Фармацевти
Контакт

<< Назад

Сонцето и кожата

јули 1, 2021

Д-р Тања Делева Јованова
Специјалист по дерматовенерологија
ЈЗУ Здравствен дом – Поликлиника Драчево

|

јули2021

Нашето тело е создадено да има голема корист од сонцето. Сончевите зраци го создаваат нашиот ритам на спиење. Имаат влијание и на расположението. Сончевите зраци ѝ помагаат на кожата во продукцијата на витамин Д, кој е неопходен за нормалната функција на коските и воедно за општото здравје. Но, сончевите зраци можат да предизвикаат и штетни последици. Тие претставуваат мешавина на видливи или невидливи бранови или зраци. Долгите бранови не се штетни за луѓето, но кратките бранови како УВ-зраците можат да направат проблем. Најдолгите зраци од УВ-спектарот се УВА, а пократките се УВБ. Премногу експозиција на УВБ води до изгореница, а УВА можат да стигнат подлабоко во кожата, но и двете го афектираат нејзиното здравје. Кога тие ќе продрат длабоко во кожата УВ-зраците прават промени во  нејзиниот раст и изглед. Со тек на време експозицијата на овие зраци води до намалување на еластичноста на кожата, таа може да стане здебелена  или истенчена како лист хартија. Кога сме изложени на сонце нашата кожа е постојано подложна на процес  на обновување на секоја експонирана клетка. Но, со стареењето тој процес сè потешко се одржува и може да дојде до оштетување на нејзиниот генетски материјал во насока на промени во растот и делбата на клетките.

УВ-зрачењето кое во нормални рамки е многу корисно за живите организми станува сè поризично особено во летниот период.  Луѓето треба да се информираат  за дневната јачина на УВ-зраците.  СЗО разви систем за препознавање  наречен УВ-индекс кој прв пат е применет во Канада 1992 г. и има за цел да го помогне идентификувањето на јачината  на УВ-зраците преку скала, која е нумерирана од 1 до 11+. Бројот се однесува на количеството УВ-зрачење кое допира до површината на Земјата и се смета за практична вредност која ја покажува веројатноста за можното оштетување на кожата. Степенот на нумерирање го дефинира вкупниот ризик за луѓето изложени на УВ-зрачење. Тоа е скала која главно се користи во секојдневна прогноза за правилно да се заштитиме од прекумерната изложеност на УВ-зраците и последиците од тоа како: изгореници на кожата, оштетување на очите, забрзано стареење или појава на одредени видови рак на кожата.

За заштита  се препорачува носење  широка капа или шешир, облека со долги ракави, очила за сонце и задолжително користење креми со заштитен фактор (SPF->20). Изложеноста  на сонце треба да биде минимална  во периодот помеѓу 11 и 16 часот. Луѓе со чувствителна кожа и деца можат да добијат изгореници за помалку од 10 минути. Кога УВ-индексот е висок, УВ-зраците можат да продрат низ чадорите за сонце, низ водата, па дури и низ тенка облека и да ѝ наштетат на кожата. Максималната директна изложеност  на сонце кај лицата со потемен тен не смее да надмине повеќе од 20 до 25 минути.

SPF познат како заштитен фактор претставува мерка на ефикаснот на вашиот производ за заштита од сонце. Колку поголем број, толку поголема заштита на вашата кожа. Вистинскиот производ  за вас вклучува три фактори: 1.Широк спектар на заштита, 2.Заштитен фактор (SPF) 3.Водоотпорност.

Докажано е дека секој производ со широк спектар на заштита и заштитен фактор најмалку 15 го намалува ризикот од појава на рак на кожата. Во контакт со вода или пот, производот за сончање може да се раствори и да се разгради и да стане помалку ефикасен. Во согласност со најновите регулативи на Агенцијата за храна и лекови (FDA), производите за сончање на својата декларација мора да содржат податок за времето  на водоотпорност (40 или 80 мин.). Тоа е важно  за да се знае не само дали  производот е водоотпорен, туку да се знае и времето за кое препаратот треба повторно да се нанесе.

Заштитниот фактор се пресметува со времето кое е потребно да се јави изгореница на заштитена кожа и со должина на времето потребно изгореницата да се јави на незаштитената кожа.

Лицата кои обично добиваат црвена боја  по десет минути изложување на сонце, со нанесување заштитен фактор 2 кожата ќе поцрвени за 20 мин. Доколку се употребува заштитен фактор 20, кожата ќе поцрвени за 200 мин., што е повеќе од три часа на изложување на  сонце. Препаратите за заштита од сонце обично содржат титандиоксид и цинкоксид чии честички како огледало ги одбиваат сончевите зраци. Такви препарати со додаток на висока концентрација на  УВ-филтер го намалуваат дејството на УВ-зраците на минимум. Во својот состав се разликуваат со присуство на органски или неоргански соединенија, а може да се сретнат во облик на масло, спреј,  креми, гелови.

Доколку пиете лекови, информирајте се дали се фотосензитивни, т.е. некои лекови ја прават кожата исклучително чувствителна при изложување на сонце. Исто така, чести се и алергиите од сонце, хиперпигментациите, како и предвременото стареење на кожата. Како штетните последици од сонцето ќе влијаат на нашата кожа зависи и од возраста, полот, тенот, како и од фотоекспонираните регии.

Информирајте се за здравјето на вашата кожа.

За детално читање на овој текст, погледнете на 24-25 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУЛИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>