д-р Билјана Колева
специјалист по интерна медицина
Дијагностички Центар - Скопје
|
Кардиоваскуларните заболувања претставуваат најчесто заболување од хроничните незаразни заболувања. Групата на кардиоваскуларни заболувањa ги опфаќа сите заболувања на срцето и крвните садови. Во оваа група на заболувања се вбројани и атеросклерозата на крвните садови (таложење на масни депозити на внатрешната страна на крвните садови), нерамномерното работење на срцето (срцевите аритмии), валвуларните срцеви болести (болести на залистоците на срцето), срцевата слабост (неможност срцето доволно да испумпа крв) и мозочниот и срцевиот удар.
Нашата држава припаѓа на земјите со многу висок ризик за КВЗ. Сите пациенти кои имаат фамилијарна оптовареност (историја за КВЗ во фамилијата), шеќерна болест, хронична бубрежна слабост, фамилијарна хиперхолестеремија (наследно покачување на маснотии во крвта) и возраст над 70 години, иста така, имаат зголемен ризик за КВЗ.
Најчести ризик-фактори, според препораките за лекување од август 2021 од Европското кардиолошко здружение, се: покачен холестерол, покачен крвен присок, пушење цигари, покачена телесна тежина, шеќерна болест, полова припадност.
Покачен холестерол
Покачените вредности на вкупниот холестерол играат голема улога во проценувањето на КВ ризик. Подолг временски период на одржување на ниски вредности ЛДЛ-х (холестерол со ниска густина, „лош холестерол“) во многубројани студии и испитувања се покажало дека го намалува ризикот за атеросклеротска болест. ЛДЛ холестеролот во себе носи голема концентрација на холестерол, го носи во крвните садови и учествува во создавање атероматозни плаки (налепи од внатрешната страна на крвните садови) и со тоа го намалува луменот и протокот низ крвните садови. Со текот на време се зголемуваат налепите и доаѓа до фиброзирање и стврдување на ѕидот на крвниот сад.
Во зависност од возраста, придружните заболувања кај пациентот, различни се таргет вредностите за ЛДЛ холестерол. Без разлика дали пациентот зема таблети за регулирање на маснотии во крвта, препорачни се физичка активност и соодветен режим на исхрана.
Покачен крвен притисок
Покачениот крвен притисок е главен ризик-фактор за развој на коронарна болест на срцето, срцева слабост, мозочно-васкуларни заболувања, хронична бубрежна болест, појава на нерамномерна работа на срцето (аритмии). Едно мерење на покачен крвен притисок не значи дека пациентот има хронично покачен крвен притисок. За покачен крвен притисок се сметаат повторувачки покачени вредности крвен притисок измерени во ординација кај лекар во различни посети и/или при амбулантно мерење на крвен притисок, со холтер мониторинг. Кај помлада популација фармаколошка терапија е препорачана при нотирање на вредности над 140/90ммХг, додека кај повозрасна популација над 160/100ммХг.
Пушење цигари
Се смета дека пушењето цигари во 50 % е причина за смртност која може да се избегне, од кои 50 % е од атеросклеротска болест. Долгиот пушачки стаж се смета дека има повеќе несакани ефекти кај жените во споредба со мажите. Лицата кои се изложени на пасивно пушење (присуство во простории во кои се пуши), исто така, имаат зголемен ризик од КВЗ, иако активно не пушат. Ризикот за КВЗ кај пушачите помлади од 50 години е пет пати поголем отколку кај непушачите. Корисниците на електронски цигари и други
smokeless tobacco го имаат истиот ризик како и пушачите на тутун. Кај пациенти на кои им треба поддршка и не можат да ги остават цигарите би требало да се размислува и за никотин-заместителна терапија (varenicline, bupropion). Сите форми на никотин-заместителна терапија (во форма мастики за џвакање, трансдермални никотински лепенки, назални спрејови и инхлатори, сублингвални таблети) се покажале за ефикасни при откажување од пушењето цигари.
Покачена телесна тежина
Во голем број на студии и мета-анализи се докажало дека покачената телесна тежина е во директна поврзаност со зголемениот развој на атеросклерозата и ДМ кај пациентите. Како индикатор за покачената телесна тежина не се земаат само килограмите измерени на вага, туку поголемо влијание имаат БМИ (body-mass index), сооднос на обемот на половината-колковите (индикатор за висцерални маснотии). Односот половина-колк кај мажи >0,95 и однос >0,85 кај жени се смета за зголемен ризик за КВЗ.
Големо влијание во регулирање на телесната тежина има зголемување на физичката активност и намалување на седентарниот начин на живот. Препорачано е 150-300 мин. умерена физичка активност или 75-150. мин интензивно аеробно вежбање/неделно, ако дозволува здравствената состојба. Кај повозрасна група на пациенти е препорачана повеќекомпонентна физичка активност составена од аеробни вежби, вежби за мускулно истегнување и вежби за рамнотежа за да би се спречиле евентуални падови. Kако и режим на исхрана, се препорачува намален внес на калории, со предоминантен внес на високопротеинска, нискојаглехидратна исхрана а богата со растителни влакна. Препорачано е избегнување транс-масти, ограничување на консумирање сол до 5 г/дневно, консумирање алкохол до 100 мл/неделно.
Шеќерна болест
Предијабетес, дијабетес тип 1, дијабетес тип 2 се независни дополнителни ризик-фактори за атеросклероза. Во зависност од терапевтска контрола на шеќерната болест, ризикот може да биде двојно поголем во однос на пациенти на иста возраст без шеќерна болест. Пореметување на метаболизмот на шеќери повлекува и промена на метаболизмот на масти, со тоа доведува за плус уште еден ризик-фактор за КВЗ. Жените со шеќерна болест имаат поголем ризик за мозочен удар за разлика од мажите.
За детално читање на овој текст, погледнете на 6-7 стр. во електронското издание на BETTY магазин (НОЕМВРИ 2021).