Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY лик: Бојан Ковски

април 1, 2022

1. Вие сте еден од ретките уметници што своето творештво го претставуваат преку сликање на човечки тела. Како дојде до идејата и како би го опишале процесот на самиот почеток?

Јас запловив во водите на body paint многу спонтано, работам фигурација, најчесто актови токму поради мојата работа со тела бев инспириран телото да го искористам како платно. Да се работи на нечие тело е многу поразлично од работа на плоча, самото тело има своја флуидност и форма што дава целосно нов поглед на изразувањето.

Почетоците беа прилично тешки затоа што ни јас самиот не знаев што правам, но за сè што правиме е потребно учење и искуство за да стигнеме до некој степен на знаење, па и тогаш е потребно доусовршување. Техниката се учи и се менува со текот на времето како процес на развојот на еден автор, а клучните работи се посветеноста на тоа што го правиме и инспирацијата која нè движи кон успехот, а тоа се работи на кои никој не може да нè научи туку мораме да ги стекнеме самите.

Во моите почетоци работев со обичен акрил и тоа беше предизвик колку за мене толку и за моделите да ја симнат бојата од нив, но со тек на времето како што се развивав јас и како што учев и можев да си дозволам поквалитетна изработка, дојдов до степен да работам со професионални бои за бодиарт кои целосно го сменија и изгледот на моите дела.

Секој детаљ и секој момент кој го нанесуваш на телото од секој агол изгледа различно, а воедно и со движењето сета боја што е нанесена се обликува во различни форми кои заедно со аголот, движењето и самата форма на телото формираат една целина која за мене е целата убавина на оваа уметност и најголемиот предизвик, но најважно од сè е она што мене ме прави среќен.

2. Кон крајот на 2021 година имавте изложба насловена како Метаморфоза, по повод петгодишнината од Вашата уметничка кариера. Какви беа реакциите на посетителите и што би издвоиле како најинтересен момент од ова искуство?

Најинтересен момент од ова искуство е целосниот процес на творење на делата и мојата психа за време на изработката. Целата фасцинација која јас како творец ја имам кон менувањето и процесот на развој од едно нешто во нешто сосема различно од првобитното го поткрепува зборот метаморфоза што претставува биолошки процес низ кој поминуваат некои животни, особено инсекти и притоа го менуваат однесувањето. Сите ја знаеме трансформацијата од ларва кон пеперутка и тој процес е бавен сè додека не заврши сопственото оформување до зрелост за полет низ животот. Човековите метаморфози често се случуваат во сон, но стануваат и желба за стварност, па така низ самоконструкција се испреплетуваат во конечна слика на плуралното либидо.

Низ „редефиниција“ на телото и создавање ново суштество како од некоја друга планета, јас создавам и процес на провокација до гледачот, можеби тајната желба за трансформација – метаморфоза. Пајаковите конци, крлушките, природно мимикричните форми на одредени пеперутки се дел од човековото тело или обратно, телото станува искршена чаура и прекрасна пеперутка. Живите насликани скулптури се придвижуваат во бавни поместувања и така создаваат ненападен перформанс. Телото станува самиот објект на метаморфозата.

И тоа што сакав да го постигнам беше и реакцијата од посетителите кои уживаа вечерта на отворањето и за времетраењето на изложбата. Реакциите кои го најдоа својот пат до мене беа одлични и ми даваат желба и ме поттикнуваат да работам повеќе и да се градам во тоа што го правам.



3. Дали е тешко да се најде модел за ваков вид на уметничко дело?

Во последно време мене ми е многу лесно да најдам модели. Многу луѓе се заинтересирани и сакаат да бидат модели за боди-арт. Така што немав никакви тешкотии околу тоа. Во случај е пресудно тоа кој сакам да ми биде модел и кој добро би ми влегол во концептот.

4. Што е она од кое најмногу црпите инспирација?

Инспирацијата и идеите колку од мојот приватен живот доаѓаат и од теми што гледајќи низ призмата на градење на човечката мисла се едни од главните на кои се темели модерното општество, минатото и иднината во која живееме, тоа се идеалите кои  јас како автор сакам да ги претставам пред мојата публика. Во моите дела, без разлика дали на тело или на платно, митологијата поврзана со човековите чувства има за цел да зборува и да пренесе порака на гледачот, не мојата порака која јас ја имам пренесено на сликата и себеси творејќи ја, туку пораката која гледачот ќе ја види за себе, она што спојот на неговите чувства и ум при гледање на сликата ќе го создадат како приказна за неговото доживување.

Идеите и инспирацијата си доаѓаат одвнатре, секој во себе носи своја мисла, свој стил и свој вкус, дефинирањето зависи од поединецот и од средината во која дејствува, не можам да кажам дека нешто конкретно постои како визија за бодипејнтот на Ковски, посоодветно би било дека сè досега ме доведе до тука, а за натаму стиловите се менуваат, сензибилитетот се менува, па ќе видиме како и јас ќе се развивам во иднина и ова мисла ми прави да се радувам за тоа што ќе направам понатаму.



5. Дали имате планови за оваа година?

Следниот период сакам да се вратам малку кон масло на платно, моментално подготвувам таква изложба, која треба да се реализира во текот на годинава. Тоа би одело во комбинација со боди-пејтинг. Но за ова ќе зборуваме повеќе на есен.

За детално читање на овој текст, погледнете на 20-21 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>