Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју со Панчо ДНК – „Родителите се најголемите идоли на децата“

септември 1, 2021

Во подготовка на новиот албум кој што го најави за следната година, Владимир Блажев, познат како Панчо или Диџеј Шорти, од дуото ДНК, овој пат се претстави со своите синови Андреја и Марјан.

интервју септември 2021

1. Која е најзабавната, а која најтешката работа да се биде татко на две машки деца?

Хммм, па забавната е тоа што можеш да гледаш спортски натпревари заедно, да играш игри што се за машки и воедно да си подобар од нив, бидејќи си повозрасен, поискусен и појак. А тешката страна да си родител мислам дека нема разлика дали е машко или женско, тежината и одговорноста која ја носи самото родителство е неопсливо „тешка“ и најодговорната работа што може да му се случи на еден човек. Тоа го сфаќаш откако стануваш родител и гледаш дека ти се ставаш на второ место, тотално си небитен и сите оние помали работи за кој не би мрднал со прст за никого согледуваш и се фаќаш сам дека ги правиш единствено за нив.

2. Доколку би имале можност да се вратите во детството, што би промениле од оваа гледна точка?

Буквално ништо. Можеби само би сакал да бидам помирен за сега веќе мојата покојна мајка да беше поспокојна. Mајка ми иако беше жена ѕвер беше само самохрана мајка на едно палаво дете кое беше отсекогаш бунтовник без причина каков  што сум и денес. Сериозно не би менувал ништо, го сакам старото маало и сите луѓе од таму со кои сè уште контактирам ми го заменуваа мојот татко кој никогаш го немав, но затоа имав многу татковци кои ми даваа насоки на оваков или онаков начин. Имав голема фамилија, иако во реалниот живот се имавме само јас, сестра ми Кики и мојата Ана која ден-денес ми е исто како сестра. И горд сум на сè што сум поминал тогаш, бидејќи тоа ме изградило во човек каков сум сега. За некого добар, за некого лош, но најбитно е дека јас сум задоволен.

интервју 2 септември 2021

3. Оваа година вашиот помал син Марјан ќе биде прваче. Со оглед на тоа што вашиот поголем син Андреја пред неколку години тргна на училиште, веќе сте искусни и знаете што може да очекувате. Колку се различни како деца и што ги прави карактеристични?

Па нормално е да имаат различни карактери. Маки е поснаодлив и мислам дека ќе се вклопи полесно, бидејќи е растен со постар брат и побрзо ги совладувал сите работи, но и учел од него има „рол“ модел на некој начин, нели… Карактеристиките според тоа што јас го гледам се: Маки иако е помал не се откажува лесно од тоа што го сака и не сака  пораз, МОРА неговото да е последно, додека Андреја е многу помирен и помолчалив, но сè додека не му стапнеш на слабата точка. Многу е поповлечен, додека Маки е хиперактивен.

4. Како доста темпераментна личност, на кој начин се релаксирате и се мотивирате?

Се мотивирам низ секојдневни случки и луѓе кои се борат и ме фасцинираат со упорноста. Сакам секогаш да завршам сè на време и никогаш да не оставам за утре токму за да можам да се релаксирам, а се релаксирам со активен одмор. Планинарење, пишување текстови, размислување за наредни проекти и спортување, иако спортот го сфаќам како дел од работата а не хоби. Значи, сума сумарум  јас не знам да се одморам.

5. Која здрава навика би сакале да ја стекнат вашите деца?

Па веќе ја стекнуваат полека, бидејќи го гледаат начинот на кој јас функционирам, а реално родителите се најголеми идоли на децата во развојот и додека се мали. Јас имам секојдневен ритуал, а тој се состои од: пиење вода веднаш по станување, додатоци во исхраната (дневна доза на витамини) и внес на овошје како појадок или протеински шејк пред вежбање. Тоа го гледаат и го практикуваат често, а не им бранам буквално ништо ниту ги терам со сила.

6. Колку се трудите да водите здрав начин на живот?

Па мислам дека максимално се трудам. Вежбам активно и се смееме со моите пријатели кои се професионалци дека јас сум најпрофесионалниот спортски аматер во земјава. Додека беше пандемијата се качував  секој втор ден до врв на Водно и планината ми стана пасија и голема љубов, а сега посетувам фитнес 3 пати неделно плус два дена кардио (велосипед по 45-50мин). Внимавам што јадам и едноставно таков ми е стилот на живот во последниве 15 години.

7. Дали и вашите деца се активни со некаков спорт?

Да, се, на што сум особено горд. И двајцата тренираат фудбал во клубот „Форца“ и многу сум среќен поради тоа. Не сум болно амбициозен родител, но сум многу реален. Маки е сè уште мал (6,5 г.) и тоа го гледа сè уште како игра, додека Андреја е веќе 10,5 и поседува талент, но џабе е тоа доколку не е упорен и сака да го прави тоа. Најискрено, јас ќе бидам најсреќниот татко ако еден од нив стане професионален и успешен спортист. Ако треба да бирам што сакам да бидат со две раце би потпишал за тоа, но што и да одлучат ќе бидам потпора за нив во секое време, бидејќи знам и сум осетил на сопствена кожа што значи да немаш потпора.

интервју 3 септември 2021

8. Што да очекуваме на музички план? Што е она што го подготвува ДНК?

Албум наредната година и концерт во „Борис Трајковски“ по повод 20 години постоење на македонската музичката сцена.

9. Колку светската пандемија нè смени како личности?

Па тоа е индивидуално. Мене и не многу, освен што сфатив дека не треба да се нервирам за работи кои не се во моја надлежност и не можам јас да ги променам. Исто така, сфатив дека токсичните луѓе и оние кои не зрачат со позитивна енергија треба целосно да ги отстраните, сè со цел да сте спокојни. Некогаш подобро сам, отколку во друштво на такви луѓе.

Дајте си време за себе и одете во природа, тоа е одличен „полнач“ на вашата душа и срце.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-12 стр. во електронското издание на BETTY магазин (СЕПТЕМВРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>