м-р фарм Соња Пецевска
|
Супстанциите кои преку нивниот механизам на дејствување го зајакнуваат имунитетот и со тоа ја зголемуваат отпорноста на организмот и неговата ефикасност во одбраната од туѓите штетни влијанија се нарекуваат имуномодулатори. Ако тие имаат позитивен ефект врз имунолошкиот систем, тоа се имуностимулатори, а доколку имаат ефект на потиснување, имуносупресиви.
Бета-глуканите се супстанции кои спаѓаат во првата група, односно преку нивниот механизам на дејство го зајакнуваат имунитетот, со што го прават нашиот организам подготвен во борбата со вируси и бактерии и пред тие да дојдат во контакт со него. По својот состав тие се полисахариди чии молекули се поврзани со бета-гликозидни врски. Структурата на бета-глуканските молекули и видот на гликозидната врска во нив е од големо значење, затоа што предизвикува сосема друг биолошки и имунофармаколошки ефект. Голем број на студии кои се занимаваат со проучување на имуномодулаторни ефекти на бета-глуканите засега потврдуваат дека најактивна форма е 1,3/1,6 бета-глукан од квасец.
Кое е неговото дејство врз организмот?
Тој работи на стимулација на формирање на коскената срцевина, а со тоа се активира и производството на леукоцити и тромбоцити одговорни за борба против инфекции. Ги активира макрофагите, леукоцитни клетки, чија главна задача е заштита од напади на туѓи клетки на нашето тело. Кога бета-глуканот ќе се поврзе со рецепторот на макрофагите, макрофагите се активираат и стануваат дури 7 пати поефикасни во препознавање и уништување на причинителите на инфекција. Бета-глуканот има способност да ја зголеми имунолошката активност за 50-120 % веќе во првите 72-96 часа после пероралното земање. Исто така, индиректно го зголемува ослободувањето и засилената активност на ензимите: лизозимот, еластаза, колагеназа и ослободувањето на цитокини. Сето ова придонесува за побрз и посилен одговор на организмот на патогени што е докажано со зголемена отпорност на организмот на инфекции, но и намалување на симптомите и побрзо закрепнување на постојните инфекции.
Бета-глуканската активност започнува меѓу 24 до 72 часа по внесувањето, па има смисла да се земаат бета-глукански производи и кога симптомите веќе се присутни, а не само превентивно.
Бета-глуканот и неговите имунолошки својства се особено добри против симптомите на настинка, грип и респираторни инфекции на горниот респираторен систем предизвикани од вируси. Испитувањата покажаа дека глуканите помагаат во ублажување на симптомите на овие болести и му помагаат на организмот да се справи со вируси, па дури и бактерии отпорни на антибиотици.
Бета-1,3/1,6-глукан се смета за еден од најбезбедните имуномодулатори, според студиите достапни до денес. Во 2008 година FDA (Американска администрација за храна и лекови) му додели на бета-глукан од квасецот
Saccharomyces cerevisiae GRAS статус (статус на храна и лекови, што значи дека тие се безбедни за примена). Бета-глуканот е многу безбеден за употреба, но при изборот на бета-глукан важно е да се има предвид дека станува збор за висококвалитетна суровина, затоа што одредени состојки кои можат да бидат присутни во ѕидот на клетките од квасец може да интерферираат во апсорпцијата на бета-глуканот. Имено, прочистувањето подразбира отстранување на манопротеини и липиди од ѕидот на клетките од квасец за време на производствениот процес, и е еден од императивите за да се постигне зголемена биорасположивост. Минималните препорачани дози со одредена очекувана ефикасност се 250-500 мг бета-глукан.
За детално читање на овој текст, погледнете на 20-21 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2021).