- Од што најмногу црпите инспирација?
Инспирацијата ја црпам од себе самата и од секојдневието што го живеам, па така во различни периоди од животот ме окупираат различни теми. Мојата прва книга „Шеќер по подот“ ја издадов пред десет години и во неа преовладува љубовна и еротска поезија. Во следните книги, покрај љубовната поезија, преовладуваат филозофски, духовни, семејни тематики. Во последната книга „Ќе се завијам во песни“, која ја објавив во 2019 година, главна тема е загубата на мојот татко. Во моето петнаесетгодишно искуство како автор можам да кажам дека најсилни творечки двигатели се ерос и танатос, или раѓањето и смртта како најинтензивни духовни и физички случувања во нашите животи.
- Да се биде поетеса, значи да се биде..?
Искрена со себе и со другите, да се биде истовремено и во сопственото битие и отворена кон светот. Поетесите се полни со живот. Од нас извира живот, како што извира зборот. По природа сме хедонисти, страсни и сензитивни, го сакаме животот и умееме да пронајдеме убавина и онаму каде што навидум ја нема, во болката, на пример.
- Секоја нова книга е ново патување... Дали во блиска иднина планирате да се претставите со нови поетски стихови?
Секоја нова книга е ново доживување и патување, но и продолжување онаму каде до сега сум застанала, како човек и како автор. Во моментов ја подготвувам мојата шеста поетска книга „Празно место“, која се надевам дека ќе излезе до крајот на годинава.
- Што е она што го исполнува Вашето време покрај пишувањето поезија?
Пишувањето оди рака под рака со читањето. Уживам да читам. Сакам да сум во тек со книжевната сцена и да разговарам за книгите. Секако, читам и странски автори. Од неодамна почнав да пишувам и рецензии. Уредувам и преведувам текстови за списанието за култура, литература и уметност „Современост“, каде веќе четири години сум извршен уредник, што за мене е прекрасно искуство. Голем љубител сум на филмски серии, но само оние со издржани сценарија, квалитетна глума и продукција. Исто така, љубител сум на природата и на патувањата. Сакам да патувам на места каде што не сум била, да си ја одморам душата и телото и да се наполнам со позитивна енергија.
- Која порака би сакале да ја упатите до љубителите на пишаниот збор?
Читајте и поддржувајте македонски автори, тие се чувари на јазикот, и современите и оние кои своето творештво ни го оставиле како аманет. Неисцрпни се ризниците на Блаже Конески, Коста Солев Рацин, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски...
Потрудете се да читате квалитетна литература. Истражувајте, не задоволувајте се со бестселери и популистичка литература. Животот е краток за празни конекции, лоши вина и неквалитетна литература. Исполнете се со суштина. Направете си го животот убав.
За детално читање на овој текст, погледнете на 16 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАРТ 2022).