Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју со Тамара Тодевска – „Енергија која плени“

декември 1, 2021


  1. Изминатата година на професионален план беше одлична година за тебе. По што најмногу ќе ја паметиш?


Професионално по концертите во Амфитеатарот во Охрид и во Хераклеа. Ова бешe голем подвиг, многу несигурен од повеќе аспекти, бидејќи се случија за прв пат од кога се наоѓаме во глобална пандемија.  Имав и други поводи да бидам среќна и искрено сум задоволна од она што сѐ можев да сработам во оваа ситуација.  Годинава се посветив и на работа во студио, песната „Порок“ е една од неколкуте кои ги снимив но само неа ја објавив, бидејќи темелно подготвувам албум без зададен рок на издавање. Има и еден настан кој ме направи многу среќна, а тоа е концертот на Кале по повод 30 години од независноста на Македонија каде пеев македонски евергрини и соработував со оркестарот на Филхармонија, Здружението на џез-музичари и маестро Емин Џијан.



  1. Твојот немирен темперамент постојано се отсликува и во твоите песни, како и на твојот физички изглед. Особено изминатава година имаше периоди каде што се претстави во еден поинаков стил, но и во нова фит-форма. Како би го опишала целиот процес на трансформации?


Не верувам дека по ова би посакала уште една трансформација. До сега имав многу обиди да ја задржам формата во пристојна состојба и не ми одеше добро, бидејќи сè беше врзано за термини и слободно време. Овој пат се трудам здравиот начин на живот и спортот да ми станат секојдевна навика. Пред сè, поради добрата енергија која ми е повеќе од потребна за растењето на моите деца и професионалните обврски.  Но, морам да кажам дека сè уште не ми се допаѓа притисокот кој ние жените го имаме од медиумите во врска со нашиот изглед.  На светската сцена поинаку се гледа и овие притисоци се во насока да се охрабрат музичарките и пејачките да бидат комотни со својот изглед, дури и кога имаат вишок килограми.  Песната која ќе ја испееме ако ја допре душата тоа е она на што најмногу треба да биде фокусот и на публиката и на медиумите.



  1. Што значи за тебе здрав живот“?


Здрав живот покрај здравите навики за мене е и добро организиран ден. Ден во кој ќе ми остане време за семејството и релаксација. Јас најнездраво живеев кога „согорував“ од работа. Но, бев и многу помлада, па сакав и да се забавувам. Сега најголема забава ми е одење во природа со семејството.

  1. Како мајка на две деца, кои здрави навики сакаш да ги пренесеш на Хана и Дарен? Истите кои секоја мајка и татко би ги пренеле на своите деца. Но, она на што сакам да ги научам е да бидат емпатични, да знаат дека тоа што се привилегирани да имаат сè што ќе посакаат не паѓа од небо, дека за тоа се работи и се заслужува. Сакам да бидат со оние вредности кои јас ги ценам кај луѓето.




  1. Што правиш во слободно време? Што е она што те инспирира и релаксира?


Спијам, кога сум вистински слободна, а тоа е само кога мојот сопруг ќе замине на викенд во Гевгелија заедно со децата во посета на бабата и дедото,  јас имам два пријатела Нетфликс и спалната соба. Такво слободно време ретко кога имам.

  1. Дали си гурман и ако треба да издвоиш некоја светска кујна, тоа би била..?


Се сменив. Не сум гурман и воопшто не се восхитувам на специјалитети како порано. Сега храната ми е енергетско средство и пакет од хранливи вредности потребни да се издржи денот и да се задоволат сите нутриционистички потреби. Ова се случи од кога го сменив начинот на исхрана и приоритетите во животот. Сакам на две недели еднаш да се почестиме сите со некаков специјален оброк дома или во ресторан и тогаш пак јас сум таа која ќе изеде само салата.

  1. Бидејќи редовно спортуваш, што би сакала да им кажеш на сите на кои им недостасува мотивација?


Колку  пати да се откажете од спорт никогаш не доцна повторно да почнете.



  1. Кои се твоите планови на музички план за 2022 година?


Професионално за разлика од порано немам планови, но имам желби за наградба  на процесот на создавање музика. Размислувам за соработки со музичари со кои ќе работам заедно и авторски на мојата музика. Се радувам што по низата успеси можам да си дадам слобода на креативност и да видам што таа работа ќе донесе.



  1. За крај, што посакуваат Хана и Дарен да им подари Дедо Мраз?


Хана не е многу превозбудена околу Дедо Мраз, бидејќи мисли дека не може тој да ѝ подари нешто повеќе од тоа што ќе го побара од нас. Изгледа сме ја разгалиле. За Дарен ќе биде интересно, бидејќи е на возраст кога децата прв пат се радуваат на гостинот од Лапонија и подароците што ќе му ги донесе.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>