Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју со прим. д-р Мендух Јегени – „Гинекологијата е повеќе од професија“

октомври 1, 2021

okt 2021

  1. Какво е чувството да се сведочи на запознавањето на една мајка со своето дете?


Сите гинеколози се страшно привилегирани во тој поглед. Сведочиме на еден навистина посебен миг. Тоа е мигот кога времето застанува. Не е важно колку е часот, кој ден е... Наеднаш ништо не е важно освен новороденчето. Плачот на тоа дете е еден од најубавите звуци на овој свет.

  1. Што е клучно за воспоставување здрав дијалог помеѓу докторот и пациентот?


И како доктор и како гинеколог, најважното нешто е довербата. Уште за време на првата средба со пациентот, докторот мора да најде свој начин со кој ќе ја воспостави таа меѓусебна доверба која е клучна за целиот процес. Влевањето надеж, сила и доверба ќе направи пациентката да се почувствува сигурна дека ќе има професионален пристап и третман. Она што е многу важно е докторот да е вешт во препознавање на тоа со каква личност треба да комуницира и на некој начин да се претопи во онаа форма која  е најсоодветна за соработка. Иако ништо не менува во однос на пристапот спрема самиот пациент, важно е докторот да се најде на иста фреквенција со пациентот; без разлика на нивото на образованието, етничка или, пак, верската припадност. Едноставно сите пациенти се исти, само треба да се знае како да се пристапи кон нив. Тоа е основата за да се има добра релација и добар исход, добар резултат и на дијагностиката и третманот.

okt 2021

  1. Дали има некоја случка за која велите дека ќе ја паметите цел живот?


Во нашата професија нема една случка, туку има повеќе интересни случки, вредни за паметење. Има и убави, но, за жал, и непријатни моменти кои поврзани со компликации кои  се дел од нашата работа.

  1. Што би сакале да им кажете на жените кои се соочуваат со страв спрема самиот чин на породување? Како се справувате со таквите ситуации? Дали е подобро да се даваат повеќе информации или, пак, напротив, тоа влијае негативно?


Повторно би кажал дека односот и воспоставувањето на една релација поврзана со довербата се клучни. Секако дека пациентките имаат право на доволно информации околу нивната состојба, но, сепак,  потребно е тие информации   да бидат во правец на позитивното влијание врз жената. Сметам дека како акушери доколку ги кажеме сите можни опции или, пак, компликации со кои може да се соочат, кои ризици ги очекуваат, верувам дека половина од нив ќе се откажат. Коректно е да се седне и да се разговара со жената. Да се објасни дека бременоста не е болест. Тоа е специфична состојба каде точно е дека жената е изложена на повеќе предизвици. Токму затоа доколку се пристапи малку почовечки, верувам дека самиот страв ќе биде многу поублажен, па дури и ќе исчезне.

okt 2021

  1. Голем дел од жените имаат прашалници околу природното породување и царскиот рез. Кое е Вашето мислење?


За жал, во последно време сè почесто се среќаваме со жени кои  уште пред да забременат, планираат како да се породат. Бираат ден, датум, хороскопски знак... Царскиот рез се смета за полесна опција, што е многу погрешна перцепција. Нема ништо подобро од спонтано нормално породување, меѓутоа под услов мајката да не е изложена на ризик, да не е малтретирана, да постои коректен однос и почит доколку има болки (сепак, во денешно време имаме многубројни решенија и за болката), и да се води сметка дека тоа дете треба да се роди живо, здраво и во добра кондиција. Секоја состојба која  ќе биде во овие услови е правилното решение. Начинот – дали тоа ќе биде на природен начин или со царски рез –  доаѓа во втор план. Повторно ќе кажам, целта е една и единствена; да имаме здрава родилка и здраво дете.

  1. Дали сте емоционално врзани спрема своите пациенти или, пак, сметате дека тоа би било пречка за Вашиот професионален однос?


Секако дека треба да сме емоционално врзани. Само машините немаат чувства. Тоа никако не влијае на квалитетот на нашата услуга или на пристапот. Ние не препознаваме различности кај пациентите. Тие се нашиот благодет, бидејќи имаме можност да им помагаме токму кога имаат некаква мака. Нема поубаво чувство од чувството кога му помагаш некому кога му е најпотребно, затоа би рекол дека нашата професија на некој начин ја има таа привилегија.

  1. Вашата професија носи огромна обврска кон новите животи кои ги пречекувате. Што би сакале да им кажете на сите оние што сакаат да се занимаваат со оваа професија?


Да размислат убаво. Сепак, ова е многу повеќе од професија. Ова е начин на живеење. Сепак,  да знаат дека најголемиот данок ќе го земе нивниот приватен живот. Нашата професија секако дека има многу убави страни и незаборавни моменти, но данокот прво го плаќаат сопругот/сопругата, семејството и најблиските.

  1. За крај, што за Вас претставува здрав начин на живот?


Најкратко кажано, здрава исхрана, физичка активност и помалку користење  лекарства. Потребно е да имаме моменти на одмор, релаксација, уживање. Здравиот начин на живот ќе резултира со помалку посети на лекар, повеќе купување чаеви наместо седативи, кои, за жал, во последно време се трошат многу.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-12 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ОКТОМВРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>