д-р Александар Колев
спец. по кардиохирургија
ЈЗУ УК за Државна кардиохирургија
|
Според податоците од Светската здравствена организација – СЗО (WHO), во 2019 главна причина за смрт во светот е исхемичната болест на срцето. Сама по себе, таа е одговорна за 16 % од вкупните смртни случаи во светот или околу 8,9 милиони. Загрижувачки е податокот дека најголемиот пораст на смртноста од 2000 година до денес е токму кај исхемичната болест на срцето, за цели 2 милиони случаи. Втора најчеста причина за смртност во светот, според СЗО, е мозочниот удар, кој учествува со околу 11 %. Мозочниот удар е клиничка последица на болест на крвните садови која во својата суштина е иста како и исхемичната болест на срцето и заедно влегуваат во една поголема група на болести на циркулаторниот, односно кардиоваскуларниот систем. Според тоа, уделот на кардиоваскуларните болести, комбинирано, во општата смртност е уште поголем.
Состојбата во Република Македонија е дури и полоша. Според Државниот завод за статистика, болестите на кардиоваскуларниот, односно циркулаторниот систем и во изминатата, 2020 година, се главна причина за смртност во Македонија. Кај дури 41,6 % од починатите причина за смртта се болести на кардиоваскуларниот систем.
Покрај смртноста, кардиоваскуларните болести претставуваат и економско и социјално оптоварување за здравствените системи во светот, поради исклучително скапото лекување и последиците врз работоспособното население.
Затоа особено го нагласуваме значењето на превенцијата на болестите на кардиоваскуларниот систем.
Исхемичната болест на срцето, која може да резултира со срцев удар, како и мозочниот удар, во својата суштина се последица на болест на крвните садови – атеросклероза. Атеросклерозата е болеста која доведува до срцев или мозочен удар, што се први две најчести причини за смрт. Затоа мерките за превенција на срцев или мозочен удар се мерки кои треба да превенираат појава на атеросклероза.
Атеросклерозата е, всушност, системска, хронична, дегенеративна болест на крвните садови на целото тело. Претставува промени во ендотелот – внатрешната обвивка на крвните садови, кои постепено доведуваат до сè поголемо стеснување на луменот на крвните садови и намалување на крвотокот низ нив, дури и до можно нивно целосно затворање и прекин на крвотокот. Се смета дека таквите промени на артериите започнуваат после пубертетот, а некои докази за атеросклеротски промени се најдени дури и кај деца. Затоа се вели дека атеросклерозата се јавува како последица на стереењето, па од тука и честата изрека „Стар си толку колку што ти се стари крвните садови“.
Атеросклерозата претставува мултифакториелна болест. Во нејзиното настанување, помалку или повеќе, свое влијание имаат повеќе фактори т.н. ризик-фактори. Намалувањето на смртноста од срцев и мозочен удар се однесува на контрола и намалување на влијанието на овие ризик-фактори.
Ризик-факторите за развој на атеросклероза, како причина за исхемична болест на срцето можат да се поделат во две групи.
Првата група се фактори на кои не може да се влијае:
А) Возраст – атеросклерозата е болест на староста. Дегенеративните промени на крвните садови кои доведуваат до нивно стеснување, намалување на протокот на крв, па дури и инфаркт – срцев удар се случуваат и прогредираат со стареењето.
Б) Наследни фактори – кај некои индивидуи постои генетска склоност за поран и поинтензивен развој на атеросклероза. Таквите лица склоноста ќе ја пренесат и на своите потомци.
В) Пол – болестите на кардиоваскуларниот систем се јавуваат почесто кај мажите отколку кај жените. Мажите, генерално заболуваат од атеросклеротска болест десетина години порано. Постојат теории дека таквата поголема зачестеност кај мажите е поради животните навики и почестото консумирање цигари и алкохол, како и изложеноста на стрес, но е утврдено и дека женските хормони, доминантно естрогенот, ги штитат крвните садови од развој на дегенеративни промени. Забележано е дека по настапот на менопауза и кај жените значително зачестуваат кардиоваскуларните болести и дека инциденцата е блиска до онаа кај мажите.
Втората група на ризик-фактори се оние фактори кои се поврзани со животните навики, па според тоа на нив може да се влијае во насока на намалување на ризикот од болести на срцето и крвните садови.
А) Пушење – чадот од цигарите содржи повеќе од 20 супстанции за кои е докажано дека имаат штетно влијание по човековото здравје. Меѓу нив, никотинот и јаглеродниот моноксид имаат најизразено штетно дејство на ендотелот (внатрешната обвивка) на крвните садови. Тие предизвикуваат микрооштетувања, мали повреди, на мазниот слој ендотел кој од внатре ги обложува крвните садови, на кои мали повреди потоа се насобираат тромбоцити, маснотии, калциум, фибрин и останати елементи од крвта кои се наталожуваат и го стеснуваат крвниот сад, предизвикувајќи намалување на крвотокот. Доколку таква промена и стеснување се случи на некоја од коронарните артерии – артериите што го хранат срцевиот мускул, тогаш може да дојде до срцев удар (инфаркт), кој може да има и смртни последици. Светските истражувања велат дека ризикот од појава на коронарна артериска болест, како основна причина за срцев удар, е четири пати поголем кај пушачите во однос на непушачите, додека, пак, ризикот од смртност е 70 % поголем. Овие ефекти на чадот од цигарите очигледно дека покрај своето штетно влијание кај активните пушачи имаат негативен ефект и кај т.н. пасивни пушачи, односно оние кои го вдишуваат чадот во просторијата во која има активни пушачи. Затоа, превенцијата на кардиоваскуларните болести, во однос на намалување на ризикот поради пушењето, треба да содржи мерки за стимулирање на активните пушачи да престанат со пушење, но и мерки кои треба да го намалат штетното влијание на пасивното пушење. Покрај рестриктивните мерки, со дополнително оданочување на цигарите, забрани за пушење на јавни места, потребни се и мерки за едукација и психолошка поддршка.
Б) Дијабетес – коронарната болест како основна причина за срцев удар е значително почеста кај дијабетичарите. Дури и кога нивото на шеќер во крвта ќе се одржува со помош на медикаменти, сè уште болните од дијабетес имаат два до четири пати поголем ризик за појава на коронарна болест. Затоа, превенцијата на појава на дијабетес е, всушност, и превенција за развој на кардиоваскуларни болести и срцев удар. Мерките за превенција вклучуваат контролирана и рамномерна исхрана, регулирање телесна тежина, редовна умерена физичка активност.
В) Маснотии во крвта – покаченото ниво на маснотии во крвта како ризик-фактор за појава на срцеви болести главно се однесува на нивото на холестеролот и триглицеридите. Намалувањето на нивото на холестеролот за 1 % , на пр., од 5,5 mmol/l на 5,45 mmol/l , го намалува ризикот од појава на коронарна болест за 2 %. Намалувањето од 5,5 mmol/l на 4,95 mmol/l, пак, го намалува ризикот од коронарна болест за 20 %. Покрај важноста на нивото на вкупниот холестреол, особено е важно нивото на LDL фракцијата (холестерол со ниска густина) и нејзиниот однос со HDL холестеролот (со висока густина). Вкупниот холестерол треба да се држи под 5,0 mmol/l, LDL под 3,0 или под 2,5 mmol/l, доколку веќе има појава на коронарна болест, а, пак, HDL треба да биде над 1,3 mmol/l за мажи, а 1,6 за жени. Напоменуваме дека холестеролот не е токсична материја, туку е материја која е неопходна за нормалното функционирање на организмот, но неговата вредност не треба да ги надмине овие граници.
Покрај холестеролот, триглицеридите се маснотии кои исто толку изразено влијаат на појава на коронарна болест и зголемен ризик од срцев удар, а нивното влијание особено e поизразено кај жени. Нормалното ниво на кое треба да се одржуваат е под 1,7 mmol/l.
Нивото на маснотиите во крвта треба да се одржува во граници на нормала најмногу преку исхраната која треба да биде умерена, разновидна, да не содржи брза и преработувана храна, да содржи доволно овошје и зеленчук. За триглицеридите особено придонесува високо калоричната исхрана, најмногу консумирањето алкохол и шеќери, па затоа треба да се избегнуваат. Покрај исхраната, редовната умерена физичка активност влијае на намалување на маснотиите во крвта.
Г) Нерегулирана хипертензија – околу 25-30 % од популацијата во нашата држава боледува од артериска хипертензија – покачен крвен притисок. Високиот крвен притисок може да биде и последица на атеросклеротските промени и стареењето на крвните садови, при што тие стануваат покрути и помалку еластични, но нерегулираниот висок крвен притисок е и ризик-фактор за напредување и развој на коронарна болест. Високиот притисок предизвикува дополнителен стрес на крвните садови и со тоа е дополнителна можност за оштетување на ендотелот и понатамошна прогресија на стеснувањето на крвниот сад, како што беше опишано претходно. Затоа крвниот притисок треба да се одржува во граници на нормала, до 130/80 mmHg.
Д) Физичка неактивност – според СЗО физичката неактивност е една од главните причини, заедно со никотинот и нездравата исхрана, за развој на хроничните болести, а особено болестите на кардиоваскуларниот систем. Проценката е дека околу 35 % од морталитетот од коронарна артериска болест на срцето е поради физичка неактивност. Препораките се умерена аеробна физичка активност, како, на пример, пешачење, 20-30 минути секој ден, или, пак, 30-60 минути поизразена аеробна физичка активност, 3-4 пати неделно.
Ѓ) Стрес – стресот, за жал, е секојдневие на модерниот човек. Штетното влијание на стресот на кардиоваскуларниот систем е поврзано со ослободувањето на хормоните на стресот, главно адреналин и норадреналин кои доведуваат до нагла забрзана срцева работа, покачување на крвниот притисок, покачување на шеќерот во крвта и на тој начин предизвикуваат оптоварување на срцето и крвните садови кое доколку се случува често може да доведе до коронарна болест и срцев удар. Контролата и намалувањето на стресот се исклучително тешки во модерниот начин на живот. Практикувањето на некое хоби, спорт, јога, прошетки во природа, поминување повеќе време со најблиските можат до некаде да помогнат во намалувањето на стресот од секојдневието.
На крај, да ја нагласиме и важноста на редовните кардиолошки прегледи за превенцијата на болестите на кардиоваскуларниот систем. За жал, нашиот менталитет не е во насока на практикување редовни превентивни прегледи на здравјето, туку навиките се да одиме на лекар само кога нешто нè боли. Светските препораки се редовни, годишни кардиолошки прегледи, на популацијата веќе над 40 години. На овој начин не само што ќе можат да се следат здравствените параметри и да се влијае на нивото на маснотии, шеќер и крвниот притисок, на пр., како ризик-фактори за кардиоваскуларни болести, туку ќе може и рано да се дијагностицираат почетните појави на нарушувања на кардиоваскуларниот систем и со тоа навремено и поефикасно да се третираат.
Една приказна од дворецот на еден кинески крал вели дека кралскиот лекар добивал плата само додека сите во кралската фамилија биле здрави. Штом некој се разболел, платата била прекинувана. Затоа докторот морал своите медицински знаења да ги насочи кон спречување на појавата на болести, односно кон превенција, за редовно да добива плата. А мудроста на нашиот народ вели дека е подобро да се спречи, отколку да се лекува. Да бидеме мудри и во грижата за нашето здравје и да се трудиме повеќе да го сочуваме.
Срцето е орган со анатомско, физолошко, но и поетско, филозофско и романтично значење. Кога срцето запира, запира и животот. Древните народи сметале дека срцето е центарот и на душата. Кога некоја работа ја работиме со многи посветеност и љубов велиме дека ја работиме од срце. Срцето е и симбол на љубовта.
Да го чуваме и негуваме во секое негово значење, но најмногу како еден од најважните органи во нашето тело.
За детално читање на овој текст, погледнете на 22-24 стр. во електронското издание на BETTY магазин (СЕПТЕМВРИ 2021).