Сања Ѓорѓева
сертифициран тренер за спиење на
бебиња и деца
|
Како влијае темпераментот врз спиењето?
Спиењето и темпераментот на бебињата и децата се тесно поврзани, а поради тоа честопати се потребни посебни стратегии и тренинзи за спиење за да дојдете до посакуваните проспани ноќи.
Дали ова ви звучи познато?
„Морам да скокам на пилатес топка за да ја успијам.“
„Како да му е страв да не испушти нешто. Тој едноставно не сака да губи време за спиење.“
„Таа забележува СÈ. Не пропушта ништо.“
„Само што ќе го спуштам во креветче, ги отвора ширум очите и морам да почнам одново.“
„Спиењето е тешко уште од моментот кога се роди. Едноставно не сака да спие... никогаш.“
КАКО СЕ ПОВРЗАНИ СПИЕЊЕТО И ТЕМПЕРАМЕНТОТ НА БЕБЕТО?
Некои деца имаат посмирени реакции кон информациите што доаѓаат до нив. Најчесто, за нив спиењето не е проблем, бидејќи тие се способни да ги смират своите емоции, да се „исклучат“ од надворешниот свет и да потонат во длабок сон.
Други деца – најчесто ги нарекуваме „многу темпераментни“ – имаат многу повеќе потешкотии со спиењето. Во текот на денот тие впиваат многу повеќе информации, бомбардирани се од своите сетила кои тешко ги контролираат, а тоа им отежнува да се смират, да се „исклучат“ од надворешниот свет и да потонат во длабок сон.
КОИ КАРАКТЕРИСТИКИ ВЛИЈААТ ВРЗ СПИЕЊЕТО?
Интензитет
Сè е поизразено. Ако се среќни, тие се навистина среќни. Кога ќе се вознемират, експлодираат како бомби. Родителите на овие бебиња ќе кажат:
„Ако не ја смирам за неколку секунди, после ништо не може да ја смири.“ Ако се одлучите да правите тренинг за спиење, треба многу внимателно да се направат и тренингот и методата што ќе ги користите. Интензитетот е една од главните причини кој може да ви го исфрли тренингот за спиење од колосек. Овие палавковци не „кенкаат само 15 минути“, тоа може да биде еден час или/и повеќе хистерично плачење, многу ноќи по ред, без никакви промени. Затоа треба многу внимателно да се избере метода и пристап со кој ќе се прави тренингот, за да имате успех.
Упорност
„Приспособливост“ и „флексибилност“ не се во речникот на темпераментните деца. Тие не се откажуваат лесно од она што го сакаат, ќе направат сè за да го добијат тоа што го замислиле. Ова е одлична особина кај возрасните, но кај децата може да биде истоштувачка за родителите. Важно е да знаете дека кога ќе се обидете да ги промените нивните навики, тие ќе се борат со вас. Но, ако останете доследни, константни и ги поддржувате низ целиот процес, тие многу брзо ќе сфатат и ќе ги научат новите рутини и методи, а тоа ќе ви донесе проспани ноќи на сите.
Перцепција
Тие забележуваат сè – буквално, сè. Гледајќи на големата слика, тоа е неверојатна вештина. Овие брилијантни мали умови ќе забележат емоции и врски. Ќе забележат дека нешто е поместено или мали промени во рутините. Тие, исто така, ќе забележат ако се двоумите во вашиот пристап кон спиењето, и ако не сте сигурни во вашите постапки. Ќе треба да бидете константни и поупорни отколку што некогаш сте биле ако сакате да направите тренинг и подобрување во спиењето. Треба да имате добро смислени план и рутина кои се јасни и повторливи.
Живост/активност
Темпераментните деца се активни цел ден. Нивното мозоче работи цело време и смислува нови идеи. Повторно ќе кажам, тоа е одлична способност, но кај толку мали дечиња може брзо да ги раздразни и да предизвика премор. Можеби сте забележале дека во вечерните часови се најактивни со голема енергија. Тоа е затоа што не заспале на време. Кај овие дечиња многу е важно да внимавате на прозорот на будност, не прескокнувајте дремки и навечер успивајте ги на време.
Зголемена осетливост на сетилата
Кај темпераментните дечиња сетилата се многу високо изразени. Одредени текстури, звуци, светлина и разни мали ситуации може да им го отежнат заспивањето. Слично како приказната за „принцезата и грашокот“. Мал грашок под куп душеци ќе го осетат и нема да заспијат. Токму со тоа се соочуваат родителите кога се обидуваат да ги успијат: најмалата промена или проблем со нивната средина за спиење значи дека нема да заспијат.
Тие реагираат различно во одредени ситуации. Некои од нив се иритираат од звуци и ги покриваат ушите кога ќе слушнат сирена, или добиваат тантруми во гужви и бучни места, од друга страна, некои сакаат и бараат поголем интензитет и бучава, овие деца најчесто сакаат да заспиваат со силно нишкање или скокање на пилатес топка.
Како родител на сензорно осетливо дете, многу е важно да ги препознаете нивните чувства, да ги набљудувате и да сфатите што им помага, а што ги стимулира и ги раздразнува, само така ќе им помогнете да се смират, да заспијат и да ја преспијат ноќта.
Доколку имате детенце за кое одговараат горенаведените карактеристики и не спие навечер, не очајувајте, проблемот не е во вас, виновен е темпераментот. Но и најтемпераментните дечиња, со добро направени план, рутини и методи за тренинг за спиење, можат да научат да ја преспиваат ноќта.
За детално читање на овој текст, погледнете на 6-7 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАРТ 2022).