Фармацевти
Контакт

<< Назад

Покачена телесна температура кај децата

јануари 1, 2022

спец. д-р Зорица Мартиноска Андонова
Ординација по општа и семејна медицина
ПЗУ Цитус

|

јан-2022

Телесната температура е многу важен дел од одбранбениот систем на човечкиот организам. Таа помага организмот да се избори со инфекција, бидејќи дејствува неповолно за развојот на многу вируси и бактерии. Телесната температура се регулира од центарот за терморегулација, кој се наоѓа во мозокот и негова основна задача е да ја одржи на висина од 36,1 до 37 оC, при што има и физиолошки варијации во текот на денот.

Физиолошкото варирање на телесната температура во текот на денот е околу 1 степен, а при интензивна физичка активност температурата може да порасне и за 2 степена. Телесната температура  треба да се мери во мирување и најчесто се мери аксиларно (под пазувите) и ректално (во анусот). Од особено значење е да се знае дека температурата измерена под пазувите и во анусот има различна вредност. Телесната температура измерена во анусот е од 0,5 до 1 оС секогаш повисока. Центарот за регулирање на температурата кај новороенчињата, доенчињата и малите деца  недоволно е развиен, па премногу облека или премногу топла просторија ќе доведат до пораст на телесната температура.

Покачена телесна температура или фебрилност е одбранбена реакција на организмот  на некоја инфекција или некое друго нарушување во организмот. Фебрилноста сама по себе не е болест, туку симптом на некоја инфекција или болест.

Правилниот однос кон овој симптом помага за следење на текот на болеста и ефикасноста од лекувањето. Покачената телесна температура е таа која  најмногу ги плаши родителите, особено кога е повисока и кога станува збор за деца на помала возраст.

Причини за покачена телесна температура

Најчеста причина за покачена телесна температура во детска возраст се инфективните болести кои можат да бидат од вирусно или од бактериско потекло. Многу ретко причина за фебрилност можат да бидат и некои системски болести (лупус, ревматоиден артритис и други), како и малигните заболувања.

Што да преземете ако детето има покачена телесна температура?

Состојбата со покачена телесна температура, независно од која причина е настаната, е проследена со зголемено губење на течности поради интензивното потење и забрзаното дишење,  кои претставуваат механизми за намалување на температурата. Доколку е засегнат и гастроинтестиналниот тракт, односно имаме повраќање и течен измет, постои реален ризик за настанување  дехидратација. Од овие причини е потребно да се внимава течностите кои се внесуваат да содржат и електролити. Потребно е да се истакне дека доенчињата и малите деца полесно дехидрираат во однос на поголемите деца и возрасните, поради фактот што имаат  поголемо количество на течност во организмот и многу побрзо доаѓа до нарушување на нивната хомеостаза. Теоретски, потребите за течности на дете кое тежи 10 кг е 1 000 мл за 24 часа, дете со тежина од 20 кг 1 500 мл за 24 часа. Секогаш треба да се земаат  предвид зголемените потреби за течности при покачена телесна температура, повраќање и дијареја. Туширање со млака вода со температура на водата од околу 32 до 33 оC (никако со ладна вода) или, пак, масирање на телото со крпа натопена во млака вода, исто така, може да ја намалат зголемената телесна температура. Ако на детето му студи (што се случува кога почнува да се качува телесната температурата) можете да го покриете со лесна прекривка, а кога тоа ќе се стопли прекривката  треба да се тргне. Советуваме детето  да престојува во чиста и проветрена соба, температурата на собата да се одржува од 20 до 22 оC, да биде облечено во лесна памучна облека и  да одбегнува  физички напор.

Лекови за намалување на температурата – aнтипиретици

Со оглед на фактот дека температурата е дел од имунолошкиот одбранбен механизам, со нејзиното намалување се прекинува овој одговор и се нарушува одбраната на организмот. Според европските водичи, покачената температура не треба да се намалува сè додека не ги надмине вредностите над 38 оC и не се препорачува давање  лекови за нејзино намалување. Групата лекови (антипиретици) кои се користат при покачена температура се „парацетамол“ и „ибупрофен“ во доза одредена според телесната тежина. Антипиретиците обично се даваат орално (преку уста) во форма на сирупи и таблети, или ректално како супозитории (чепчиња). Правилно е  лекот да биде даден орално, но ако детето повраќа или одбива лекот да го прими орално, тогаш може да се користат супозитории. Дозите се исти, но ефектот на лекот се јавува малку побрзо отколку со орални препарати. При користење супозитории внимателно треба да се аплицира супозиторијата нежно во анусот и да се внимава за да биде ресорбирана. Супозитории не треба да бидат  дадени  кога детето има дијареја, бидејќи тогаш активната супстанција  не може да се реапсорбира правилно и  може да  ја влоши дијарејата.

Аспиринот (acetylsalicylic acid) не смее да се користи како антипиретик кај децата, бидејќи неговата употреба се поврзува со ризик од настанување  сериозни компликации. Најчеста компликација е настанување на Reye-ов синдром.

Кога да посетите лекар?

Една од најчестите причини за посета кај матичниот лекар е покачената телесна температура. Родителите се во постојан страв дека нешто страшно ќе се случи ако нивното дете има покачена телесна температура. Навистина нема потреба од загриженост. Покачената температура значи одбрана на организмот и треба да ја имаме за да ја победиме инфекцијата. Најчесто покачената температура кај децата е со кратко траење од 3 до 5 дена. Кога постојат локализирани знаци, дијагнозата може да се постави само со преглед и анамнеза од родителот. Кога немаме локализирани знаци од типот на црвено грло, аускултаторен наод и друго, тогаш се повикуваме на лабораториски анализи за да поставиме дијагноза. Фебрилност која трае повеќе од четири до седум дена бара консултација со лекар и дополнителни иследувања, а фебрилност која трае во континуитет повеќе од две недели е индикација за  сериозно заболување и бара темелно иследување.

Ако родителот забележи некои од овие знаци кај доенче помало од 3 месеци, потребно е веднаш да се јави на доктор:

Драги родители, нема место за загриженост ако вашето дете е фебрилно, а има нормална пребоеност на кожата, усните и јазикот, се смее и има нормален плач. Доколку, сепак, сметате дека ви треба дополнителна консултација, обратете се на стручно лице, односно на лекар кој ќе ви даде дополнителни насоки во врска со третманот на покачената температура кај вашето дете.

За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>