуство на „тропски болести“ и кај нас

мај 1, 2021

Ристо Ичков
доктор по ветеринарна медицина

|

мај 2021 Совети за здравје

Почитувани љубители на  миленичиња,  во временскиот период кој ни претстои без одлагање мора да посветиме  поголемо внимание  посебно на домашните миленичиња, особено оние со кои го делиме домот, во делот на преземање чекори за нивна заштита, а со тоа и на наша заштита и заштита на нашите најмили од одредени заболувања, посебно  паразитарни заболувања   кои со зголемувањето на дневните температури стануваат сè поактивни. Сведоци сме на сè поголем број случаи што може да ги сретнеме по различни портали на интернет кои говорат за одредени болести  (Leishmania, Dirofilaria, Ehrlichia, Anaplazma, Borelioza –лајмска болест и др.). Овие болести  со поместувањето на температурната граница поради глобалното затоплување веќе одамна се присутни кај нас и земаат сè поголем замав. Зборуваме за болести кои предизвикуваат сериозни последици кај нашите миленичиња, болести кои изискуваат долги и скапи терапии  и болести од кои може да се заразат и луѓето. Причината за толку големото ширење на овие болести кај најголемиот дел се векторите кои ги пренесуваат (болви, крлежи, комарци, мушички  и други инсекти), а кои со покачувањето на дневните температури во периодот кој ни претстои  ќе бидат сè поактивни.

ШТО ТРЕБА ДА ПРЕЗЕМЕМЕ ЗА КОЛКУ ШТО Е МОЖНО ПОВЕЌЕ  ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ НАШИТЕ МИЛЕНИЧИЊА, КАКО И СЕБЕСИ ОД ОВИЕ ЗАРАЗИ?

За да ги заштитиме нашите миленичиња од ваквите болести (нормално вклучувајќи ги тука болвите, крлежите, шугарците, демодексот и др.),  а и да се заштитиме самите себеси, колку што е можно повеќе, во периодот кој претстои треба да ги преземеме следните чекори:

  1. Редовна заштита – третман против ендопаразити (гастроинтестинални, респираторни, кардиолошки, дерматолошки) со редовно давање  средства против ендопаразити (орални препарати  таблети/сирупи/пасти, на секои 2-3 месеци) под надзор на матичниот ветеринар;

  2. Редовна заштита на нашите миленичиња против ектопаразити на месечно или тромесечно ниво во зависност од препаратот кој го користиме (спот он  раствори, вратници и др.), под надзор на матичниот ветеринар, според нашето географско подрачје почнувајќи од февруари до ноември секоја година.


Тука, се разбира, не смееме да ги испуштиме и редовните вакцинации на нашите миленичиња и тоа вакцинацијата  со поливалентната вакцина против заразни болести на годишно ниво, како и вакцинацијата против беснило која е задолжителна, исто така, на годишно ниво, бидејќи само здраво, имунизирано и заштитено милениче е  подготвено на најдобар начин  да се справи со преносителите на болести и болестите со кои  секојдневно доаѓа во допир.

Причината поради која се одлучивме на ваков начин да пристапиме во овој информативен, и се надеваме советодавен текст,  е фактот што од избивањето на пандемијата со ковид-19,  а и поради самата ситуација каде  поголемиот дел од  времето  го поминуваме дома, забележано е дека драстично е зголемено вдомувањето на  миленичиња,  а продажбата на расни кучиња е зголемена за три пати. Земајќи  предвид  дека дел од новите сопственици за прв пат чуваат домашно милениче  сакавме да ја истакнеме  сериозноста на болестите кои го демнат и од кои може да се зарази нашето милениче, а и ние  доколку не го заштитиме.

Воедно, апелираме и до сите оние кои се љубители а немаат вдомено милениче, а кои се грижат и хранат бездомни животни,  да се потрудат во границите на своите можности да  ги заштитат со спроведување  заштита против ендо и екто паразити, бидејќи  доколку  се незаштитени веројатноста да заболат е голема.

За детално читање на овој текст, погледнете на 30-31 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАЈ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>