Фармацевти
Контакт

<< Назад

Што е преддијабетес и дали навреме го препознаваме?

јуни 1, 2021

д-р Иван Рунтев
специјалист интернист
Клиничка болница, Штип

|

јуни2021

Дијабетесот или во народот попознат како шеќерна болест е едно од најчестите заболувања во денешно време. Се одликува со зголемен крвен шеќер кој предизвикува оштетување на големите и малите крвни садови во организмот. Таквите оштетувања може да доведат до сериозни компликации како што се оние на крвните садови на срцето, мозокот, бубрезите, очите и нозете (стапалата). Но, дијабетесот тип 2, кој е најчесто застапен тип на дијабетес и се појавува кај возрасните луѓе, не настанува нагло. Подолга низа  години се случуваат промени во организмот кои понатаму водат до развој на дијабетес.

Што е преддијабетес?

Преддијабетес (порано се нарекуваше и скриен шеќер), како што и самото име кажува, е состојба пред да настане дијабетес (шеќерна болест) и  се карактеризира со нарушени вредности на крвниот шеќер. Овие вредности може да бидат измерени на гладно и за преддијабетес се смета доколку се движат помеѓу 5,6 и 6,9 mmol/L. Вредностите под 5,6 mmol/L се нормални вредности за крвен шеќер на гладно, додека оние од 7 mmol/L или повеќе се вредности кои се однесуваат на дијабетес. Исто така, за предијабетес се смета доколку вредностите на крвниот шеќер 2 часа по јадење, по пиење на засладен напиток со шеќер (таканаречен ОГТТ - орален гликоза толеранс тест) или во случајно мерење се помеѓу 7,8 и 11 mmol/L.   Под 7,8 mmol/L се нормални вредности, а доколку се 11,1 mmol/L или повеќе е дијабетес. Иако тримесечниот просек – гликозилиран хемоглобин HbA1c рутински вообичаено не се проверува кај лица кои немаат дијагноза дијабетес, сепак, доколку  се провери и неговите вредности се движат помеѓу 5,7 % и 6,4 %, исто така,  може да се каже дека лицето има преддијабетес. Вредностите под 5,7 % се нормални вредности, а доколку се 6,5 % или повеќе се работи за дијабетес.

Доволно е само еден од горенаведените параметри да биде во вредностите кои се наведени за преддијабетес за да се каже дека лицето има преддијабетес.

Преддијабетесот е тесно поврзан со таканаречениот метаболистички синдром. Овој синдром се однесува на лица со зголемена телесна тежина, особено оние со централна дебелина (голем обем на половина >94 cm кај мажи и >80 cm кај жени) и барем две од следниве  состојби – зголемени маснотии во крвта, зголемен крвен притисок и зголемени вредности на крвен шеќер (над 5,6 mmol/L). Лицата со зголемена телесна тежина и централна дебелина неретко имаат зголемени вредности на крвниот шеќер кои се резултат на намалена осетливост на телото на инсулинот кој се произведува во панкреасот. Тој може сосема нормално да се излачува, да го има во доволна количина, па дури и во поголема, но, сепак, да не може да дејствува поради тоа што клетките стануваат неосетливи кон него.

Зошто е важно да се открие преддијабетесот?

Преддијабетесот е состојба при која може да се преземат мерки за да се спречи или да се одложи појавата на дијабетес.  Се смета дека најмалку половина од случаите со дијабетес може да бидат превенирани. Во фазата на предијабетес сè уште може да се зачува функцијата на панкреасот да лачи инсулин и да се спречат оштетувањата на крвните садови кои настануваат поради зголемен крвен шеќер. Во фазата на дијабетес ваквите оштетувања се трајни и може да предизвикаат сериозни компликации (срцев удар, мозочен удар, ослабена работа на бубрезите, дијализа, оштетување на видот и др.), па, за жал, дури и смртен исход.

Со загуба на телесна тежина и зголемување на физичката активност се подобрува и осетливоста на клетките на инсулинот, па доаѓа до нормализирање на вредностите на крвниот шеќер. Затоа е  исклучително важно во фазата на преддијабетес да се направат соодветни промени во начинот на живот, кои подразбираат здрав начин на исхрана, редовна физичка активност (барем 150 минути неделно)  и загуба на телесна тежина од барем 7 % (за лица со зголемена тежина).

Во фазата на преддијабетес докторите може да препорачаат соодветна терапија со лекови за одредена група на лица со преддијабетес која има за цел да ја подобри осетливоста на клетките на инсулинот. Исто така, може да се препорача и терапија со лекови за лекување  дебелина, а кај лица со изразена, таканаречена морбидна дебелина може да се препорача и хируршка интервенција на желудникот, која има за цел да оневозможи  внесување  голема количина храна. Дебелината е медицински проблем кој не само што може да предизвика дијабетес, туку и многу други компликации – проблеми со зглобовите, астма, болести на срцето и крвните садови, прекин со дишење при спиење и др. Дури и некои видови рак се поврзани со дебелината. Затоа дебелината треба да се лекува.

Препораки за рано откривање на преддијабетес и дијабетес

Се препорачува проверка на крвниот шеќер кај сите лица кои имаат прекумерна телесна тежина и некој од следните ризик-фактори: физичка неактивност, зголемени маснотии во крвта, зголемен крвен притисок, полицистични јајчници, претходен дијабетес во бременост или раѓање  крупно бебе (над 4 kg), роднина од прво колено со дијабетес или историја за болести на срцето и крвните садови.

За лица што ги немаат наведените фактори за ризик се препорачува тестирање по 45-годишна возраст.

Кај лицата кај кои резултатот е со нормални вредности повторно тестирање треба да се направи по 3 години.

Кај лицата со откриен преддијабетес и лица со фактори на ризик, крвниот шеќер треба да се проверува најмалку еднаш годишно.

Заклучок

Навременото откривање на зголемени вредности на крвниот шеќер уште во фазата на преддијабетес и преземање соодветни мерки може да превенира појава на дијабетес. Освен тоа мерките кои се преземаат – здравиот начин на исхрана, физичката активност и справувањето со прекумерната телесна тежина имаат многукратни придобивки и за други состојби освен дијабетесот. Запомнете – преддијабетесот е фаза во која штетата е поправлива и затоа е битно на време да се открие и на него да се дејствува!

За детално читање на овој текст, погледнете на 6-7 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУНИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>