Татјана Багеска
дефектолог
|
Секој 2 април се одбележува Денот на лицата со аутизам, но тоа не значи дека за оваа состојба треба да зборуваме само тој ден, би требало да имаме слух за тоа секојдневно и да ја подигнуваме колективната свест за потребите и проблемите со кои лицата со аутизам и нивните родители постојано се соочуваат.
АУТИЗМОТ претставува тешко невроразвојно нарушување. Кога детето има потешкотии во социјалното функционирање и интеракцијата со други луѓе, неразвивање на говор и нарушување во комуникацијата, како и необично однесување со ограничени интереси за вообичаените врснички активности, можеме да се посомневаме дека станува збор за аутизам.
Знаците и симптомите на ова нарушување може да бидат манифестирани во различен степен и облик кај различни деца, а постојат и различни причинители, исто така, познати како спектар на аутистични нарушувања (низа невроразвојни нарушувања).
Како настанува аутизмот?
Познато е дека аутизмот почесто се сретнува кај момчињата отколку кај девојчињата. Јасната причина за неговата појава сè уште е неразјаснета. Меѓутоа, тоа што се знае е дека во прашање се група на сродни пореметувања со многу различни причинители. Се работи за мултифакторијално, комплексно нарушување со фактори ризични од опкружувањето. Специфичен ген/гени сè уште не се потврдени.
Како и кога родителот може да ги уочи симптомите?
Аутизмот се јавува рано и родителите веќе во текот на првата година можат да забележат некои симптоми и знаци. Честопати тие се загрижени ако говорот кај нивните деца не е развиен во потполност или ако детето сè уште не ги прозборело првите зборови, а веќе е време за нив.
Стручните работници велат дека загрижувачки е дури тогаш ако детето не ги кажува првите зборови до својата трета година.
Постојат некои рани „знаци за алармирање“ на кои родителите треба да обратат внимание:
• Бебето не гуга и не гестикулира на возраст од 12 месеци,
• Не изговара ниту еден збор смислено, на возраст од 16 месеци,
• Не користи фрази од два збора смислено, на возраст од 2 години,
• Не се одзива на своето име до крајот на првата година,
• Престанок или губење на говорот на која било возраст,
• На мајката ѝ се чини дека детето не го препознава нејзиниот глас на возраст од 6 месеци па натаму,
• Детето не разменува вокализација со родителите по 6 месец,
• Детето не воспоставува контакт со очи,
• Детето не се смее, или
• Детето изгледа отсутно и како да не ве слуша што му зборувате.
Кај некои деца овие симптоми се сосема благи и незабележливи во текот на првата година, но се јавуваат некои задоцнети знаци на кои родителите, исто така, треба да посветат посебно внимание:
- Детето не покажува интерес за врсничките активности,
• Има потешкотии во стекнувањето пријатели, односно нема ниту еден најдобар другар,
• Не иницира комуникација со други, најчесто пасивно стои покрај останатите деца,
• Детето не игра игри со имитирање, ниту други друштвени игри,
• Детскиот говор е како робот, говорната конструкција е необична,
• Преокупација со одредени предмети, нивна текстура, мирис или слично,
• Постојано инсистирање на исти работи, ритуали околу храна, бањање или
• Останатите луѓе ги доживува како предмети или како „алат“ за задоволување на сопствените потреби.
Како се дијагностицира?
Денес не постои специфичен медицински тест за откривање на дијагноза аутизам. Дијагностицирањето се заснова на опсервирање на детското однесување во одредени ситуации, психолошко тестирање и проценка на развојот, педијатриски, невролошки и дефектолошки преглед со примена на структуирани интервјуа со родителите. Тимот за дијагноза на ова нарушување го сочинуваат детски психијатар, педијатар, невролог, психолог и дефектолог/логопед.
Какво е значењето на раното откривање?
Раното вклучување на детето во интензивни третмани покажува значајно подобрување на социјалните и академските исходи во подоцниот период од животот.
Како се третира?
Се работи на систематизиран начин кој вклучува специјална едукација на академски вештини, тренинг на социјални вештини, дефектолошки и логопедски третмани насочени на говорот и јазикот, и третирање на придружните психолошки, невролошки и педијатриски попречености.
Дали и каде треба родителите да се обратат доколку нивното дете има проблем?
Многу често се случува да поминат и неколку години, а родителите сè уште да лутаат по одговорот. Најпрво би ги охрабрила и би ги упатила во Заводот за ментално здравје или во некој од центрите кои имаат стручен тим за правилна проценка. Првите години се исклучително важни за раното дијагностицирање и спроведување на третмани, како и давањето поддршка. Кога ќе се пропушти раната интервенција, потребно е 4 пати повеќе време за стимулација на развој во основно училиште, отколку што е потребно кај дете на претшколска возраст.
За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2022).