Моника Стефановска
каратистка
освојувач на европски и светски медал
|
Спортот и тековните физички активности можат да обезбедат многу придобивки за децата и адолесцентите. Позитивните искуства што ги носи спортот, како и активниот начин на живот играат важна улога во животот на една млада личност.
Спортот ја зголемува самодовербата, ни помага да се изградиме во квалитетна, здрава личност, а има и скриени здравствени придобивки. Гледањето како се исплати вашата напорна работа и постигнувањето на вашите цели развива самодоверба. Постигнувањето на целта во спорт или фитнес ве поттикнува да постигнете други цели што сте си ги поставиле.
Специфичноста на каратето како спорт се однесува на неговите почетоци, односно иако е спорт како и сите други, самиот факт дека се работи за боречка вештина носи многу повеќе придобивки и користи отколку кој било друг спорт. Тренирањето карате и посветеноста кон овој спорт нè учи на почит кон противникот, пред сè, самодисциплина, самоконтрола, решителност, упорност и токму овие карактеристики се клучни и многу значајни при формирањето и развојот на личноста кај децата и младите.
Каратето е боречка вештина која потекнува од Јапонија, и зборот „карате“ во превод значи празна рака. Иако во минатото каратето како боречка вештина подразбирало користење на сите делови од телото со цел самоодбрана, модерното карате подразбира спорт кој вклучува две дисциплини – ката (борба со замислен противник) и кумите (борба со вистински противник).
Едно од често поставуваните прашања што верувам дека секој каратист го има одговорено е: „Каков појас имаш и што точно значат боите на вашите појаси?“
Секоја боја на појас има различно значење и симболика, а се однесува на спремноста и подготвеноста на каратистот во тој момент. Па така, на пример, белиот појас е симбол на независност на носителот кој сè уште не ги познава духовните аспекти и не ги познава борбените техники. Жолт појас се однесува на бојата на сонцето, а означува светлост и плодност.
Црвен појас е бојата на сонцето кога заоѓа. Има значење на спремност и подготвеност на носителот на појасот за проширување на знаењата и своите видици по новото изгревање.
Зелената боја е боја на билките – тревата и шумата.
Сината боја е боја на далечината, небото, океанот. Овој појас го заслужува ученикот кој сака да го дофати хоризонтот. Кафеав појас е боја на земјата, која симболизира постојаност и сигурност. Носителот на овој појас има добра и квалитетна техника, плодотворен дух и непоколеблива мисла и црниот појас означува збир од сите бои. Црниот појас не е знак на победа и сознанија, туку знак на мракот.
Кумите или борба со вистински противник е дисциплина во карате каде што во обележана зона двајца противници се натпреваруваат преку слободен спаринг. Дозволен е целосен контакт во пределот на торзото на телото, а во пределот на главата и чувствителните делови на телото не е дозволен или е дозволен многу лесен контакт. Каратистот може да добие предупредување за употребување на прекумерна сила во чувствителните предели на телото, а тоа може да доведе дури и до дисквалификација. Во кумите каратистите носат кимоно, заштитна опрема на нозете, рацете, торзото и штитник за забите. Една борба или меч е со времетраење од 3 минути, а доколку по истекот на времето резултатот е изедначен победникот го одредуваат судиите, вкупно 5 кои биле судии на мечот.
Каратето како спорт го избрав сосем случајно, имено веднаш по моите часови по танц во истата сала се одржуваа тренинзи по карате. Со мојата сестра дојдовме дома и со воодушевување им соопштивме на нашите родители дека сме решени да почнеме да тренираме карате. Мојата мајка на почеток сметаше дека тој спорт е премногу груб за девојки, но со тек на време ги воочи позитивните работи и навики за кои овој спорт е заслужен, а се од особена важност за правилен раст и развој на децата.
Со освојување на првите медали на домашните и интернационалните првенства, нашата желба за тренинг сè повеќе се зголемуваше, а кога мојата сестра како постара од мене прва почна да настапува за репрезентацијата на Македонија и беше освојувач на многу медали и награди, бевме решени и одлучни дека сериозно ќе се посветиме на овој спорт.
Период кој беше особено важен и тежок е периодот кога моравме да балансираме помеѓу спортот и факултетот, и тоа е најчесто период кога многу спортисти се решаваат или да ја завршат својата спортска кариера или да ги завршат академските студии. Ние успеавме да продолжиме и со двете паралелно, дипломиравме, а потоа и магистриравме и сметам дека тоа е најдобрата одлука што сме ја направиле.
Во текот на кариерата се соочувавме со многу убави, среќни, но и не толку среќни моменти. Настапување за репрезентацијата и освојување медал или награда е прекрасно чувство за кое секој спортист напорно работи и се посветува. Поразот како составен дел од процесот на тренирање и натпреварување треба да биде една лекција од која треба да се извлече поука за понатамошниот тек на самиот процес. Не можам да ги изоставам и повредите кои се неизбежен дел од секој спорт, па и од овој, но упорноста и истрајноста како карактеристики на секој успешен спортист играат клучна улога во пребродување и издигнување од сите тешки ситуации. Токму поради тоа, спортот ѝ помага на личноста да се формира и да се развива не само од аспект на физичката спремност, туку има големо влијание и на психичкото здравје.
Денес, по 22 години од мојот прв карате тренинг, и покрај паралелното занимавање со друг спорт, односно гимнастика, останав верна на каратето.
За детално читање на овој текст, погледнете на 24-25 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2022).