д-р Сања Бојчева
доктор по медицина
ПЗУ „Др Катица“, Демир Капија
|
Првото тромесечје од бременоста ги опфаќа првите три месеци од бременоста, односно првите тринаесет недели од ембрионалниот развој на плодот. Периодот на ембриогенеза трае од моментот на оплодување, односно фертилизација до 10. гестациска недела, по што следува феталниот период, односно периодот на развој на феталните органи. Гестациската старост на бременоста се пресметува во гестациски недели, сметајќи го за прв ден првиот ден од последниот менструален циклус.
Развој на плодот по гестациски недели
4. гестациска недела – период на имплантација
Ембрионот доаѓа во контакт со ендометриумот и се имплантира во него. Кај некои жени во овој период може да се јави оскудно крвавење, кое се нарекува имплантационо крвавење, кое само по себе не е причина за грижа и голем дел од жените го толкуваат како менструално крвавење.
Од 5. до 10. гестациска недела – ембрионален период
Тоа е периодот во кој се развива примитивната срцева туба, при што може да се детектираат првите срцеви тонови на вашиот плод. Започнуваат да се формираат и мозокот, ’рбетниот столб, односно започнува развојот на виталните органи. Воедно е и најризичниот период на развој, бидејќи ембрионот е најсензитивен на тератогените агенси од околината.
10. гестациска недела – фетален период
Започнува феталниот период кој трае до крајот на бременоста. Во овој период плодот продолжува да расте и да се развива.
Прегледи кои треба да ги направите во првиот триместар
- Скрининг за Down Syndrom – овој скрининг треба да им се понуди на сите трудници без разлика на возраста. Се прави од 11. до 14. гестациска недела. Се прави комбиниран тест (PRISKA 1) кој вклучува: возраст на мајката, мерење на нухална транслуценца, B-HCG I PAPP-A (pregnancy associated plasma protein A). Зголемена нухална транслуценца е неспецифичен знак за фетални абнормалности: конгенитални срцеви аномалии, анеуплоидии, омфалоцела, скелетна дисплазија.
- Инфективен скрининг-рутински скрининг за mikoplazma/ureoplasma, Chlamydia trachomatis, хепатитис B и C, ХИВ, Cytomegalovirus, Rubella, Toxoplasma, сифилис.
- Скрининг за гестациски дијабетес – кај трудници со зголемен ризик за дијабетес да се направи OGTT.
- Скрининг за прееклампсија – вклучува збир од повеќе параметри: ризик-фактори кај мајката, PAPP-A (pregnancy associated plasma protein A), PIGF (placental growth faktor), PP13 (placental protein 13), фетален хемоглобин во мајчината крв, cell free fetal DNA, пулсативниот индекс на утерината артерија и средниот артериски притисок.
- Скрининг за хипотироидизам/хипертироидизам – одредување на TSH и FT4 и ординирање соодветна терапија, доколку е потребно.
Крвавење во прв триместар на бременост
Вагиналното крвавење во прв триместар е честа појава. Причини за крвавење во прв триместар може да бидат: имплантационо крвавење, инфекции, заканувачки абортус, ретрохоријален хематом, вонматерична бременост, трофобластна болест, крвавење предизвикано од манипулации со грлото на матката.
Пациентките со крвавење во прв триместар е потребно да се јават кај својот матичен гинеколог, за да се открие причината за крвавењето и соодветно да се третира.
Советување во прв триместар
Евалуација на социјалните навики и совет за прекин на пушење цигари, бидејќи никотинот влијае на протокот на постелката.
Забрана за консумирање алкохол, бидејќи предизвикува аномалии на плодот.
Начин на исхрана: внесување разновидна храна богата со протеини, влакна и масти. Сите трудници да добиваат суплементација на фолна киселина, железо, а доколку се вегетеријанки и витамин B12.
Полови односи во тек на бременост: пациентки кои имале повторувачки абортуси, предвремени породувања, предвремено прснат воденик и вагинално крвавење, да избегнуваат сексуални односи.
Патување со авион: носи ризик од венска тромбоза, па се препорачуваат компресивни чорапи.
Патување во странство: носи ризик од ендемски болести кои може да бидат опасни за трудницата и плодот. За посета на некои држави постои задолжителна вакцинација, а некои од вакцините се контраиндицирани во бременост.
За детално читање на овој текст, погледнете на 20-21 стр. во електронското издание на BETTY магазин (НОЕМВРИ 2021).