Фармацевти
Контакт

<< Назад

Што претставува атопискиот дерматитис?

октомври 1, 2021

Коста Цветковиќ
д-р спец. дерматолог
ПЗУ „Дермаплус“

|

okt 2021

1.Што претставува атопискиот дерматитис?

Атописки дерматитис претставува хронично, наследно, пруритично, инфламаторно, повторувачко заболување во чиј главен механизам е пореметена бариерната функција на кожата. Започнува рано во доенечката возраст, но може и да „задоцни“ со манифестација и да почне околу пубертетот.

2.Кои се симптомите?

Симптомите се индивидуални и според интензитетот и според јавувањето, но најчесто и кај сите пациенти започнуваат со силно чешање во превојните предели на телото (помеѓу надлактица и подлактница – кубитално, зад коленото на мекиот дел – поплитеално, на образите, на долната страна на рачните зглобови и слични меки регии). Некои пациенти пројавуваат и субјективно чувство на пецкање или „полазување“ на тие места, што ги тера да се гребат грубо и со тоа да ги дадат типичните кожни манифестации за оваа болест, бидејќи сам по себе атопискиот дерматитис нема свои лезии туку тие произлегуваат од хроничното чешање. Исто така, во одредени случаи овие пациенти даваат податок и за респираторни симптоми како: кашлици, бронхитиси, алергиски ринитиси и сл. Затоа велиме дека атопискиот дерматитис е еден синдром од повеќе заболувања, а не само од една болест.

3.Кои се причините за неговото појавување?

АД се појавува како резултат на вродена немоќ на кожата да воспостави нормална бариерна функција, па така многу алергени и иританси кои инаку не би направиле симптоми прават хиперреакција која на крајот се манифестира како јадеж и пецкање. Овие индивидуи со АД се склони на алергии од повеќе категории (инхалативни, нутритивни, контактни) и најлошо реагираат под стресни ситуации или, пак, во стресни средини.

4.Дали и зошто во зима проблемот со јадежот се интензивира?

Ова е генерално правило дури и за здрава кожа, бидејќи во зима се зголемува сувоста на кожата, а со тоа се зголемува и нејзината пропустливост за дразнечки агенси, што само по себе имитира атопија. Според овој алгоритам, кај атопичарите зимно време нивната атопија или склоност кон дразби е уште повеќе потенцирана со студот.

5.Како се третира и се лекува атопискиот дерматитис?

Лек за атопија нема туку има менаџмент. Тој вклучува препарати без хемикалии и активни компоненти (синдет) кои се помрсни од нормалните препарати за кожа и имаат за задача да создадат вештачка, заштитна бариера и да ја спречат загубата на вода која се јавува со атописката сувост. Ова е генерално земено, но кај тешки случаи некогаш се користат и антибиотски/антимикотични препарати за да се спречат секундарни инфекции кои во атописка кожа наоѓаат совршена средина за размножување. Калцинеурин инхибиторите (Protopic/Elidel),  како и кортикостероидните креми,  исто така, се  дел од можната терапија на симптомите на АД, бидејќи директно влијаат на локалниот имунитет и го намалуваат воспалението кое е секогаш присутно. Во одредени ситуации се препишуваат и бањи со многу силно разредена варикина кои имаат за задача да направат чистење на патогениот биофилм кој се собира на раните од чешање и со тоа да придонесе за смирување на местото. Од орална терапија се вклучуваат антихистаминици (Loratadin, Aerius, Nixar, Avil) скоро секогаш за да се намали јадежот и со тоа да се намалат кожните лезии кои би настанале при неконтролираното чешање.

6.Дали несоодветните козметички препарати можат да ја влошат состојбата и да ги интензивираат симптомите?

Апсолутно! Несоодветната локална медикација може да предизвика релапс или влошување на симптомите, бидејќи активните хемикалии во нив кои се користат за арома, стабилизатори, бои и слично знаат многу да ја иритираат кожата кај атопичарите. Затоа никогаш не смее на своја рака да се зема медикација без претходна консултација со лекар специјалист или фармацевт.

Од голема важност е да се забележи кога вашето дете ќе почне неконтролирано да се чеша или да се вцрвенува на веќе споменатите предилекциони места, бидејќи со рана детекција може многу да се намалат секвелите (несаканите хронични симптоми) на атопискиот дерматитис и со тоа да му се олесни секојдневието. Дијагнозата ја поставува лекар специјалист дерматовенеролог при еден рутински клинички преглед.

За детално читање на овој текст, погледнете на 32 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ОКТОМВРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>