- Со оглед на тоа што сте дел од тимот на утринската емисија на Алсат Телевизија, сигурно станувате многу рано. Без што не би можеле да го започнете денот и да се подготвите за своите обврски?
Имам впечаток дека многу луѓе би одговориле дека не можат да го започнат денот без да го испијат утринското кафе, но тоа не важи и за мене. Јас не сум во добри односи со кафето.
Бидејќи легнувам рано, имам чувство дека пропуштам многу нешта, па затоа би рекла дека не можам да го започнам денот без да видам кои се последните вести што сум ги пропуштила сношти, со оглед на тоа дека и природата на мојата работа е таква што бара да бидам во тек со актуелните настани.
- Бидејќи бевте дел од повеќе активности поврзани со општествено одговорни теми, што е она што Ве инспирира за да преземете некаква активност?
Отсекогаш сум била повеќе фокусирана на човековите права, особено на женските права. Не знам дали можам да ја наречам инспирација, но дискриминацијата со која лично се соочувам ме тера да направам нешто во врска со тоа. Од таа причина настана и Центарот за еднакви можности „Mollëkuqja/Бубамара“, со кој сме посветени да работиме и да ја подобруваме родовата дискриминација во многу области.
Со оглед на тоа дека работата како новинар ти дава можност да се запознаеш од поблиску со проблемите на граѓаните, сум презела и многу герила акции. Всушност, секогаш кога гледам дека владата, особено локалната, се поигрува со граѓаните, сметам дека е соодветно да преземам нешто.
Хуманитарните акции секогаш доаѓале како резултат на „судир со реалноста“ за време на теренската работа. „Септември оваа година, со полн ранец“ е иницијатива за делење ранци и училишен прибор за децата од загрозени семејства, а истовремено е и акција со која најмногу се гордеам.
- На кој начин се грижите за своето здравје?
Коментарот „многу си слаба“ ме придружуваше во текот на целото мое детство, бидејќи честопати мојата тежина претставуваше социјален проблем. Сега се обидувам да имам рутина и распоред на исхрана и веќе не ми пречи начинот на кој ме гледаат, се чувствувам удобно во своето тело. Не можам да се пофалам дека јадам многу здраво, но полека се обидувам да ги менувам навиките.
- Дали практикувате некаква физичка активност?
Неодамна започнав да се занимавам со фитнес, па верувам дека сум на вистинскиот пат да се вратам на потполно здрав животен стил. Многу сакам да возам велосипед и се надевам дека наскоро ќе можам да се вратам на таа активност.
- Како млада и доста активна личност, дали посветувате внимание на менталното здравје?
Да, многу. Да се биде „изложен“ секој ден на илјадници луѓе пред телевизор не е секогаш лесно, затоа што мора да се насмевнуваш дури и кога не ти доаѓа одвнатре. Но, кога и да почувствувам дека моето ментално здравје не е онака како што треба, барам помош и си давам доволно време за да ја надминам таа состојба.
- Покрај тоа што сте личност која ѝ посакува добро утро на македонската публика, каква личност е Рита Бехадини надвор од малите екрани?
Многу чувствителна и емотивна, без разлика на тоа колку силна изгледам на екраните. И најмалите нешта ме трогнуваат. Сакам да им се посветувам на луѓето што ги сакам и да поминувам време со нив. Малку сум нервозен тип, морам да признаам, но оние што ме сакаат ја прифаќаат и таа моја страна.
- Каква е одговорноста да се биде телевизиско лице?
Кога сум во студио можеби не сум целосно свесна за товарот на одговорност што го имам спрема луѓето, но кога сум на терен сфаќам дека тие се толку навикнати на мене и го слушаат секој мој збор секое утро. Се трудам да им пренесам на луѓето само позитивна енергија и барем малку да ги опфатам темите за кои треба да се освестуваат и да се едуцираат. А бидејќи мојата емисија е во живо и никогаш не се знае што може да се случи, се обидувам да бидам подготвена и за неочекуваното. Освен тоа, тука е и фактот дека луѓето те земаат за пример и треба да се обидеш да ја претставиш вистинската слика и да имаш позитивно влијание врз нив.
- Бидејќи сте од Тетово а тетовчани се познати гурмани, кој е твојот омилен тетовски специјалитет?
Гравот, особено во тава. Секогаш има дискусии за тоа дали сакаме да го јадеме или не, но за мене гравот е непобитна љубов.
- Која би била Вашата порака до читателите на BETTY магазин?
Да се грижат за своето здравје, како за физичкото така и за менталното. Пандемијата ни покажа колку е важно здравјето и дека без него ништо друго нема смисла. Грижете се особено за менталното здравје и побарајте помош од психолог. Во нашата земја менталното здравје сè уште претставува табу-тема, а мора да разбереме дека исто како што одиме на лекар кога нешто нè боли, така треба да побараме помош и кога нешто не е во ред со нашата емотивна страна.
За детално читање на овој текст, погледнете на 10-12 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АВГУСТ 2021).