проф. д-р Ивица Смилковски
професор по Клиничка трихологија и Акнеологија
101 Skin Clinic
|
Живееме во време кога физичката убавина е повеќе од битна. Не само што таа надворешна убавина понекогаш ни помага полесно да најдеме работа, да бидеме повпечатливи, едноставно кажано полесно да дојдеме до посакуваната цел, туку таа ни дава и самодоверба, самопочит и самосигурност.
Меѓутоа, физичката убавина не е дадена еднаш засекогаш. Напротив, кожата како репрезент на таа физичка убавина бара континуирана нега, грижа и внимание. Доколку навреме започнете правилно да ја негувате вашата кожа таа ќе блеска и во вашата шеста и седма деценија од животот.
„Грижете се за Вашата кожа. Таа е облека која ќе ја носите секој ден до крајот на вашиот живот.“
Тип на кожа и знаци на стареење на кожата
Стареењето на кожата развива неколку знаци:
- Истенчување на кожата
- Брчки
- Сончеви дамки (кафеави дамки после изложување на сонце)
- Неизедначен тен на кожата
- Опуштеност на кожата
Многу мал број на студии разгледувале колку брзо се појавуваат овие знаци на стареење кај различен тип на кожа. Само три студии суштински го анализирале ова прашање. И се чини сите укажуваат на фактот дека стареењето на сувата кожа е побрзо отколку стареењето на масната, кожа склона кон акни.
Студија # 1: Сувата кожа може да се истенчи побрзо од масната
Во оваа студија, истражувачите разгледувале стареење на кожата кај 60 жени на возраст помеѓу 39 и 55 години. Тие ги поделиле жените во две групи според типот на кожата: Група 1 за сува или нормална кожа и Група 2 за масна кожа. Научниците потоа направиле различни мерења на женската кожа во двете групи. И ги споредиле резултатите.
Истражувачите откриле неколку разлики. Но, кога станува збор за стареењето, најважната разлика е во тоа што жените во Група 1 имале потенка кожа во споредба со жените во Група 2. Како што претходно напоменавме, истенчувањето на кожата е еден од знаците на стареење на кожата. Со други зборови, жените со сува или нормална кожа имале потенка кожа. А поради тоа и веројатно кожа со постар изглед отколку жените со масна кожа.
Ова е добра вест за луѓето склони кон акни, чија кожа има тенденција да биде масна. Овие резултати сугерираат дека кожата склона кон акни може да се истенчува побавно. И на тој начин да изгледа младешки подолго време, за разлика од сувата кожа.
Од друга страна, истражувачите не откриле никакви разлики во брчките помеѓу двете групи. Со други зборови, кога станува збор за брчки луѓето со сува/нормална кожа и луѓето со масна кожа ги развиле овие знаци на стареење приближно со иста брзина.
Студија # 2: Сувата кожа може да развие подлабоки брчки отколку масната
Во оваа студија истражувачите сакале да видат дали поголемиот број на лојни жлезди во кожата (жлездите кои произведуваат себум) го забавува развојот на брчките. Ако е така, ова би сугерирало дека сувата кожа треба да развие брчки побрзо од масната.
За да одговорат на ова прашање, научниците анализирале примероци на кожа од мажи и жени кои починале на различна возраст, од дваесет до деведесет години.
Истражувачите го измериле бројот на лојни жлезди во кожата на земените примероци, а, исто така, ја разгледале длабочината на брчките во кожата. Откриле дека луѓето кои имаат повеќе лојни жлезди во кожата на челото имаат само плитки брчки. Со други зборови, се чини дека себумот од кожата ја штити кожата на челото од брчки.
Овие откритија сугерираат дека сувата кожа, која произведува помалку масло (себум) во кожата, може побрзо да развие подлабоки брчки и со тоа да старее побрзо од масната кожа.
Студија # 3: Кожата без акни може да старее побрзо од кожата склона кон акни
Во оваа студија истражувачите сакале да видат дали страдањето од акни кај младите може да го забрза или да го забави стареењето на кожата подоцна во животот. Изненадувачки, тие откриле дека луѓето кои никогаш немале акни може да покажат знаци на стареење на кожата побрзо во споредба со оние кои имале акни. Со други зборови, развојот на акни може да го забави стареењето на кожата!
Прво, истражувачите испитувале женски близнаци дали некогаш страдале од акни. Потоа, анализирале примероци од крвта и кожата на жените и извршиле генетски тестови за да бараат знаци на стареење на кожата на клеточно ниво. Откриле дека жените кои немале акни имале два генетски знака дека нивната кожа може да старее побрзо во споредба со жените кои страдале од акни.
Оваа студија е фасцинантна. Но остава многу неодговорени прашања. Како акните ја штитат кожата од стареење? Или дали е само случајност што луѓето кои страдале од акни се случува да стареат побавно?
Покрај тоа, студијата не е совршена. Прво ограничување е дека истражувачите знаат само од одговорот на прашалникот на учесниците дали имале акни во младоста. Со други зборови, научниците не ја потврдиле информацијата со проверка на медицинските досиеја на учесниците. Ова остава можност за грешки. Второ ограничување е дека студијата разгледувала само женски субјекти. Со други зборови, не знаеме дали резултатите се однесуваат и на мажите.
Заедно, резултатите од овие три студии имплицираат дека сувата кожа без акни може да старее побрзо отколку масната, склона кон акни. Сепак, овие наоди се прелиминарни. И потребни ни се повеќе студии пред да можеме да донесеме цврсти заклучоци за тоа дали и колку стареењето е поврзано со различниот тип на кожа.
360 комплексна анализа на кожа – современа компјутерска дијагностика на кожа
Понекогаш најтешкиот дел од пронаоѓањето на вистинскиот третман за вашата кожа е одредување на проблемот. Додека одредени козметички проблеми се лесни за идентификација, други може да бидат потешки. Затоа е многу корисно да се добие целосна комплексна анализа на кожата. Со 360 комплексна анализа на кожа не само што може да се утврди кои естетски недостатоци можат да бидат присутни во вашата кожа, туку може да го одреди и најадекватниот третман, како и правилниот тек на третманот.
Што е тоа 360 комплексна анализа на кожа?
360 комплексна анализа на кожа е неинвазивен начин за утврдување на сите недостатоци на кожата кои не се видливи со голо око, значи недостатоци кои се наоѓаат во длабоките слоеви на кожата. Се работи за специјален дијагностички уред со чија помош а преку специјални вградени филтри и чипови во комбинација со вградениот софтвер може да ги собере и да ги открие скоро сите козметички и естетски недостатоци, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на: хиперпигментација, акни, лузни од акни, брчки, оштетувања од сонцето, розацеа, зголемени пори, нерамна текстура, порфирини, кафеави дамки и други неправилности на кожата. И тоа не само на нејзината површина, туку и длабински, дури до најдолниот слој од кожата, хиподермис, кој е невидлив за човечкото око.
Кои се придобивките од 360 комплексна анализа на кожа?
Денес има толку многу видови на производи и третмани за нега на кожата што е тешко да одлучите кој од нив е најдобар и најсоодветен за потребите на вашата кожа. Наместо да претпоставувате, испробувате, па дури и погрешите, подобро е да можете однапред да го одредите вистинското решение за вас. Преку креирање детален и целосен профил на вашите карактеристики на лицето, вие, заедно со помош на нашите доктори специјалисти, можете да разговарате за целосен курс на третмани специјално дизајнирани за постигнување на вашите естетски цели.
Целиот процес е брз и лесен. Системот за комплексна анализа на кожата работи брзо, овозможувајќи ви да ги добиете информациите што ги барате побрзо од кога било. Анализата е целосно неинвазивна, што ја прави побезбедна од другите форми на анализа.
Индивидуален план на третмани
Врз основа на 360 комплексната анализа на кожата и добиените резултати се изработува полесен и попрофесионален водич, кој опфаќа сет на третмани и опции за корекција и отстранување на сите проблематични области на кожата.
360 комплексната анализа на кожата не само што нуди опции за третман и нега кои би биле најадекватни за вашата кожа, туку и го следи прогресот во третманот. На тој начин покрај визуелниот ефект кој е видлив со голо око, ќе можете да ги следите и корекциите и промените во подолните слоеви на кожата кои не се видливи со голо око.
За детално читање на овој текст, погледнете на 22-23 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2021).