Фармацевти
Контакт

<< Назад

Злоупотреба на супстанции кај постарата популација

јуни 1, 2021

д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар

|



Злоупотребата на алкохол и други супстанции меѓу постарата популација има тенденција на раст. Овој растечки проблем го нарекуваат „невидлива епидемија“.

Индивидуални, социјални и фамилијарни фактори придонесуваат или се асоцирани со злоупотребата на супстанции кај постарите лица. Некои се свртуваат кон алкохол и други супстанции за да се смират од грижите или да го пополнат времето. Мажите повеќе злоупотребуваат алкохол, а жените повеќе користат лекови.

Во подоцните години од животот постарите лица стануваат особено ранлива група. Луѓето се соочуваат со големи промени, вознемирени се или се под стрес поради отказ од работа или ненадејно пензионирање, жал поради загуба на најблиските, социјална изолација, осаменост, проблеми со спиењето, конфликти во семејството, финансиски проблеми.

Други потенцијални ризик-фактори сеː лош здравствен статус, хронични болести, хронична болка, физичка попреченост, ограничена мобилност, психијатриски болести, претходна историја на проблеми со алкохол и употреба на недозволени дроги, промени во животниот стил, неумеење за справување со проблемите, социјални ризик-фактори.

Физичкото и менталното здравје на постарите возрасни е клучно за тоа дали ќе има злоупотреба на супстанции. Така, на пример, пиење алкохол за да се намалат болките е клучен долгорочен знак за употреба на алкохол во постара возраст. Има силна поврзаност на употреба на супстанции, особено алкохол и некои коморбидни состојби, анксиозност, депресија и нарушувања на личноста. И тогаш станува многу тешко да се разграничи што е што.

Постарите лица кои користат алкохол често имаат пореметување во спиењето, но, исто така,  може да користат алкохол за да спијат. Ризична е истовремената употреба на лекови за спиење и алкохол, бидејќи може да се предизвика екцесивна седација и вкрстена толеранција. Меѓу постарите со алкохолна злоупотреба почесто се среќава намалување на когницијата и деменција.

Лица кои во помлада возраст употребувале лекови или алкохол за да ја намалат тензијата и да се справат со стресот имаат поголема шанса да развијат и да одржат злоупотреба и на постари години.

Претходна историја на проблеми со алкохолот е ризик-фактор за нездраво пиење во постари години.

Социјалните фактори се многу важни за развој на злоупотреба на супстанции кај постарите. Социјалната изолација повеќе е асоцирана со злоупотреба на лекови, додека социјалните контакти со пријатели и семејството се асоцирани со зголемена консумација на алкохол.

Одредени животни настани во подоцнежниот живот може да го зголемат ризикот за злоупотреба на супстанции. Жалење (смрт на сопружник, роднина или пријател), физичко здравје, осаменост, грижа за болен сопружник, промена на начинот и местото на живеење, немање постојан дом, загуба на професијата, присилно пензионирање, го зголемуваат ризикот од злоупотреба. Злоупотребата на лекови може да продолжи и во домовите за згрижување на стари лица.

Злоупотребата кај постарата популација е тешко да се открие. Некои симптоми лесно може да се помешаат со знаците на стареење. Кога постарите не се на работа или се во пензија злоупотребата не влијае на работниот процес и потешко се забележува. Така злоупотребата полесно и подолго време се крие. Фамилијата, пријателите и докторите честопати и не знаат кога постарите лица имаат проблем со злоупотреба на супстанции. Понекогаш луѓето забележуваат чудно однесување, но го игнорираат мислејќи дека е дел од промените што ги носи староста.

Стареењето само по себе е специфичен ризик-фактор за штета, дури и кога станува збор за минимална количина на овие супстанции. Ризик-факторите многу се разликуваат во зависност од супстанцијата и од личноста (возраст, медицински состојби, лекови).

Симптомите и индикаторите дека можеби постои злоупотреба може да се различни. Тие што користат лекови може да им бидат потребни сѐ повеќе и повеќе рецепти и лекови. Тие со алкохолен проблем може да почнат да пијат сами и во тајност, да имаат зголемена толеранција. Нејасен говор, конфузност, загуба на сеќавање, дезориентираност, вознемиреност, брзи промени на расположението, потешко размислување, проблеми со спиење или несоница, инконтиненција, депресија или анксиозност, помалку контакти со семејството и пријателите, социјална изолација, загуба на интерес за работи во кои  уживале во минатото, необјаснети паѓања, повреди, модрици, слаба исхрана, лоша лична хигиена и негрижа за себеси се некои од симптомите.

Алкохолот останува најчесто користена супстанција помеѓу постарите и неговата злоупотреба тешко се препознава. Алкохолот кај постарите може да има повеќе несакани ефекти.

Со возраста телото реагира различно на алкохол, потребно е помала количина за да се опијани човек, подолго време е потребно за да се отрезни и да закрепне. Алкохолот има посебно физичко влијание на телото на постарите споредено со млади и лица средна возраст. Со возраста се намалува процентот на чиста телесна маса и вкупната вода во телото, се намалува способноста црниот дроб да го преработи алкохолот,  а, од друга страна, пропустливоста на крвно-мозочната бариера се зголемува и се зголемува сензитивноста на рецепторите во мозокот на алкохол.

Поради овие промени постарите имаат повисока концентрација на алкохол во крвта и настанува поголемо оштетување. Ова ги прави поранливи на несаканите ефекти на алкохолот дури и во умерени количини, имаат повеќе проблеми во текот на секојдневните активности.

Алкохолот може да има интеракција со многу лекови кои ги земаат постарите за коморбидни и психијатриски состојби и многу состојби може да се влошатː дијабетес, висок крвен притисок, деменција, депресија, се зголемува ризикот од хеморагичен мозочен удар.

Злоупотребата на алкохол и цигари често оди заедно

Има повеќе причини за злоупотреба на лекови. Луѓето над 65 години имаат повеќе здравствени проблеми, регуларно земаат повеќе различни лекови во исто време (препишани и непрепишани од доктор) кои може да не се комбинираат добро, лековите може да имаат појак ефект и подолго да остануваат во телото.

Истите биолошки промени кои го зголемуваат ефектот од алкохол меѓу постарите го зголемуваат и ефектот од лековите. Најчесто се (зло)употребуваат лекови против болка, седативи, лекови за смирување, стимуланси, опоиди, најмногу бензодиазепини. Метаболизмот на бензодиазепините и опојните лекови е различен отколку кај младите, може да предизвикаат екцесивна седација. Бензодиазепините се растворливи во масти, а телото во постара возраст има помалку мускулна маса и повеќе масно ткиво и овие лекови подолго се задржуваат во организмот. Посебен ризик е што постарите пијат повеќе лекови кои може меѓу себе да интерферираат. Алкохолот и марихуаната ги зголемуваат седативните ефекти на лековите. Не ретко се случува постарите несакајќи да ги помешаат лековите или да земат повеќе пати од ист лек.

Злоупотребата на цигари широко е распространета меѓу постарата популација, тоа се долгогодишни, страствени, тешки пушачи. Добар дел од нив имаат и злоупотреба на алкохол, особено мажите. Пушењето предизвикува физичка и психолошка зависност од никотин. Пушењето кај постарите е асоцирано со зголемена смртност, хронична опструктивна белодробна болест, намалена белодробна функција, срцева смрт, канцер, развој на остеопороза, послаба физичка подготвеност.

Злоупотребата на забранети дроги е растечки проблем. Добар дел од постарата генерација и порано во животот користел недозволени дроги, почесто употребуваат канабис отколку други дроги.

Канабисот има медицинска употреба и во многу случаи постарите го користат за да се справат со болестите и компликациите од нив (болка, несоница). Но, канабисот, исто така, може да предизвика и проблеми, особено кај тие што имаат срцеви болести. Може да се засили ефектот на другите лекови, да настане краткотрајна загуба на меморијата, пораст на крвниот притисок, забрзан пулс, забрзано дишење, зголемен ризик за срцев удар. Ризиците се понагласени кај постарите чии когнитивни способности или кардиоваскуларни системи се веќе компромитирани.

Особено е опасна употребата на кокаин и хероин, зашто телото не ја обработува дрогата така брзо како кај помладите и има многу повеќе несакани ефекти, акутни проблеми, предозирање.

Постарите може да мислат дека се добро и да не сфаќаат дека имаат проблем, дека им треба помош.

За детално читање на овој текст, погледнете на 28-29 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУНИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>