Пеленскиот осип е чест кај бебињата во текот на првата година, а најчесто се јавува помеѓу 9-12 месеци и често се поврзува со постојаната влажност во пеленската регија. Може да се појави и после започнување со дохрана на бебето или доколку бебето прима антибиотици. Ретко може да се појави кај бебе кое е на доење доколку мајката консумира одредени видови храна.
Црвенилото или осипот под пелените најчесто се наоѓа на местото каде што пелената ја допира кожата на бебето: газето, бедрата и гениталиите. Понекогаш црвенилото може да се воспали и да се појават: пликови, осип, разранување или, пак, кожата да отече.
Што го предизвикува црвенилото и пеленскиот осип?
Црвенилото кај бебињата е многу честа појава, затоа што кожата на бебето е исклучително нежна. За негова појава има многу причини:
Ако пелената е премногу стегната, особено ако нејзините краеви ја тријат кожата на бебето.
Ако пелената не се менува доволно често. Во тој случај урината и изметот ја иритираат нежната кожа.
Црвенилото често се јавува кога бебето ќе почне да се храни со цврста храна. Понекогаш додека го доите бебето може да се јави црвенило и од некоја храна која вие сте ја јаделе, на пример, домати или производи од нив.
Понекогаш црвенило се јавува ако употребувате пелени и влажни марамчиња кои не му одговараат на бебето, ако користите избелувач или омекнувач при перење на пелените, ако прашокот не е добро исплакнат итн.
Користење антибиотици од страна на мајката која го дои бебето или, пак, ако ги прима бебето. Антибиотиците ја нарушуваат рамнотежата на добрите бактерии и ја прават кожата поприемчива на инфекции.
Користењето заштитни најлонски гаќички врз пелените ја оневозможува кожата да дише и влагата се задржува внатре, па со тоа се зголемуваат шансите за појава на црвенило.
Бактериска или габична инфекција – поради тоа што топлата и влажна средина која е присутна во пеленската регија е добра подлога за развој на бактерии и габи.
Чувствителна кожа како атописки дерматитис или егзема.
Основни симптоми на пеленскиот осип се:
Црвенило, отечена и напната кожа во пеленскиот регион – газето, бутовите и гениталиите.
Бебето се чувствува непријатно, често е вознемирено, а при бањање на газето со вода или при бришење плаче.
Како да ја спречите појавата на пеленски осип?
Најважно е газето на бебето секогаш да го држите чисто и суво.
Проверувајте му ја пелената на бебето што почесто и сменете ја веднаш штом ќе биде навлажнета или извалкана.
Внимателно исчистете ја целата област кога ја менувате пелената. Најдобро е да користите топла вода за да го одмиете бебето.
Дозволете кожата на бебето целосно да се исуши пред да ја облечете новата пелена.
Колку е можно повеќе оставајте го бебето без пелена. Особено кога црвенилото веќе е појавено. Оставете го бебето без пелена и без крем, за да може црвенилото да се засуши, што е важен дел од процесот на заздравување.
Немојте да користите креми кои содржат борна киселина, камфор, фенол или метил салицилат. Овие материи можат да бидат штетни.
Избегнувајте влажни марамчиња кои содржат алкохол или мириси.
Може да користите заштитен крем со цинк оксид кој се нанесува во тенок слој на зафатената кожа неколку пати во тек на денот. Овој крем може да се користи и на здрава кожа како превенција од појава на пеленски осип.
Ако кожата на бебето е зацрвенета, користете подебел слој на крем.
Избегнувајте заштитни најлонски гаќички.
После бањање не ја тријте кожата на бебето со крпа, туку впијте ја водата. Триењето може да ја изиритира кожата.
Ако црвенилото продолжува, променете го видот на пелените, влажните марамчиња, сапунот и сл.
Ако црвенилото и понатаму продолжува или се инфицира, консултирајте се со лекарот на бебето.
Исто така, консултирајте се со лекарот и доколку црвенилото се појави кај бебето во првите 6 седмици од животот.
Пеленскиот осип обично поминува за неколку дена и нема потреба да се оди на лекар, но доколку ги забележите следниве знаци јавете се кај вашиот педијатар:
Тешка форма на осип
Осипот се влошува и покрај преземените мерки
Се појавува температура
Се појавуваат гнојаници и меурчиња
Поспаност на бебето.
За детално читање на овој текст, погледнете на 30-31 стр. во електронското издание на BETTY магазин (СЕПТЕМВРИ 2021).
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци