д-р Ана Мадиќ
Доктор на медицина
ПЗУ Поликлиника Др. Ѓоше
|
Развиениот нервен систем има способност да ги открива промените во организмот и во околината, да ги интерпретира и преку ефекторните органи делумно да ги контролира и да реагира на нив. Болката е универзално непријатно искуство кое е присутно во секојдневниот живот на човекот. Болката претставува најсовршен одбранбен механизам кој го има човековиот организам. Таа предизвикува непријатно чувство кое потекнува од места со повредени или оштетени ткива и секогаш асоцира на некоја патолошка состојба во организмот. Реакцијата на болката е единствена и специфично индивидуална. Реакцијата е поврзана со местото, локацијата, како и со видот на повреденото ткиво. Болката претставува збир на три компоненти: идентификација на болката, негативно искуство и нејзината локализација. Таа е одбранбен механизам на организмот кој укажува за постоење промени кои ја нарушуваат оксигенацијата и нормалниот интегритет на клетките во телото. Според времето на појавата и должината на траењето на болката, постои
акутна и
хронична болка.
Акутната болка се јавува ненадејно и предупредува дека во организмот се одвива некое патолошко случување кое бара детално дијагностичко испитување (инфекции, руптури, дистензии, спазми и слично). Акутната болка трае релативно кратко и со соодветна терапија лесно се лекува. Доколку акутната болка не се третира, со текот на времето може да помине во хронична болка. Примарно третманот на акутна болка е насочен кон лекување на основната причина за болката, со употреба на аналгетици, антибиотици, коронародилататори и оперативна интервенција.
Хроничната болка е болка која перзистира повеќе од шест месеци и кога е рефрактерна на применетата етио и симптоматска терапија. Таа е последица на хроничен патолошки процес. Пациентите покажуваат знаци на депресија со летаргија, анорексија, апатија и се повлекуваат во себе. Третманот е комплексен и вклучува лекување на причината, со постојана употреба на аналгетици, а покрај тоа е потребна психолошка и социјална поддршка и грижа за пациентите. Ако болката се појавува само во некои состојби, на пример, по одредени движења или стоења, тогаш се зборува за
инцидентна болка. ʼРбетниот столб е посебен орган во системот за движење со статичка и динамичка функција. Тој ја носи главата, го потпира трупот, го опкружува и го заштитува ʼрбетниот мозок и учествува во секое движење на телото.
Преку карлицата ʼрбетниот столб е поврзан со долните екстремитети, при што учествува при нивното движење и ја пренесува на нив тежината на телото. Причините за болка во грбот се многу, а некои од нив се нанесуваат самостојно – низ лоши навики во текот на целиот живот (несоодветно држење на телото, дебелина, подигање тешки предмети, нагли движења, стрес итн.). Други можни причини за болка во грбот се сообраќајни несреќи, трауми, падови, повреди на мускули, како и спортски повреди. Околу 8 од 10 луѓе имале болка во грбот барем еднаш во животот. Болката во грбот може да потекнува од различни структури во ʼрбетниот столб: мускулите, тетивите, зглобовите, лигаментите, интервертебралните дискови или нервните структури. Акутна болка најчесто се јавува поради оштетување при подигање тешки предмети или ненадејно лошо движење. Често е предизвикана од стрес што може да доведе до напнатост во мускулите на грбот, што ја предизвикува или ја влошува болката во грбот. Хроничната болка во грбот често е предизвикана од дегенеративни промени во ʼрбетот, прикажани како промени во малите зглобови на прешлените и на интервертебралните дискови. Главна причина за оштетување на интервертебралните дискови е предвремено стареење. Овие промени се појавуваат порано или подоцна кај секого и се повеќе или помалку изразени и може да предизвикаат проблеми. Што можеме да сториме доколку страдаме од болка во грбот: редовна физичка активност како пешачење или пливање, како и вежби за релаксирање и зајакнување на грбните мускули; одморот може да биде корисен само кога болката е силна; топли и студени облоги; масажата има терапевтски ефект, како и вежби за истегнување и зацврстување на мускулите; доколку почувствувате болка која предизвикува изнемоштеност, не заборавајте да ги земете лековите против болка и практикувајте ја колку можете повеќе вашата редовна физичка активност. Ова ќе ви помогне за да не изгубите од вашата мускулна маса, како и да ги зацврстите грбните мускули. Доколку почувствувате силна болка, која не поминува по една или две недели, треба да разговарате со вашиот лекар. Ова важи и за случаи кога ќе почувствувате болка по пад, удар или сообраќајна несреќа и во случај да почнете да губите чувство на допир во нозете и имате помала сила во мускулите на нозете. Болката во грбот и покрај земањето на лековите ја задржува својата функција, сигнализира опасност или болест која значително влијае врз квалитетот на животот.
За детално читање на овој текст, погледнете на 6-7 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2022).