Тимот на Добра Земја
|
Контаминираноста на почвата, загадените подземнни води и неконтролираната употреба на пестициди се главните причини кои придонесуваат зеленчукот и овошјето на нашите трпези да создаваат повеќе штета отколку придобивки за нашето здравје. Премисата ЈАДЕТЕ ПОВЕЌЕ ЗЕЛЕНЧУК И ОВОШЈЕ ЗА ПОДОБРО ЗДРАВЈЕ полека но сигурно го губи своето значење и добива смисла доколку пред зеленчук и овошје ја додадеме придавката ОРГАНСКИ.
Што е, всушност, „органско“ производсто на храна и што ги прави овие производи подобри и поздрави од производите добиени на конвенционален начин?
- Органските производи се одгледани на незагадена почва и произведени со методи кои не се штетни по здравјето на луѓето и животната средина.
- При органскиот начин на производство и преработка на храна се дава предност на употребата на материи и производи кои се добиени на природен начин.
- Употребата на вештачки ѓубрива, хемиски пестициди, хормони, конзерванси, адитиви, генетски модифицирани семиња и состојки или други синтетички материи не е дозволена.
- Органските стандарди гарантираат хуман однос на третирање на животните и обезбедување услови што одговараат на нивното природно однесување, со многу простор и свеж воздух.
- Името органски производ, односно органска храна е дадено поради органските материи и методи со кои земјоделците ги заменуваат овие вештачки материи.
- Начинот на производство на органска храна е законски регулиран и редовно контролиран за да се обезбеди дека производите се безбедни и не содржат штетни материи.
Всушност, органското земјоделие е холистички пристап во управување со производството, кој го промовира и подобрува здравјето на агро-екосистемот, вклучувајќи го биодиверзитетот и природните циклуси, преку употреба на агрономски, биолошки и механички методи, во спротивност со употребата на синтетички материјали (хемикалии) во конвенционалното производство. Тоа е систем кој започнува да ги зема предвид потенцијалните еколошки и социјални влијанија врз животната средина и општеството, а индиректно има позитивно влијание на нашето здравје.
Кои се директните придобивки за вашето здравје при исхрана со органски производи?
- Органските производи содржат повеќе природни хранливи материи, како што се: природните шеќери, витамин Ц, каротиноиди, антиоксиданти и поголеми количини минерални материи како: калциум, магнезиум и железо.
- Содржат помалку штетни нитрати, поради забранетата употреба на вештачки ѓубрива во производството.
- Ја минимизираат вашата изложеност на пестициди. Во конвенционалното земјоделско производство се употребуваат повеќе од 400 различни пестициди, па нивните остатоци честопати се присутни и во храната и тие можат да предизвикаат сериозни здравствени нарушувања, како што се деменција, Паркинсов синдром, респираторни болести, дијабетес и низа малигни заболувања. Најдобар начин да се одбегнат овие хемиски пестициди е со користење органски производи во чие производство нивната употреба не е дозволена.
- Имаат помалку адитиви. Одредени адитиви можат да бидат канцерогени, или да предизвикаат други видови нарушувања, како, на пример, хиперактивност кај децата. Во производството на храна во Европската Унија се користат 290 адитиви, додека во производство на органска храна е дозволено да се користат само 32 строго определени адитиви. Поради оваа причина, може да се каже и дека органската храна има поприроден мирис, вкус и боја.
- Не се произведени со употреба на хормони, антибиотици и други синтетични лекови, кои може да предизвикаат рак или изложеност на бактерии отпорни на антибиотици.
- Го намалува индексот на воспаление во вашиот организам.
- Го намалува ризикот од развој на Нон-Хоџкин лимфом и рак на гради.
Преку консумирање локална органска храна индиректно влијаете за подобрување на јавното здравје. Се намалува загадувањето на почвите и подземните води преку исклучување на употребата на хемиски ѓубрива и пестициди, додека со применувањето на одржливи земјоделски пракси се зголемува органската материја во почвата, а со тоа се намалува испуштањето на CO2 во атмосферата, кој директно е одговорен за климатските промени.
Колку е пократко времето поминато од берба до пласман, толку повеќе производот има можност во потполност да ги зачува своите хранливи продукти. Производот кој поминал илјадници километри пат не може да е здрав, напротив тој треба да е повеќе пати хемиски третиран за да издржи до својата крајна дестинација. Таквиот систем на прехрана не е одржлив – троши неповратни ресурси (вода, богатство на почва, човечки труд) и загадува со транспорт. Затоа, консумирањето локални и сезонски органски производи позитивно влијае на животната средина и го штити локалниот биодиверзитет.
Придобивките од овој начин на производство очигледно се големи, затоа и голем број на земји од светот градат стратегии за зголемување на органското производство. Секако, предничат западните земји. На пример, во мај 2020 Европската комисија го става органското како главен сегмент во реализирањето на Европскиот зелен договор. Во нивната стратегија е нагласено дека „пазарот за органски производи треба да продолжи да се развива, додека органското земјоделие мора да добие дополнителна поддршка и промовирање“. Како дел од оваа стратегија, Комисијата го објави „Акциониот план за органско производство 2021-2027“, чија цел е да го зголеми производството, но и побарувачката на овие производи. До 2030 година органското земјоделие да претставува 25 % од целото обработливо земјиште на ЕУ (во моментот е околу 9 %).
И во Македонија овој тип на производство е во постојан пораст, но со динамика типична за нас и за нашето општество. Со помалку од еден насто обработливи површини под органско производство сè уште ги правиме првите чекори. Интерес за овој начин на исхрана секако дека постои кај нашите граѓани, но и покрај важноста и придобивките, сè уште се сведува на мала група граѓани, свесна за своето здравје.
За детално читање на овој текст, погледнете на 16-17 стр. во електронското издание на BETTY магазин (СЕПТЕМВРИ 2021).